Како Украинците ја користат литературата во воени услови
Живеев во Киев откако Русија го анектира Крим во 2014 година и сега повторно сум внатрешно раселено лице. Откако руски воен авион беше соборен пред моите прозорци, моето семејство и јас бевме евакуирани на побезбедно место во Лавов, западна Украина. Како уредник на медиумот „Заборона“, со денови работам од нашиот привремен дом, собирајќи докази за војната. Ова е еден од нив, вели Катерина Соргатскова во написот објавен во „Гардијан“.
Непосредно пред руската инвазија на Украина, пандемијата доведе до неочекуван културен пробив. Украина имаше една од најниските стапки на вакцинација во светот, а Украинскиот институт за книги, релативно нова владина агенција, дојде до идеја да понуди „ваучери за култура“ како награда за вакцинирањето против ковид-19. Со секој ваучер можеше да се купат билети за филм или концерт или книги. Граѓаните потрошиле повеќе од една милијарда гривни на книги.
Многу Украинци претходно немаа навика да купуваат книги – студиите сугерираа дека просечниот Украинец чита само една книга годишно. Но откако Русија го анектира Крим и окупира дел од Донбас во 2014 година, украинските власти донесоа неколку закони за книги. Еден забрани увоз на книги печатени во Русија, а друг ги обврза медиумите да објавуваат на украински. Почнаа да се реализираат програми за поддршка на локални писатели и превод на странски автори на украински, што доведе до пораст на развојот на украинските издавачки куќи и појава на многу нови писатели.
Украинските автори веќе пишуваа за нападите на Путин, во „Сиви пчели“ од Андреј Курков или „Дом за сираци“ од Серхи Жадан. Но земјата се збогуваше со книгите на првиот ден од инвазијата на Русија. Сега нема време за читање или пишување – секој е фокусиран на заштита на своите сакани, па локалните жители беа принудени да измислуваат начини да се заштитат.
Истражувачот Лев Шевченко фотографирал како неговите соседи во станбената област на Киев се забарикадирале со книги. На сликата, купишта книги го обложуваат прозорецот од врвот до дното. Тие се наредени главно со врзување внатре, па затоа е тешко да се каже кои се повеќето од нив. Се издвојува само еден солиден том со делата на рускиот уметник Илја Глазунов. Иронично, овој сликар, кој ја виде Втората светска војна како тинејџер и беше сведок на распадот на Советскиот Сојуз, јавно ја поддржа авторитарната политика на Владимир Путин и сликаше слики во пофалба на „величината“ на Русија. Сега жителите на Киев користат каталог на неговите дела за да се одбранат од воздушните напади на руската армија.