Поради приведувањето на Шариќ и соработниците, на повеќе локации во Белград беше засилено присуството на полицијата

Невообичаено совпаѓање на две големи полициски хајки против наркобосови во Србија и во Хрватска. Во Србија е уапсен Дарко Шариќ, заедно со адвокати и полицајци од неговата мрежа, а во Хрватска полицијата завршила меѓународна криминалистичка истрага и уапсила 10 лица, осомничени дека шверцувале најмалку еден и пол тон кокаин од Јужна Америка

Медиумите во регионот на големо пишуваат за двете големи акции на српската и на хрватската полиција, кои временски се совпаднаа, па медиумите веќе ги поврзуваат, навестувајќи дека тоа треба да го означи падот на најголемиот наркоклан на Балканот. Ваквата врска, познавачите на состојбите ја гледаат во ликот на Дарко Шариќ, кој е уапсен во Белград, а се поврзува со уапсените во Хрватска, со тоа што, наводно, извесен период соработувале, а потоа тие му го убиле човекот од доверба што бил контактот со нив.

Србија

Во акција на српската полицијата, која ја опколила куќата на обвинетиот наркобос Дарко Шариќ на Дедиње, тој е уапсен за сосема нови кривични дела, а не за оние за кои веќе е обвинет од претходно. Сега тој е осомничен за организирање криминална група одговорна за неколку убиства во Србија и во Црна Гора. Претресот на куќата на Шариќ траел најмалку два и пол часа, а пред неговата куќа пристигнале десетина полициски возила. Припадниците на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) биле на улицата пред објектот.

На Шариќ повеќе од 10 години му се суди за меѓународен шверц на 5,7 тони кокаин, двапати беше осуден, но случајот беше вратен на повторно судење на почетокот на годинава. Нему му се суди и за перење на повеќе од 20 милиони евра пари од кокаин. За овој случај, тој е осуден на девет години затвор, но пресудата моментно ја разгледува Апелацискиот суд во Белград. Шариќ беше во бегство речиси четири години, а во 2014 година ѝ се предаде на полицијата. Тој беше во притвор до декември минатата година, кога беше префрлен во домашен притвор и престојуваше во куќата на Дедиње.

За време на престојот во притворот на Централниот затвор во Белград, Дарко Шариќ имал најмалку два, а се претпоставува дека дури пет сателитски телефони, преку кои е осомничен дека организирал трговија со дрога во глобално размери и нарачување кривични дела. Комуникацијата со најблиските соработници, на кои им издавал наредби, се одвивала преку заштитената апликација Скај.

Во големата меѓународна акција на „Европол“ и „Јуроџаст“, во која учествуваа и српската полиција и обвинителство, покрај Шариќ, уапсени се и повеќе полицајци, меѓу кои Данило Стојановиќ и Милутин Радовановиќ. Српски „Курир“ потсетува дека Стојановиќ и Радовановиќ неодамна биле уапсени под сомнение дека го претепале нивниот колега Милан В., инаку началник на „Интерпол“. Сите уапсени ќе бидат изведени на распит во Обвинителството за организиран криминал. За уапсените полициски службеници се верува дека подолго време биле на платниот список на Шариќ. Во големата акција се уапсени и навивачот Урош Мишиќ и адвокатот Дејан Лазаревиќ. Некои медиуми пишуваат дека меѓу уапсените има и судии, но засега тоа официјално не е потврдено.

Дарко Шариќ е поврзан и со организацијата на убиството на членовите на Шкаљарскиот клан, Алан Кожар и Дамир Хоџиќ, на Крф, како и со некои нарачани убиства во Црна Гора, пишува „Новости“.

Хрватска

Министерството за внатрешни работи на Хрватска потврди дека во соработка со УСКОК и со ПНУСКОК завршило меѓународна криминалистичка истрага при што се уапсени 10 лица. За нив медиумите пишуваат дека шверцувале најмалку еден и пол тон кокаин од Јужна Америка. Хрватското МВР, без да соопшти детали, извести дека криминалистичката истрага била насочена против криминални групи од областа на организираниот криминал, чии членови се осомничени за сторени најтешки кривични дела.

Хрватските медиуми веднаш ги објавија имињата на уапсените, а во прв план изби името на Петар Ќосиќ Шарац (51), кој се сомничи за убиството на Милан Миловац (47), кој наводно тесно соработувал со уапсениот наркобос Дарко Шариќ. Ќосиќ бил уапсен во 2011 година во акцијата „Догма“, за шверц на 339 килограми кокаин, и осуден на четири години затвор.

Во последнава полициска акција е уапсен и Оливер Чокара, кој минатата година бил осуден на шест и пол години затвор за шверц на 56 килограми кокаин од Еквадор, откриен меѓу банани во пристаништето Плоче. Оваа истрага е всушност продолжување на истата истрага за кокаинот во Еквадор, објави хрватски „Индекс“.
Српски „Блиц“ дознава дека овие апсења се поврзани со апсењето на Шариќ, односно уапсената група соработувала со наркобосот од Србија.

Според медиумите, со криминална организација од 10 лица раководел Петар Ќосиќ, кој од ноември 2019 година до 12 април 2022 година, ги поврзал другите осомничени и неколку други лица во Хрватска, Белгија, Шпанија, Германија, Грција, Босна и Херцеговина, Колумбија и во Еквадор за шверц на кокаин.

Како што соопштија од УСКОК, обвинителството го товари Ќосиќ дека набавувал кокаин, ги надгледувал неговиот транспорт и истовар, ги одобрил продажната и продажната цена, како и начинот на плаќање, а организирал и вадење кокаин од контејнери доставени во Хрватска, додека другите членови на оваа група го финансирале товарењето на кокаинот, го надгледувале транспортот, им платиле на соучесниците и ја презеле дрогата во пристаништето Плоче, која потоа ја делеле. На тој начин се прошверцувани најмалку 609 килограми кокаин, во вредност од над 17 милиони евра.

Во организацијата бил и Милан Миловац, познат како Цигла, кој во меѓувреме загинал во Еквадор, како последица на атентатот организиран од Ќосиќ, а кој бил незадоволен бидејќи Милан не воспоставил контакти со доставувачи на дрога од Еквадор и од Колумбија. Инаку, Миловац беше осуден во Србија на 11 години затвор како член на криминалната група на Дарко Шариќ и негов близок соработник.

Подготвил: Марјан Велевски