Фото: Игор Бансколиев

Со најновите повисоки субвенции што ги најави државата за домаќинствата и за компаниите станува поисплатливо да се инвестира во панели за сопствено производство на струја, со што на долг рок значително ќе им се намалат трошоците на граѓаните и на компаниите и од друга страна ќе се намали потрошувачката на струја од мрежата

Субвенциите за инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија, но и измени на законските одредби со кои ќе се овозможи домаќинствата да можат да инсталираат поголема моќност на фотонапонски системи за производство на струја креираат подобри услови за зголемено искористување на сонцето од граѓаните. Субвенциите за панели не се новина во земјава, но оваа година, во рамките на пакетот антикризни мерки е предвидена поголема сума, со што повеќе домаќинства можат да бидат опфатени со поддршка за поставување систем за производство на струја на своите покриви. Се најавуваат измени и во можностите компаниите да постават поголеми системи за производство на струја од сонце. Колку промените ќе доведат до поголема искористеност на сонцето и предностите што ни ги нуди поднебјето допрва ќе видиме. Упатените велат дека со субвенциите што ги најави државата станува поисплатливо за домаќинствата да инвестираат во панели за сопствено производство на струја, со што значително ќе им се намалат трошоците.
– Со најавата дека за домаќинствата ќе има можности кој ќе инсталира да добие субвенции во висина од 30 проценти, но не повеќе од илјада евра, сметам дека станува навистина примамливо за граѓаните да инвестираат во систем со кој ќе произведуваат струја за свои потреби. Со помошта од државата сега граѓаните комотно можат да стават системи со моќност од четири киловати, кои се доволни за едно домаќинство за покривање на неговите потреби од енергија. Генерално сега инвестиција во фотоволтаичен систем од четири киловати би чинела околу 3.500 евра, а со поддршката од илјада евра, инвестицијата на домаќинствата би била 2.500 евра. Ова е навистина подобра позиција за домаќинствата и сметам дека може да придонесе многу во намалување на потрошувачката на електрична енергија од мрежата. Дополнително би посочил и дека најголем дел од домаќинствата, најидеално им е да поставуваат системи до четири киловати тргнувајќи од начинот на кој се градат нашите куќи, бидејќи покривите што се прават се идеални за толкава димензија на фотоволтаичен систем – објаснува Ѕвонко Марковски, сопственик на компанијата СИЕТО.

Зголемен интересот за поставување системи оваа година

За „Нова Македонија“, Марковски посочува дека инвестициите во вакви системи ги прават со лимитери, со кои се спречува самиот систем да произведува повеќе од потребната енергија за домаќинството што го гради системот, бидејќи досега не беше предвидено домаќинствата да ја продаваат струјата на дистрибутерот, односно ако ја предадат во мрежа ќе треба да платат за неа.
– Со најавените измени за зголемувањето на моќноста што ќе може да ја постават домаќинствата се зголемуваат можностите, но мора да се има предвид дека не сите домаќинства имаат доволно големи покриви за поставување шесткиловатни системи. Но ако се создадат услови енергијата да се предава во мрежата и за тоа да им се плаќа на домаќинствата може да има поголем интерес. Сепак, досега ова не беше возможно и сѐ додека не се изработат документите, за овие измени, не би можел да кажам како ќе влијае. Сега домаќинствата може да постават четирикиловатни системи, кои се доволни за потребите на семејствата, а вишоците ако ги предаваат во мрежа ќе треба да ги платат, затоа ние им поставуваме лимитери, да немаат вишок производство. Сегашните законски одредби предвидуваат обемни и комплицирани обврски за добивање дозволи домаќинствата да инсталираат системи за производство на струја, поради што интересот е мал. Но да биде јасно, ниту со шесткиловатен систем граѓаните нема да можат да произведуваат големи количества струја, туку тоа ќе биде пак доволно за нивните потреби, евентуално мали вишоци. За да знаеме дали ќе се зголеми интересот кај компаниите ќе ги почекаме законските измени. Но би напоменал дека ние и сега, од почетокот на годината, со поскапувањето на струјата имаме значително зголемен интерес за поставување фотоволтаични системи за производство на струја кај домаќинства и компании за сопствени потреби – објаснува Марковски.
Тој дополнува дека домаќинствата не може да очекуваат дека со поставување шесткиловатни системи дека ќе имаат големо производство на струја и дека ќе можат да заработуваат многу. Вели дека тоа се системи што ќе помогнат да се намали побарувачката од мрежата и посочува оти доколку проектот „10.000 сончеви покриви“, кој го спроведува неговата компанија, ако не бил закочен и досега се реализирал, преку нив ќе се произведувале 40 мегавати електрична енергија.
– Доколку беше завршен овој проект, досега веќе ќе имавме намалена потрошувачка на струја од мрежата, но и ќе имавме помала потреба од производство. Ние веќе имаме поставено системи за производство на струја на 120 покриви, а дополнително има многу голем интерес. Поволноста на инвестицијата е што се вложува сега и се користи 45 години. Повратот на средствата со сегашните цени и со планираните субвенции во висина од илјада евра може да се направи за пет-шест години – потенцира Марковски.
Нашиот соговорник дополнува оти со зголемени инвестиции во вакви системи придобивка на долг рок ќе имаат сите, и самите корисници, државата со намалени потреби за увоз на струја, но и сите граѓани, бидејќи нема да треба да се увезува скапа струја од странство.

Законски измени за поголемо производство на струја од сонце

Во согласност со најавата на Владата во рамките на антикризните мерки, во програмата за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година се предвидени средства во вкупен износ од 30.000.000 денари, кои се наменети за покривање на дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW (киловати) за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.
Исто така, премиерот Димитар Ковачевски деновиве најави дека веќе се разгледуваат опциите за полиберализиран пристап за да може секое домаќинство во државата да инсталира фотоволтаични системи.
– Веќе се подготвува закон со кој ќе се олесни постапка за инсталирање фотоволтаични системи на домаќинствата и на индустриските објекти, односно на нивните покриви. Во план е и да се зголеми моќноста, која во моментов е четири киловати, на шест киловати за домаќинствата, а за деловните објекти од постојните 20 киловати без лиценца на 40 киловати со лиценца. Правиме промени и за да се овозможи дистрибутерите на електрична енергија да ја преземаат таа енергија од домаќинствата по цена по која дистрибутерот ја презема електричната енергија од државниот снабдувач, односно од производител на енергија – изјави премиерот.

Домаќинствата ќе произведуваат струја преку ден, а ноќе ќе добиваат од снабдувачот

Од Регулаторната комисија за енергетика, за „Нова Македонија“ објаснуваат дека со измените во Правилникот за обновливи извори, кои треба да се донесат, ќе се овозможи домаќинствата и индустријата да можат да инсталираат фотонапонски електроцентрали со поголема моќност, со што се очекува да се зголеми интересот за реализација на овој тип инвестиции.
– Во последните неколку години евидентен е интересот за фотонапонски електроцентрали (ФЕЦ), односно од 2019 до сега има 140 нови ФЕЦ со вкупен капацитет од 35,3 MW – мегавати. Или подетално по години: во 2019 година има 35 нови ФЕЦ со инсталиран капацитет од 5,8 MW – мегавати, додека во 2020 година имало нови 29 ФЕЦ со инсталиран капацитет од 7 MW – мегавати, во 2021 година имало нови 48 ФЕЦ со инсталиран капацитет од 14 MW – мегавати, и заклучно од почетокот на 2022 година, па досега РКЕ има издадено 28 лиценци за производство на ЕЕ од ФЕЦ со инсталиран капацитет од 8,5 MW – мегавати. Практично, во првото тримесечје од годинава имаме 30 проценти од вкупниот капацитет во последните три години, што е потврда за големиот интерес – посочуваат од РКЕ.
Оттаму додаваат дека со измените ќе се овозможи со инсталирањето нови фотонапонски електроцентрали кај домаќинствата, освен користење на сончевата енергија за сопствени потреби, дополнително вишокот електрична енергија домаќинствата ќе можат да му го продаваат на „ЕВН Хоме“.
– Овој систем на производство за сопствени потреби на електрична енергија ќе влијае директно и ќе го намали притисокот на домашниот производител ЕСМ, кој ќе може произведената енергија што е наменета само за домаќинствата да ја книжи како вишок и да остварува дополнителни приходи од продажба на електрична енергија на слободниот пазар. Главната придобивка за домаќинствата е тоа што оваа енергија произведена од фотонапонски електроцентрали ќе можат да ја користат во текот на денот кога енергијата е најскапа, а додека во текот на ноќта, кога има евтина тарифа, домаќинствата ќе користат енергија од системот („ЕВН Хоме“) – потенцираат од РКЕ.