Компаниите бараат елиминирање на административните пречки за да инвестираат во фотоволтаици. Сметаат дека Владата може да го зајакне енергетскиот сектор со прогласување кризна состојба. Неизвесноста што ја наметна руско-украинскиот конфликт и непредвидливоста на ситуацијата, предупредуваат, може да доведе до нивно затворање и до отпуштања на вработените.
Како што беше кажано вчера пред средбата на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, со претседателите и потпретседателите на регионалните комори при Комората, ако некои компании плаќале по 800.000 денари струја, сега плаќаат два милиона денари, додека има и такви чии сметки биле по 100.000 евра, а сега се 300.000 евра и застануваат со производството.
– Во овој момент капиталот и ликвидноста се најважни, мора да се носат паметни одлуки, зашто се работи за преживување. Државата треба да ја разгледа можноста до крајот на годината да не ги зголеми даноците и другите давачки кон компаниите. Мора да се задржи и извозот и во тој сегмент да се обезбедат директни стимулации, без никакви посредници и провизии. Сериозен заканувач е и инфлацијата – вели Азески.
Комората предупредува и дека допрва следува одливот на работна сила кон туристичките дестинации, што ќе биде дополнителен проблем за бизнисот и причина за ослабнување на нашиот пазар.
Капиталот, порачува Комората, е оној што во овој момент може да успее заедно со административните институции да ја надмине кризата.
– Знаете како оди постапката за издавање дозволи за фотоволтаици пред административните органи. Со прогласување поинаква, кризна ситуација, Владата може да го зајакне секторот, да направи нешто што би им помогнало на компаниите побрзо да дојдат до дозволи, да можат да се приклучат на системот пред доаѓањето на зимата кога енормно ќе им се зголемат трошоците. Приоритет би ставиле на ова прашање зашто би дало најбрзи ефекти. Тука ќе бидат убедувањата во наредниот период – потенцира Азески.
Според него, ова не е време за големи стратегии, туку е време на преживување, велејќи дека никој не може да предвиди што ќе се случи со цената на гасот и енергентите ако продолжи руско-украинскиот конфликт, никој не знае ни колку ќе трае, а тоа доведува до тешка неизвесност.
– Решение е да ѝ помогнеме сите на државата, но да видиме дека и државата сака да си помогне себеси. Партнерски може да се надминат проблемите. Ќе ги оставиме суетите настрана, се работи за преживување, не можеме да ги дигнеме на рамо фабриките и да ги изнесеме, иако сега веќе и нема каде да ги преселиме. Сега треба да се свртиме кон капиталот, кон работникот, кој е составен дел на тоа милје, без него не можеме ништо да правиме, но сега капиталот треба да каже дека со скромна поддршка може да оствари најголеми ефекти – подвлече Азески.
Претседателката на Регионалната комора – Прилеп, Ирена Јакимовска, е децидна дека компаниите се подготвени да инвестираат во фотоволтаици, но имаат административни пречки од локалните власти.
– Ги замолуваме локалните власти да „штанцаат“ дозволи во секој момент, за да можеме да инвестираме и да надминеме барем еден дел од кризата. Сега е најбитно да ја задржиме ликвидноста, а така ќе ги задржиме и вработените – кажа Ирена Јакимовска.