Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди 120 милиони денари за организирање и обезбедување хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓаните од Украина, кои како бегалци од војната евентуално би пристигнале во нашата земја.
– Овие средства ќе бидат префрлени на Службата за општи и заеднички работи, која е задолжена за реализација на овие активности – наведува прес-службата на Владата, соопштувајќи за оваа нејзина одлука донесена на денешната 30-та седница.
Владата на седницата ги утврди измените и дополнувањата на Законот за социјалната заштита за исплата на еднократен додаток за корисниците на гарантирана минимална помош во висина од 1.000 денари за месеците март, април и мај 2022 година.
Прес-службата информира дека помошта е наменета за најранливите категории граѓани за да се ублажат последиците од економската криза и ценовниот шок предизвикани од пандемијата од ковид-19 и од енергетската криза.