Македонија не смее никако да подлегнува на оваа еуфорија „сега или никогаш“, туку јасно да стави до знаење дека условите за преговори ги исполнила и чека датум, без никакви други притисоци и условувања од кого било. Македонија мора да остане на европскиот колосек, но само преку важечките европски критериуми, а не на оние на Бугарија, кои се и антиевропски, антицивилизациски и противмеѓународноправни
Последниот период одново се придвижи политичко-дипломатската машинерија а креирање надежи дека, еве, на јунскиот самит Европската Унија конечно ќе донесе одлука за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Македонија.
Во таа машинерија одново профункционираа сите ‘рѓосани запченици, почнувајќи од бугарскиот премиер Кирил Петков и неговите најави дека е можно Бугарија во јуни да го одложи ветото и да овозможи старт на преговорите, преку „екстремно разочараниот“ еврокомесар за проширување Вархеји и неговото очекување „сега да ја биде работата“, до американското тапкање по рамо дека прашањето со источниот сосед мора итно да се затвори заради безбедносни причини.
Таа забревтана машинерија последниве денови фрла облаци пареа на сите страни и се чини дека во истите облаци одново се подизгубија домашните политичари, кои по безбројните разочарувања со години, повторно како да ги зафатија хамлетовското лудило и вечната дилема на моментот и фамозното „да се биде или не“.
Токму овдешната импресионираност од таа навидум забревтана машина за креирање надежи може да ја доведе Македонија во ситуација „да не ја биде“, што ќе биде погубно за државата и за нацијата.
Имено, бугарскиот премиер Петков неодамна излезе со луциден предлог тие да го одложат ветото во јуни и на некој начин да покажат кооперативност, но за возврат Македонија да се согласи отворените прашања со Бугарија да ги решава понатаму во текот на преговорите со ЕУ, односно пред секое отворање на преговарачко поглавје да виси некое постојано бугарско вето ако ги одбиеме нивните барања. Дури и самиот Петков кажа дека во овој момент Софија поставила премногу услови што земјава тешко би можела да ги исполни, но ако тие се расцепкаат во текот на преговорите, тогаш Бугарија лесно ќе ја оствари својата цел. А нивната намера е кристално јасна, објаснета точка по точка во негирачката и штетна по Македонија декларација усвоена во бугарското собрание.
Според харвардската логика на Петков, тоа значи дека Македонија во текот на еден долгорочен процес од 10 или 20 години преговарање со ЕУ ќе мора да ги имплементира сите заклучоци од бугарската декларација, со други зборови пред самиот влез во Унијата целосно да се демакедонизира, а во меѓувреме да остави доволно простор за бугаризација преку инсистирањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав пред почетокот на преговорите.
Ова е јасно како ден и нема потреба да се бараат никакви поинакви толкувања на целата оваа бугарска идеја, бидејќи истата лекција Македонија ја научи со прифаќањето на Преспанската спогодба.
И додека некој во оваа држава сè уште е убеден дека македонскиот идентитет бил забетониран во Нивици, во практика се гледа дека тој бетон од Нивици не само што попуштил туку пука по сите основи. Одеднаш прво инцидентно почна да се употребува терминот „северномакедонски“ за идентитетот и јазикот, за потоа да зачести насекаде, па македонското МНР не можејќи само да се справи со ова „северномакедонско цунами“, да почне да апелира и до граѓаните да пријавуваат вакви „прекршувања“ на спогодбата од Нивици, небаре тие се виновни што некој друг ја „упрскал“ работата.
Во тој контекст, НАТО веќе почна да ја употребува кратенката НМ, објаснувајќи дека државите се шифрираат според првите две букви од името.
А претходно, повикувајќи се на Преспанскиот договор, некои политичари нѐ убедуваа дека ќе останела кратенката МКД. Се покажа, за жал, дека и ова е шарена лага.
Кој ќе гарантира дека утре некоја следна меѓународна институција нема да се повика на некое свое шифрирање и нема да ја именува земјава со кратенката НМ, наместо кодот МК, па тоа да стане вообичаена практика. Па, само тој код МК ни остана единствената работа што ја зачувавме со Преспанската спогодба, сè друго отиде во неповрат.
Токму поради горенаведеното, сега треба да се отворат четири очи кога Бугарија нуди некакво одложување на ветото.
Факт е дека Бугарија ова не го прави сама. Грција го започна, а Софија треба да го финализира процесот на затворање на македонското прашање на Балканот со едноставно бришење на македонскиот народ. Целата работа се одвива под превезот на наводните евроинтеграции, во кои за 20 години во ЕУ би влегла територија на граѓани со три коси црти, без националност, односно граѓани на некаква северна територија на која сите ќе полагаат право. Веќе е креиран новиот „северномакедонски“ идентитет, кој низ процесот на преговори со ЕУ сè повеќе ќе се одомаќинува тука, во согласност со новото име на државата.
Од тие причини треба да се тргнеме понастрана од забревтаната машина за креирање лажни надежи и да почнеме да живееме во реалноста. Македонија нема никаков проблем со Европската Унија, туку, напротив, ги исполни сите критериуми за почеток на пристапните преговори и Европа треба да почне да преговара. Брисел нека си ги решава проблемите со Бугарија, нека ја притиска, нека ја условува, нека ѝ прави што сака, оти очигледно проблемот е кај нив.
Македонија не смее никако да подлегнува на оваа еуфорија „сега или никогаш“, туку јасно да стави до знаење дека условите за преговори ги исполнила и чека датум, без никакви други притисоци и условувања од кого било. Чисти европски критериуми како што важеле за сите земји при приемот во Унијата.
Брисел може да го реши проблемот со бугарското вето, се разбира ако искрено сака. Предлогот е јасен и правно издржан, Македонија да ги започне преговорите со ЕУ под истите услови како што тоа го направила Бугарија, односно под истите критериуми што ги исполнила Бугарија, ни повеќе ни помалку. Ако Бугарија кога преговараше со Унијата потврдила дека нема отворени прашања со соседите, вклучувајќи и со Македонија, тогаш ЕУ треба веднаш и неодложно да го суспендира бугарското вето врз основа на сегашните лажни и неосновани тврдења на Софија.
Затоа треба на сета оваа еуфорија што одново се подгрева да се влезе со трезвени глави. Мора добро да се анализира која е цената што Македонија ќе ја плати ако ги прифати бугарските уцени само за да одржи церемонијален настан на кој би бил означен почетокот на преговорите, кои суштински ќе почнат дури две години потоа. Досега барем едно требаше да ни стане јасно, дека грешките тешко се исправаат, а штом еднаш нешто ќе се прифати, тоа може да има далекосежни последици за нацијата и државата и нивната иднина.
Во време кога на европско тло веќе беснее војна, а сè почесто се слушаат изјави дека таа може да се прошири, кога во светот галопира инфлацијата, а енергентите и храната стануваат сè поскапи, крајно време е домашните политичари да се свртат кон состојбите дома наместо да живеат во некакви илузии за Европа, која ниту самата не знае каде се движи.
Македонија мора да остане на европскиот колосек, но само преку исполнување на вистинските европски критериуми, а не на оние што Бугарија ги нарекува европски. Тоа треба да биде нашата задача. Во вакви чувствителни времиња, никогаш не треба да се брза, оти, како што вели нашиот народ, „брза кучка, слепи кучиња раѓа“. Нема дилема дека со Бугарија треба да се разговара, ама за инфраструктура, економија, култура, образование, медицина, но и за правата на македонското малцинство во Бугарија Секакви други преговори за идентитетот, јазикот, историјата воопшто не доаѓаат предвид и тоа треба јасно да ѝ се стави до знаење на Софија, но и на Брисел. Само така ќе го зачуваме уште она малку достоинство што ни остана.