На 119-годишнината од смртта на македонскиот идеолог и водач ги одвојуваме пишувањата на весникот „Прапорец“ и на списанието „Македонија“ од 1903 година. Нивните објави се најавтентично сведоштво за легендарниот македонски национален херој, бидејќи покрај основните биографски информации, ја дознаваме и суштината на неговата идеологија
АРХИВСКИ СВЕДОШТВА ЗА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА МАКЕДОНСКИОТ ВЕЛИКАН ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
За ликот и делото на великиот македонски национален херој Гоце Делчев се објавени многу историски трудови од повеќе македонски и странски автори. Но од денешна перспектива, кога Софија го спори македонскиот карактер на Делчев, особено се важни видувањата на неговите современици. Во период од неколку недели по смртта на македонскиот великан, неколку весници и списанија од Бугарија објавија статии во кои ја обележаа неговата смрт. На 119-годишнината од смртта македонскиот идеолог и водач ги одвојуваме пишувањата на весникот „Прапорец“ и на списанието „Македонија“. Нивните објави се најавтентично сведоштво за легендарниот македонски национален херој, бидејќи покрај основните биографски информации, ја дознаваме и суштината на неговата идеологија.
Чедо на својот народ и олицетворение на цела епоха
На 7 јуни 1903 година, бугарскиот весник „Прапорец“, официјален орган на бугарската Демократската партија, на својата насловната страница со еден поопширен текст ја соопштува веста за смртта на Гоце. Статијата го носи насловот „Гоце Делчев“, нејзиниот автор или автори не се познати, а весникот пренесува дека е од „почитувачите на покојникот“. „Прапорец“ ја објавува и фамозната фотографија на Делчев, која денес сите ја препознаваат, а во нејзината легенда можеме да прочитаме: „Пронижан од непријателски куршум, падна во с. Баница, Серска каза.“
Во статијата, покрај основните биографски податоци дека е роден во Кукуш на 27 јануари 1872 година, дека се запишал во Военото училиште во Софија и дека бил учител во Штип, авторот или авторите се потрудиле да го соопштат неговото значење за македонското револуционерно движење. Можеме да прочитаме дека откако Гоце го напуштил учителствувањето „станал горски цар и справедлив судија на случајни и стари процеси меѓу селаните и граѓаните, апостол на слободата и дејствувачки организатор на револуционерна Македонија.“
Според објавата на „Прапорец“, Гоце Делчев е „олицетворение на цела епоха. Чедо на својот народ.“ Во понатамошниот дел, многу јасно се образложува неговата идеологија, но и идеологијата на целото македонско револуционерно движење. Во овој дух се вели дека Гоце Делчев се борел за слободата „како нераскинливо право на сите населени во нашата татковина, без разлика на вера и народност.“
На крајот од статијата можеме да прочитаме: „Историјата – зошто тој ѝ припаѓа на неа – сестрано ќе го оцени Делчев; но ние, неговите современици, ако судиме за десетиците самоотруени и самоубиени херои, умрени со насмевка на устата и спокојство на лицето во минути на неодолива опасност, – ако судиме само по тоа, не можеме да не коленичиме пред тој велик учител на слободата, којшто ги заслужи своите ученици и не беше посрамотен ниту од еден од нив.“
Започнал да ги буди заспаните гени на Македонецот
Во мај 1903 година, илустрираното списание „Македонија“, уредувано од Милан Грашев и од Михаил Копанов, објавува една поширока статија за ликот и делото на Делчев. Според „Македонија“, Гоце во Штип бил посветен во револуционерната организација и благодарение на „железната волја“ бргу го привлекол вниманието на Централниот комитет, кој ополномоштил да го „свика страдалниот роб на оружје и да го прсне семето на слободата.“
Во понатамошниот дел можеме да прочитаме дека Гоце ги „пројавил блескавите дарби на одличен организатор“ и со „вдахновение на древен пророк го кренал тешкиот крст на правдата и слободата“ во „светата татковина“ и започнал да ги буди заспаните гени на Македонецот, да ги освестува умовите, да влева живот во срцата и огин во крвта. Според пишувањата на весникот, Гоцевата слава како виор се пренела по сите катови на „благословена Македонија“ како „епски херој“. Статијата завршува со зборовите: „Ние ја оставаме историјата да се произнесе пошироко и критично за Г. Делчев.“ Д.Ст.