Непосредно прикажувајќи ја искривоколченоста на светот преку очите на маргиналецот, Драги Михајловски во „Ѓон“ успешно го проникнува инспиративниот модел на цепенковската нарација со суптилна, а разиграна, често духовита, инвенција на еден неоспорно современ писател. Притоа, забележливо е благотворното влијание што врз неговата раскажувачка техника ја има американската современа практика – од хемингеевската непосредна умешност во водењето на дијалогот до ноншалантната, карверовски сродна, сентименталност. Во спој со често мајсторски водената постапка на „карневализација“, што, пак, го доближува Михајловски до една друга, неурбана линија во развојот на македонскиот фантастичен расказ, убедливо зачната кај Чинго, меѓу современиците на Михајловски кај Васе Манчев, а во следната генерација, во прозата на Ермис Лафазановски и на Блаже Миневски. Од друга страна, „американската“ едноставност и леснотија на кажувањето „што тече“ ги поттикнува расказите во „Ѓон“ да бидат читливи, дури, и покрај трагикомичноста, ведри.
И уште еднаш би напоменал – проточни, во онаа смисла што луцидно ја забележува Шелева во сепаратот „Нова македонска проза“, печатен во белградската „Књижевна реч“ во 1989 год.: „Подбивајќи му се на самиот поим на ерудицијата, книгата, библиотеката (што во борхесовското крило на постмодернистичката проза е – статусно повластен), Михајловски, низ постапката на карневализација, повторно ја оживува привлечната тема на донкихотизмот, темата на човекот во расчекорот на световите… Така, Флечер исходува како парадигма на карневалска луда, чија појава има ритуална функција. Погоден поради својата ментална амбивалентност (комбинација на наивноста и умноста), Флечер со својата жртва треба да ја оствари трансформацијата на светот во „весело страшилиште“, што е и основната функција на карневалот воопшто“. Несомнено и во „Ѓон“ инспириран од несводливоста на фолклорното чудесно и говорната разиграност на дијалектните психопроблесоци, Михајловски својата автентичност во контекстот на современата проза и тука ја гради врз изместената точка на гледање од една, слободно би кажал, градска перспектива, што своите отуѓени осаменици ги преместува, со сета нивна особеност, во некои само нивни истории, каде што можат да го симулираат вистинскиот живот.
„Вистинскиот„ повторно под наводници, зашто и симулакрумот е пореален од стварноста.
По „Ѓон“ се нанижаа неколку извонредни збирки раскази на Михајловски – „Скок со стап“, „Триполска капија“, „Раскази од шести кат“, „Пеперуткарот“ – за, од преминот меѓу милениумите, тој сѐ повеќе да се префрли на полето на романот, напоредно со интензивната преведувачка дејност. Како читател, навивав за расказите. Затоа што е непобитно дека Драги Михајловски се докажа како еден од најсуверените и највпечатливи творци на расказот во македонската литература, во чие раскажувачко мајсторство непобитно ужива секој што ќе ја дофати шансата да биде негов читател.