Голем број зелени површини беа направени изминатиот период во главниот град. Зелените површини се заштитени со закон. Паркирањето на нив е забрането и казниво. Сепак, тоа не е доволна причина за одредени неодговорни поединци да не ги паркираат своите возила на овие зелени површини
РАЗЗЕЛЕНУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ ИМА И СВОИ ПРОТИВНИЦИ
Зеленилото во голема мера му е потребно на еден град како Скопје. Градежната офанзива, бетонирањето, асфалтирањето и сето тоа, помалку, повеќе или воопшто во (не)согласност со урбанистичките планови, го зедоа својот данок. Сега Скопје има сериозен проблем со недостиг од зелени површини, а со тоа и проблем со загадување на воздухот. Тревата, дрвјата, па дури и цвеќињата се од круцијална важност за филтрирањето на воздухот и благодарение на зеленилото колку-толку ни се прочистува воздухот. Како еден од приоритетите на оваа локална власт се многубројните и големи зелени површини, креирање услови за нивно создавање и претворање на правливите површини во зелени паркови. За жал, Градот не може толку да направи колку што можат несовесните граѓани да уништат, особено возачите, кои своите возила сакаат да ги паркираат на зелени површини, чија намена воопшто не е за тоа.
Формиран нов зелен коридор во општината Бутел
Во населбата Бутел 1 неодамна беше формиран зелен коридор, потег што граѓаните го поздравија. Според нив, вакви катчиња секогаш се добредојдени, бидејќи допрва доаѓа летото кога сите сакаат да шетаат и да поминуваат повеќе време надвор.
– Изминатиов период интензивно се работеше на хортикултурно уредување на овој простор, кој со години е запуштен и сега доби нов лик и дополнително зеленило во овој предел од општината, по барање на граѓаните. Во следниот период ќе бидат завршени и зелениот коридор во населбата Радишани и дополнителни нови зелени површини низ населените места во сите скопски општини – истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Дека се работи на интензивно менување на ликот на општината Бутел нагласи и градоначалникот на оваа општина, Дарко Костовски. Тој нагласи дека наскоро ќе се започне со изградба на два нови парка и завршување на паркот во населбата Радишани, кој е во финална фаза.
– Град Скопје, заедно со ЈП „Паркови и зеленило“, продолжува со активности за уредување на нови зелени појаси низ населените места во Скопје, на кои се работи етапно, со поставување нов систем за полевање, нова вегетација, тревници и нови садници и целосно уредување, а во следниот период со уште поголем интензитет – посочи директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски.
Ново зеленило од 3.700 квадратни метри кај булеварот Србија во Аеродром
По налог на Град Скопје, екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ започнаа со активности за хортикултурно уредување на нова зелена површина на булеварот Србија, на потегот од булеварот Февруарски поход до булеварот АСНОМ во општината Аеродром, каде што заврши изградбата на велосипедската и пешачката патека во должина од 850 метри, на вкупна површина од 3.400 квадратни метри.
– Со реализацијата на овие активности, на овој запуштен потег во општината Аеродром ќе се формира нов зелен коридор на површина од 3.700 квадратни метри меѓу коловозната лента и велопатеката на булеварот Србија. Хортикултурното уредување се реализира етапно и опфаќа формирање нов тревник, садење нова вегетација и спроведување систем за полевање. Новопредвиденото зеленило го сочинуваaт листопадни и зимзелени садници, а
изборот на видовите е направен да се добие естетски и функционално уредена зелена површина – информираат градските власти.
И, сепак, голем број возила затекнати на зелени површини
За жал, многубројните напори на локалните градски и општински власти за раззеленување на градот со поставување зелени површини, кои се заштитени и забранети за уништување, се залудни, сѐ додека има граѓани што воопшто не ги почитуваат напорите на локалните власти за зазеленување на градот.
Инспекторите на Град Скопје во текот на изминатата недела при вршење редовни контроли деновиве санкционирале 72 граѓани што своите возила ги паркирале на зелени површини.
– Непрописно паркираните возила од јавните зелени површини се отстранети со специјалните возила пајак. Инспектори при контролите изрекле и 14 казни за паркирање на зелена површина, односно им оставиле белешки за парична казна по Законот за урбано зеленило – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека продолжува засилениот инспекциски надзор за да се овозможи почитување на прописите, a Инспекторатот продолжува со засилени контроли на јавните површини.
– Неселективно ќе се санкционираат сите што не го почитуваат законот – децидни се од Градот.
Инспекторите ги повикуваат граѓаните да ги пријавуваат несовесните возачи што паркираат на зелени површини за да можат да излезат на терен и да ги санкционираат. Наедно упатуваат и апел до граѓаните да ги чуваат јавното зеленило и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта низ градот.