Фото: Пиксабеј

Уште пред речиси 30 години редица истакнати меѓународни експерти предупредуваа на можен воен конфликт помеѓу Русија и Украина и точно ги скицираа неколкуте мрачни сценарија што може да доведат до тоа. Во тогашните нивни анализи се посочуваат и можни решенија за запирање на воениот судир, кои се особено интересни од денешен агол, кога сите очи се вперени во Украина и очајно се бара формулата за мир

ШТО ОТКРИВА АНАЛИЗАТА НА ДАМНЕШНИ НАТПИСИ, ДОКУМЕНТИ И СВЕДОШТВА

Војната во Украина изненади многумина, но експертите и аналитичарите со децении предупредуваа на можноста од судир помеѓу Украина и Руската Федерација, како и судир помеѓу Западот и Русија токму поради Украина. Познавачите со децении предупредуваа на неколку мрачни сценарија што предвидуваа дека Украина може да се подели на два одделни ентитета и дека е можен воен конфликт помеѓу Украина и Русија. Од денешен аспект, нивните предвидувања имаат уште поголемо значење, бидејќи посочуваат и на можните решенија за настанатиот воен судир во Украина, како и за влошените односи помеѓу Западот и Русија.

Предупредувањата на експертите и аналитичарите

Џон Мерсхајмер, политиколог и експерт за меѓународните односи, во текстот објавен во „Форин аферс“ во 1993 година, врз основа на реалполитиката забележа дека односите меѓу Украина и Русија се зрели за избувнување воен судир меѓу нив. Според него, големите сили, кои, како Русија и Украина, ги дели долга незаштитена граница, „често запаѓаат во судир поради страв за својата безбедност. Русија и Украина би можеле да ја надминат оваа динамика и да научат да живеат во хармонија, но би било необично ако се случи тоа.“
Интересно видување од оваа констатација на Мерсхајмер приложи Семјуел Хантингтон, според кого државниот пристап ја потенцира можноста од руско-украинска војна, но „цивилизацискиот пристап (блиските културни, лични и историски врски) ја минимизира и ја потенцира можноста за поделба на Украина на два дела, поделба што, според културните фактори, би можела да биде понасилна од поделбата на Чехословачка, но помалку крвава од онаа во Југославија.“ Според Хантингтон, Украина е поделена земја, составена од две посебни култури. Западните Украинци отсекогаш зборувале украински и имале силни националистички погледи. Од друга страна, луѓето во источна Украина се претежно православни и во голем дел зборуваат на руски јазик. Хантингтон во 1996 година предупреди дека Украина може да се подели на два одделни ентитета, од кои источниот би се соединил со Русија. Харвардскиот професор исто така укажа дека некои Руси ќе ѝ посакаат добредојде на источна Украина. Во овој контекст, Хантингтон ги посочува зборовите на еден руски генерал, според кого: „Украина, поточно источна Украина ќе се врати за пет, десет или петнаесет години. Западна Украина може да оди по ѓаволите!“
Јан Џозеф Бжежински, американски експерт за надворешни работи и воени прашања, во текст објавен во „Њујорк тајмс“ (јуни 1994 година), истакна дека украинските претседателски избори во јуни 1994 година „го одразија, па дури и го кристализираа расцепот меѓу европеизираните Словени во западна Украина и руско-словенската визија за Украина. Тоа не е толку етничка поларизација колку што е разлика во културите.“

Кој е виновен за настаната воена состојба?

Во февруари 1993 година, поранешниот руски претседател Борис Елцин истакна дека странските влади и меѓународните организации треба на Русија да и одобрат специјални овластувања како „гаранција за мирот и стабилноста во поранешните региони на СССР.“ Во овој контекст, неколку дена пред воениот конфликт во Украина, Џон Мерсхајмер истакна дека САД и нивните сојузници се одговорни за кризата во Украина, а не Путин и Русија. Според Мерсхајмер, важно е да се разбере дека она што се обидува да го направи Западот од 2008 година е да ја „претвори Украина во западен бедем на границата со Русија.“
Мерсхајмер исто така вели дека оваа политика има три димензии. Според него, првата и најважна е проширувањето на НАТО. Идејата „беше дека ќе го прошириме НАТО кон исток за да ја вклучиме Украина.“ Вториот елемент на стратегијата е проширувањето на ЕУ. Значи, со други зборови, не беше во прашање само проширувањето на НАТО, туку и проширување на ЕУ. Третиот сегмент, според Мерсхајмер, е стратегијата за шарена револуција. Мерсхајмер, како политиколог и експерт за меѓународни односи, вели дека Западот преку т.н. Портокалова револуција се обидел да ја претвори Украина во либерална демократија и сојузник на Соединетите Американски Држави.
Во својата анализа, тој посочи дека и покрај тоа што Украина сѐ уште не е членка на НАТО, украинската држава се оформила во западен сојузник, кој е вооружуван од Западот. Мерсхајмер не случајно вели дека членувањето на Украина во НАТО е „егзистенцијална закана“ за Русија. Споменатиот експерт за меѓународни односи вели дека Русите јасно и категорично ставиле до знаење дека Украина нема да стане дел од НАТО, но Соединетите Американски Држави и нивните сојузници не ги послушаа. Според Мерсхајмер, САД веруваат дека се светски хегемон и дека можат да прават речиси сѐ што сакаат во светот.

Можни решенија за конфликтот?

Хантингтон вели дека Русија е голема сила со регионални и цивилизациски интереси, затоа посочува дека е потребен договор помеѓу Русија и Западот, кој би ги регулирал основната еднаквост и сферите на влијание помеѓу двете страни. Хантингтон предлага да биде склучен партнерски договор помеѓу Русија и НАТО, кој би гарантирал ненапаѓање и редовно консултирање за безбедносните прашања, а од друга страна Западот да ја „признае Русија како првенствено одговорна за одржување на безбедноста во православните земји и во областите во кои доминира православието.“
Харвардскиот професор исто така посочува дека е потребен договор помеѓу Русија и Западот за рамноправна соработка при решавање прашања од типот на Босна, кои ги „засегаат и западните и православните интереси.“ Според Хантингтон, доколку дојде до ваков договор, ни Русија ни Западот веројатно нема да претставуваат закана едни за други.
Џон Мерсхајмер вели дека доколку Западот сака да најде решение за кризата во Украина, тогаш Западот мора да започне да размислува на сосема нов начин. Според него, САД и нивните сојузници треба да го напуштат планот за вестернизација на Украина и од неа да создадат неутрална тампон-зона помеѓу НАТО и Русија. Мерсхајмер потенцира дека западните лидери мора да разберат дека Украина има исклучителна важност за Владимир Путин и затоа нема да дозволи во Киев да има антируска влада. Решението на конфликтот, Мерсхајмер го гледа во суверена и независна Украина, која нема да се приклучи ниту во рускиот ниту во западниот табор, слично на Австрија во текот на Студената војна.