Фото: Игор Бансколиев

Комисијата за заразни болести донесе одлука за незадолжително носење маски во училиштата, иако во државата сѐ уште има висок процент на активни случаи, но и секојдневни информации за новозаразени и починати лица. На светско ниво постои тенденција за намалување на рестриктивните мерки што се поврзани со пандемијата на коронавирусот, меѓутоа во повеќе земји маските мора задолжително да се носат на јавни собири или во затворени простории

МЕРКИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19 КАКО ПОВОД

Основците започнаа да ја посетуваат наставата со физичко присуство без задолжително носење маска, а Владата дозволи и започнување настава со физичко присуство на факултетите. Новите одлуки ќе важат до доставувањето нов евентуален предлог, а во меѓувреме Комисијата за заразни болести поднесе нов предлог до Владата и Главниот кризен штаб, кој предвидува учениците во средните училишта да не носат маски, по примерот на основците. Комисијата за заразни болести ги донесува своите одлуки врз основа на епидемиолошката состојба во Македонија, но останува прашањето дали е прерана мерката за незадолжително носење маски во училиштата.
Препораките на Комисијата за заразни болести се темелат врз основа на истражувањата што покажаа ниска трансмисија на вирусот. Според последните официјални податоци, вкупната бројка на лица дијагностицирани со ковид во Македонија од почекот на пандемијата изнесува 305.423, од нив 294.427 се оздравени пациенти, 9.214 се починати, бројот на активни изнесува 1.782, а најголем дел од нив е во Скопје, со над 1.000 позитивни случаи.
Но опасноста од коронавирусот и понатаму е реална, а тоа го покажуваат и податоците објавени од Светската здравствена организација (СЗО). Според извештајот на СЗО, во изминатата недела бројот на нови случаи е намален за 14 отсто од претходната недела, но бројот на починати е зголемен за 43 отсто. На глобално ниво, минатата недела со коронавирусот се заразиле повеќе од 10 милиони луѓе, а повеќе од 45.000 пациенти починале, а СЗО објасни дека поголемата смртност се должи на промената на дефиницијата за смрт од ковид во Соединетите Американски Држави и Чиле, како и променетите извештаи од регионот на Југоисточна Азија и Индија.

На глобално ниво се ограничува носењето маски во последните месеци, но во повеќе земји маските мора да се носат на јавни собири или во простории каде што вентилацијата не е најдобра. Во Јапонија не постои законска мерка за задолжително носење маски, но постојат силни препораки за јавните места. Во Германија носењето маска на отворено не е потребно, но тие се потребни кога луѓето се групираат или кога се во близина еден со друг. Француските власти силно го препорачуваат носењето маски во сите затворени простории, а носењето маски во затворени простории е задолжително и во Италија. Шпанија започна да ја третира инфекцијата со ковид како грип, меѓутоа носењето маски е задолжително на јавни места, како и во автобусите, возовите и авионите.
Во изминатиов период, свое мислење за ова прашање од јавен интерес искажаа и граѓаните, најчесто на социјалните мрежи, а имаше и организирано барање за незадолжително носење маски во училиштата. Сепак, висок е процентот на граѓани што сметаат дека е рано да се тргнат маските и тие треба и понатаму да се носат при престој во затворена просторија
Експертите посочуваат дека и покрај благото опаѓање на новорегистрираните случаи, препорачливо е носењето маски во затворен простор, особено за постарите и хронично болните лица. Во овој правец е и препораката на Комисијата за заразни болести дека оние ученици што ќе сакаат, можат и понатаму да носат заштита за време на престојот во училиштата.
Вирологот и микробиолог Миланко Шеклер вели дека коронавирусот нема да исчезне. Според него, „не можеме да се договараме со вирусот и да го насочуваме во правец секој нареден сој да биде позаразен и со благи симптоми“, но тој нагласува дека засега природниот процес на еволуција и искуство покажува дека најчесто се случува тоа.

Не е правило секојпат да биде позаразен, туку правило е дека ако стане позаразен, ќе биде помалку патоген. Поради зголемувањето на брзината на ширење ја губи силата или способноста да предизвикува повеќе тешки симптоми – вели Шеклер.
Како што објаснува Шеклер, тоа е долгогодишен процес, во текот на кој со помош на вакцините, прележувањето и еволуцијата треба да се приспособиме на вирусот.
Шеклер посочува дека ситуацијата се менува на подобро, но едно мора да им биде јасно на „паметните луѓе што не се вакцинирани“ – европските земји што ги укинуваат мерките го преминуваат прагот од околу 90 отсто што се вакцинирани, а додека во Србија е на 50 отсто.
Со други зборови, Миланко Шеклер сака да посочи дека олабавувањето на мерките е поврзано со бројот на вакцинираните. Колку е поголем бројат на вакцинирани, толку се помали шансите вирусот да се врати како бумеранг. Во спротивно, доколку бројката на вакцинирани е мала во рамките на една држава, тогаш постојат услови за повторно враќање на вирусот. Олабавувањето на мерките треба да зависи од бројката на вакцинирани луѓе. Шеклер вели дека негов впечаток е како што ќе се искачува бројката на вакцинирани, така да се олабавуваат мерките.


Сали: Додека има новозаразени, не може мерките одеднаш да се олабават

Вчера министерот за здравство Беким Сали, запрашан дали пред Денот на здравјето, 7 Април, ќе бидат укинати сите мерки за заштита од коронавирусот, рече дека додека секојдневно имаме по триста новозаразени од ковид-19, не може сите рестриктивни мерки одеднаш да се олабават.
Уште откога ја примив оваа функција, посакувам секој ден да биде денот кога ќе кажеме веќе нема рестриктивни мерки. Тоа е желбата. Но доколку ние секој ден имаме по 300 новозаразени жители од државата, тоа значи дека вирусот сè уште постои и ја чека најмалата можност да се развива, а потоа при почетокот на развивањето ни одзема недела-две за да можеме да стопираме. На секоја седница на Комисијата за заразни болести нешто олеснуваме, но не може сè одеднаш – рече министерот.
За процесот на вакцинација, тој истакна дека има одѕив, но не се сосема задоволни.