Аниса Ејуп Беќировиќ-Трпчевска ја издаде
втората книга „Не ме викај аутист – моето име е Адам“
Денешниот 8 Март е ден на мајките, на жените борци, на оние што се жртвуваат за да сменат нешто на подобро. Една од нив, секако, е Аниса Ејуп Беќировиќ, која вели дека за неа не постои зборот невозможно и живее во духот на тоа свое мото. Има два сина, помалиот Роман и постариот Адам, кој е дете со аутизам. По неговото раѓање и поставувањето на дијагнозата, животот на Аниса и на нејзините најблиски се менува од корен. Почнува борбата за подобар третман на Адам, но и со себе, бидејќи на почетокот најтешко е да се прифати реалноста. Она со што таа се соочува сите овие години, сакајќи да ја подобри состојбата на своето атипично дете, и нејзините секојдневни битки, таа ги пренесе во две книги: „Јас и аутизмот“, претставена пред една година во „Даутпашиниот амам“ во Скопје, и втората „Не ме викај аутист – моето име е Адам“, издадена на македонски и на босански јазик, чија промоција се одржа во неделата напладне во истиот простор.
– Мојот живот се дели на два дела, првиот е до раѓањето на Адам и откривањето на дијагнозата, а вториот како мајка на аутистично дете. И одеднаш загубив сѐ што стекнав дотогаш, сите титули, успеси, сѐ се избриша. Да се биде родител на дете со посебни потреби е како да се живее во паралелен универзум, со оној во кој живеат типичните семејства. Нашето секојдневие е многу поразлично, но сѐ е полно со љубов, предизвици со кои се соочуваме, среќа и за најмал успех. Тие среќни мигови се гордост за нас. Но едно со сигурност знам, само среќен, задоволен, смирен родител може да има среќно и успешно дете, а успехот е релативна работа. За мене и за Адам сега тоа е да го скротиме пубертетот, за да можеме да имаме колку-толку вообичаен живот. Љубовта што ние му ја нудиме, јас Роман и моето пошироко семејство, на Адам му дава крилја – вели Аниса Ејуп Беќировиќ.
Таа е дипломирана професорка по македонски јазик и книжевност, лекторка по македонски јазик и магистерка на менаџмент на човекови ресурси, како и едукаторка и рехабилитаторка. Објавила и три раскази во „Антологијата на современиот босански расказ“, а коавторка е и на првата „Граматика на македонски јазик за потребите на дополнителната настава во странство“, она со што веќе неколку години се занимава во Хамбург, Германија, каде што живее и работи.
Еден од начините да го реши ребусот на својот живот за Аниса е пишувањето книги. Новото нејзино дело „Не ме викај аутист – моето име е Адам“ е збирка од 21 расказ и може да биде убаво и поучно четиво и за деца и за возрасни. За помалите од најмала возраст да научат што е емпатија, а возрасните да разберат низ што сѐ поминуваат родителите на атипични деца, во секојдневната грижа за нив.
– Децата се многу искрени и полесно ги прифаќаат различностите. Во еден од расказите, „Мојот најдобар другар“, се споменува реална личност, Мартин, кој учеше во училиштето каде што јас предавав, „Петар Здравковски-Пенко“ во Скопје, и дружејќи се со Адам, уште тогаш ги покажа својата високоразвиена свест и неговата искрена, детска љубов за едно другарче отфрлено од средината. Мартин беше секогаш покрај него и кога Адам правеше некои работи што беа чудни за средината. Кога заминавме во Германија, неговата мајка Тања Терзиева ми прати порака, со прашање од Мартин: дали Адам ќе го препознае кога повторно ќе го види? Адам не зборува, но ја помни емоцијата што ја примил од оној што бил со него и кој го прифатил, од кого почувствувал љубов. Многу сум среќна што во неделата Мартин дојде на промоцијата со мајка му и што можев на сите присутни да им го претставам ова хумано момче – ни рече Аниса.
Расказите во нејзината нова книга се кратки и напишани се во стилот на „модерен Зоки Поки“.
– Со моите книги сакам да ја издигнам јавната свеста за лицата со аутизам. Родителите на деца со нискофункционален аутизам, каков што е мојот случај, преживуваат стрес како војници на воено жариште. Но војниците се враќаат дома, а ние битката ја водиме до крајот на животот, со вечна грижа што ќе се случи со детето по нас. Токму затоа, сакам на луѓето да им објаснам дека нашите деца се поинакви, тешки, ги фрустрираат понекогаш другите деца, но тие бараат само љубов, разбирање и поддршка, како и сите други. Тие имаат право да бидат тука заедно со нас. Затоа е таков и насловот – „Не ме викај аутист – моето име е Адам“ – за да не им се одзема името на овие деца и да ги нарекуваат поинаку, освен со името што им го дале родителите со најголема љубов. Со одземањето на името ѝ се одзема идентитетот на личноста, а сите овие лица се личности што постојат, имаат потреби и желби како и другите, но на малку поинаков начин – објаснува оваа посветена мајка.
Аниса Беќировиќ нема да престане да се бори, а како што рече, ќе продолжи и да пишува, бидејќи само со споделување на своето искуство може да им помогне на родителите што се соочуваат со слични проблеми како нејзиниот, а истовремено да ја поттикне грижата за социјална инклузија во нашето општество.