Понекогаш е потребен само еден спот, серија или филм за некои локации ненадејно да го загубат своето спокојство и да станат планетарно популарни и преплавени со туристи. Медиумскиот успех обично многу влијае на популарност на некоја дестинација. Позитивната страна, секако, е економската корист, а лошата страна е еколошката штета што ја предизвикува масовниот туризам.
Издвојуваме пет дестинации, во избор на „Тревел магазин“, што станаа култни туристички локации најмногу благодарение на медиумите.
Дубровник – кралско пристаниште
Дубровник, туристичкиот бисер на Јадранот, кој секоја година го посетуваат по 1,3 милион туристи, а е незаобиколна дестинација на крузерите, сега доби илјадници нови посетители. Тоа се љубителите на култната серија „Игра на престолот“.
Првата сезона беше снимена на Малта, но по спорот со властите, кои ја критикуваа одлуката на продукцијата да истура песок на заштитено место, снимањето се пресели во древниот хрватски град. Дубровник така стана „база“ на серијата до самиот крај, а посебно до шестата сезона. За дел од светот овој прекрасен град сега е живописна престолнина на кралството на седумте крала. Од стариот град до тврдината Ловриенац, десетина тематски локации претставуваат митски места од серијата, на големо незадоволство на локалното население.
„Лувр“ – Бијонсе ја привлече толпата
Кога своите простории им ги отстапи на славната пејачка Бијонсе и на нејзиниот сопруг Џеј-Зи за снимање на спотот за нивната заедничка песна „Apeshit“, музејот „Лувр“ во Париз го подмлади својот имиџ во светот. Од лансирањето на спотот во 2018 година, шестминутното видео го виделе повеќе до 180 милиони луѓе на Јутјуб. „Лувр“ веднаш по овој бум ја искористи шансата да иницира едно и полчасовна тура, која ги поврзува 17-те дела претставени во песната. Веројатно не е случајно што „Лувр“ ги урна рекордите на посетеност со 10,2 милиони посетители, што е за 25 отсто повеќе од 2017 година.
Кањонот Фјадрагљуфур – жртва на Џастин Бибер
Познатиот кањон на Исланд беше неколку месеци затворен поради светската ѕвезда Џастин Бибер. Неговиот спот за песната „I’ll Show You“ од 2015 година толку ги инспирира обожавателите на канадскиот пејач што Исландската агенција за животна средина беше принудена да ги забрани посетите на величествениот кањон Фјадрагљуфур на југот на островот.
Оваа спектакуларна клисура, создадена со ерозија предизвикана од топење на глечерите пред 9.000 години и лесно достапна од маршрутата број 1, ја оштетија толпите туристи, во комбинација со особено благата и влажна зима.
Колмар – ѕвезда на реалните шоу-програми
Од снимањето на култната кинеска емисија „Кинески ресторан“ во „Бистро де Лавандерс де ла Петит Венис“ во јуни 2018 година, Колмар го опседнуваат илјадници кинески туристи.
Љубителите на една од најпопуларните кинески шоу-програми, со 2,5 милијарди прегледи на социјалните мрежи, не пропуштаат да се фотографираат пред ресторанот и со задоволство се задржуваат во ова гратче во покраината Алзас. Во 2018 година тука бројот ноќевања на Кинези скокна за 70 проценти.
Чернобил – туризмот процвета по серијата
Чернобил, кој имаше само 70.000 посетители во 2018 година, благодарение на мини-серијата стана топ дестинација на средината на 2019-та. Триесет и три години по нуклеарната катастрофа, љубопитните туристи сѐ уште масовно
одат да ги посетат озлогласената украинска електроцентрала и блискиот град на духовите Припјат. По големиот успех на серијата, резервациите се зголемија за 40 отсто. Посетите се достапни по цена од 100 долари за лице.
Интересно е дека ниедна од петте епизоди на серијата не е снимена на самото место, туку во слично опкружување, во Вилнус, во бившата електроцентрала во Литванија, Игналина. Успехот на серијата одлучи да го наплати и Литванија, со организирање сопствени тематски тури за Чернобил.
Поради воените дејства во Украина, туристичките посети се прекинати.