Податоците од истражувањето, кое е спроведено од Евростат во последните три месеци од 2021 година, покажуваат дека секој втор Европеец се обидува да си одреди „дијагноза“ за сопствената здравствена состојба преку пребарување на интернет. Во последните години, слични тенденции се забележани и кај македонските граѓани, кои се поподложни на влијанието на информациите што се пласираат преку социјалните мрежи
Истражување: Секој втор Европеец бара дијагноза за здравствената состојба преку интернет
Во последната декада сѐ повеќе жители во земјите од Европската Унија пребаруваат информации на сајтовите за здравство, а нивниот број е зголемен за 17 отсто во споредба со 2011 година. Податоците од истражувањето, кое е спроведено од Евростат во последните три месеци од 2021 година, покажуваат дека секој втор Европеец се обидува да си одреди „дијагноза“ за сопствената здравствена состојба преку пребарување на интернет. Околу 55 отсто од анкетираните лица, кои биле на возраст од 16 до 74 години, побарале онлајн информации поврзани со повреди, болести, исхраната и подобрувањето на здравјето. Во последните години, слични тенденции се забележани и кај македонските граѓани, кои се поподложни на влијанието на информациите што се пласираат преку социјалните мрежи.
Феноменот самодијагноза и самолекување и кај нас
Информирањето за здравствените тешкотии може да претставува сериозен ризик доколку луѓето се одлучуваат за самодијагноза и самолекување, потпирајќи се само на информации добиени преку интернет. Состојбата е слична и во Македонија и многу граѓани се обидуваат самите да си одредат „дијагноза“ и одлучуваат дали да се обратат на лекар или не. Матичните лекари со кои се консултиравме ни посочуваа примери за тоа како некои пациенти и пред да почне прегледот бараат упати за специјалисти за одредена област, само врз основа на информациите што ги добиле на интернет-страниците за здравство.
– Пациентите со следење на разните сајтови си прават самите паника. Тие носат самите погреши заклучоци за нивната здравствена слика. Медицината е сериозна наука, која се базира на многу истражувања и сознанија, а луѓето само врз еден симптом прават здравствената слика за себе. Пациентите можат да добијат некои основни познавања на интернет што можат да им помогнат, но тоа не значи дека треба да се лекуваат преку социјалните мрежи и разните групи на социјални мрежи на кои се пласираат и непроверени информации, а најчесто тие се од маркетиншки карактер. Да наведам и само пример за најлесна форма на кожно заболување има и обемна стручна литература, која може да ја примени само стручно и медицинско лице – вели Лилија Чолакова Дервишова, матична лекарка.
Кои се причините што граѓаните се одлучуваат за интернет-медицина?
Применувањето на медицински совети од интернет е последица на повеќе фактори и тоа зависи од повеќе фактори, како што се достапноста до социјалните мрежи, различната образовна структура и свест кај населението, но и од достапноста на здравствените услуги и развиеноста на здравствениот систем во некоја земја. Бројот на граѓани што барале здравствени информации на интернет е различен во секоја земја од ЕУ. Најголем број е регистриран во Финска, со 80 отсто од населението, потоа следуваат Холандија (77 отсто), Данска (75 отсто) и Кипар (74 отсто). Најмало учество е забележано во Бугарија (36 отсто), Романија (40 отсто) и во Германија (45 отсто). Истражувањето од 2020 година, за користењето на онлајн здравствените информации во САД, покажало дека најчести пребарувачи се лицата со факултетско образование и вработените на возраст од 35 до 54 години и лицата што остварувале приходи повеќе од 50 илјади долари. Ова значи дека постоел голем дигитален јаз, односно тие што немале пристап на интернет и до здравствениот систем, како и невработените и оние со помалку приходи, помалку барале здравствени совети на социјалните мрежи!
– Во Македонија преовладуваат пациенти од повозрасната старосна структура, кои не поседуваат вештини за следење на содржините на интернет. Населението кај нас претежно живее во рурални средини и тоа нема навика да бара информации за здравствената состојба. Постарите лица едноставно доаѓаат кај матичните лекари за да побараат медицински совет. Младата популација е поизложена на интернет-медицината и често од нив имаме барања за лекување по телефон или преку социјалните мрежи. Има случаи кога, во кој било дел од денот да ни бидат испратени податоци од лабораториска анализа или мислење од специјалист, бараат да има се пропише соодветна терапија. Повторувам дека лекувањето по телефон е невозможно, затоа што пациентот може да пренагласи или да занемари некоја информација што може да нѐ наведе на друг правец. Најдобро е пациентот да дојде лично на преглед и да се види општата здравствена слика, односно во каква физичка и психичка состојба е тој – нагласува Чолакова Дервишова.
За време на пандемијата многу од пациентите беа принудени да се информираат за симптомите и методите на лекување од ковид-19. Воведувањето посебен режим за лекување принуди многу граѓани да се зачленуваат на повеќе групи, кои беа отворани на социјалните мрежи и на кои беа давани и здравствени совети од медицински лица.