Напливот на украински бегалци во Европската Унија ќе бара повеќе од само обичен хуманитарен одговор. Европските држави треба да почнат да се подготвуваат за да ги интегрираат новите доселеници во нивните општества на долг рок
Руската воена операција во Украина веќе предизвика повеќе од 3,5 милиони граѓани да ја напуштат нивната татковина, од кои повеќето беа прифатени во Полска и другите земји од Централна и Источна Европа. Хуманитарниот одговор беше охрабрувачки, без оглед на претходниот отпор на овие земји за давање слична поддршка на азилантите од Блискиот Исток и Северна Африка. Обичните граѓани, организациите на граѓанското општество и владините агенции се здружија за да ги снабдат пограничните градови со неопходни животни намирници, резерви за прва помош, облека, засолниште и можности за превоз. Европската Унија (ЕУ) најави дека сите украински бегалци ќе добијат привремен (една-две години) заштитен статус, без оглед на тоа каде ќе достават барање за него.
Постои надеж дека наскоро ќе завладее мир, па, така, последниот наплив на бегалци во Европа ќе биде реверзибилен и привремен. Но со оглед на огромниот размер на уништување во Украина и долготрајните ефекти на конфликтот и пандемијата што ќе ги имаат врз нејзината економија, европските членки треба да бидат подготвени да ги примат бегалците на среден до долг рок. За да ги избегнат негативните реакции на јавноста, кои се јавија како последица на претходните бегалски бранови, европските земји веќе треба да преземаат чекори за да ги интегрираат новите доселеници во нивните општества.
Напливот на човечки капитал би можел да биде од огромна корист за европските економии, под услов правилно да се управува со процесот на преселување. Во овој поглед, сегашната состојба поттикнува две важни размислувања. Прво, за разлика од западноевропските земји, поновите членки на ЕУ сè уште имаат многу мало искуство со големо доселување. Со оглед на тоа што досега останаа изолирани и негостољубиви, нивните институции и популации се главно неподготвени. Второ, приливот на Украинци во овие земји генерално се состои од жени и деца, затоа механизмите за инклузија ќе треба да одговараат на полот и на возраста.
Бидејќи украинските бегалци се преселуваат во Европа, главен приоритет е да им се помогне да најдат безбедно, достапно и соодветно сместување. Засолништата и сместувањата за итни случаи не се долгорочно решение, а властите и локалната самоуправа ќе мора да соработуваат со приватните сместувачки капацитети за да најдат трајни решенија, што стана посложена задача поради неодамнешното драстично зголемување на цената на недвижностите.
Пренаменувањето на сместувачките капацитети за краткорочен престој би можело да послужи за почеток, имајќи предвид дека туризмот во ЕУ допрва треба да се врати на претпандемиските нивоа. Овие првични потези потоа би можеле да се засилат со иновативни јавно-приватни партнерства како центри за сместување бегалци, капацитети за заедничко сместување и привремени станови и опции за закуп.
Бидејќи децата сочинуваат голем дел од раселените, програмите што ќе им помогнат да го надминат загубеното образование ќе бидат од клучно значење. Владите треба да допрат до волонтерите, педагошките институции и невладините организации за да помогнат да се пополнат празнините додека се работи на проширување на постојните училишни капацитети. Во Прага, проектот „Еден украински клас“ веќе мобилизира мрежа на училишта за да се обезбедат наставници што зборуваат украински јазик за новодојдените украински ученици. Ваквите напори треба да се прошират на ниво на Унијата.
Покрај обезбедувањето сместување, образование и финансиска поддршка, владите исто така треба да го олеснат влезот на европскиот пазар на трудот за Украинките. Покрај нудење обуки за професионални вештини и претприемаштво, европските влади треба да се фокусираат на елиминирање на ограничувањата што ги спречуваат квалификуваните бегалци да најдат работа. Но меѓу најголемите пречки за унапредување на доселеничките се несоодветната јазична обука и недостигот од пристап за згрижување на децата. Преку далечинско учење, институциите треба да им обезбедат часови по јазик на бегалците штом ќе пристигнат. Додека традиционалните дневни центри може да се преоптоварени, дигиталните алатки за здружување на решенијата за згрижување и споделување на одговорностите меѓу мајките мигранти би можеле да послужат како привремено решение.
Европските министерства за труд треба тесно да соработуваат со компаниите, регрутерите и агенциите за вработување, за да обезбедат брзо распоредување на квалификуваните работници, а исто така треба да се олесни процесот на нострифицирањето на дипломите и техничките квалификации. Слично, универзитетите и институциите за техничка обука ќе треба да бидат флексибилни за прифаќање на студентите што подоцна се запишале на студии, за недостигот од документација и студиските предмети поднесени на повеќе јазици. Тоа ќе им овозможи на жените бегалци да стекнат знаење и искуство што им е потребно за да влезат на пазарот на трудот. Конечно, бегалците што сакаат да станат претприемачи треба да добијат одржлива техничка поддршка, пристап до финансии и, можеби најважно, менторство што ќе ги води низ процесот на започнување сопствен бизнис.
Ова се само неколку предлози за политичарите што треба да ги земат предвид покрај фокусот на хуманитарната помош. Другите предизвици, како помошта за жртвите на конфликтот да се справат со траумата и обезбедувањето соодветна поддршка за менталното здравје се еднакво итни и неопходни за да се помогне во обновата на животите.
Досега, европскиот одговор на мигрантската и бегалска инклузија беше нерамномерен. Но, со оглед на силната поддршка за Украинците, може само да се надеваме дека во Европа ќе следува нова ера, во која ќе се остварат одбраната на либералната демократија и вреднувањето на човечкиот живот. Можеби неочекуваната солидарност на Источниот блок на ЕУ ќе им покаже на другите како треба во иднина да се одговори на бегалците.
Автори: Хришаб Сандилија е коосновач и шеф на проектот „Феникс“. Живка Делева е директорка на бегалскиот центар во Берлин.