Земјите од регионот ќе се соочуваат со сериозни предизвици, по примената на ембаргото за увоз на руски гас и нафта, а Бугарија и Грција „спасот“ го бараат во регионалната дистрибуција на природен гас
Бугарија и Грција постигнаа договор да ја истражат можноста за заеднички испораки на гас за Југоисточна Европа и да ја намалат нивната зависност од рускиот гас за време на војната во Украина. Бугарскиот снабдувач со гас „Булгаргаз“ и грчката компанија за гас ДЕПА ќе бараат можности за снабдување со гас во регионот.
Бугарската влада се обидува да најде решение за снабдување со природен гас, откако „Газпром“ на 27 април ја прекина испораката на гас за Бугарија, што задоволуваше повеќе од 90 отсто од потребите за гас. Одлуката на руската компанија дојде по одбивањето на официјална Софија да плаќа во рубли.
Бугарија сега се залага за регионална соработка, која би вклучила подобра употреба на инфраструктурата за гас и електрична енергија, како и заеднички набавки на гас од ЕУ за да се намали зависноста од рускиот увоз. Неделава во Софија се состана работната група на ЕУ за следење на снабдувањето со гас во регионот.
– Бугарија, која во моментов транспортира руски гас до Србија и до Унгарија, може да транспортира и повеќе од 20 милијарди кубни метри гас годишно преку својата гасоводна мрежа на север до остатокот од Европа – рече вицепремиерот Асен Василев.
Двете компании од Бугарија и од Грција се согласија да започнат заедничко купување течен природен гас (ЛНГ), што треба да ја зајакне нивната преговарачка позиција, изјави за новинарите грчкиот министер за енергетика Костас Скрекас.
Грција планира наскоро да го удвои капацитетот за складирање на нејзиниот единствен терминал ТПГ во Ревитуса во близината на Атина и да изгради нов терминал за течен природен гас во Александрополи до крајот на 2023 година.
Гасниот интерконектор ИГБ меѓу двете земји, кој ќе транспортира гас од терминалот ТПГ и азербејџанскиот гасовод до Бугарија, треба да профункционира во јули, додаде грчкиот министер. „Булгаргаз“ потпиша договор со бугарска компанија за почеток на изградба на гасна врска со соседна Србија.
Бугарија, исто така, побара да биде изземена од спроведувањето на нафтеното ембарго од ЕУ кон Русија, но од Европската комисија не ѝ беа понудени отстапки во поглед на роковите на примената на санкциите кон Москва.
Како што информираа медиумите, хрватската влада се залагала да добие време од две години за потребите на работењето на рафинеријата за нафта во Риека, за да може да увезува деривати за производство на дизел.
Европската комисија неделава предложи измена на планот за ембарго на руската нафта за да се придобие согласноста од неколку членки во Унијата. Овие отстапки се однесуваат за Унгарија, Словачка и Чешка за да можат да се приспособат на ембаргото. Унгарија и Словачка би можеле да купуваат руска нафта, која се дистрибуира преку нафтовод, до крајот на 2024 година, а Чешка до јуни 2024 година. Првобитниот предлог на ЕК предвидуваше земјите на ЕУ да го прекинат купувањето руска нафта во рок од шест месеци од нивното донесување.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно изјави дека на неговата земја ќе ѝ бидат потребни период од пет години и големи вложувања на домашните рафинерии за да може да се премине на нов систем на снабдување со нафтени деривати. Унгарија досега се потпираше на увоз на руска нафта, која покриваше 65 отсто од потрошувачката на овој енергент.
Грција изразила незадоволство што ЕК во предлогот на новите санкции кон Русија предвидува и забрана за превоз или осигурување на транспортот на руската нафта за другите купувачи во светот.
Подготвил: Митко Јовановски