Записи во несоница
Не сум психијатар, психоаналитичар, иако моите интересирања за психоанализата се поодамнешни. Пред сѐ за онаа на Фројд и на Јунг, кој ми е, рака на срце, многу поблизок од виенскиот бард на психоанализата. И кај едниот и кај другиот од нив, доминантен поим е либидото, кое кај Фројд е исклучиво со сексуална содржина и значења, за разлика од Јунг, кој нему му дава, не игнорирајќи го сексуалниот елемент, многу пошироко значење. За него тоа е еден вид многуопфатен енергетски симбол, антена низ која струи на пат до свеста енергијата на несвесното, искачувајќи се оттаму уште еден кат повисоко, во сферата на натсвесното, или во трансцеденталниот појас на психата. Либидото, како што го сфаќа таткото на аналитичката психологија, всушност е антена што ги прима и обелоденува „материјалите“ на архаичното и митското закопани некаде длабоко во нас, хранејќи ги нашите соништа со сликите што не се резултат на нашето индивидуално, туку на колективното искуство, наталожено независно од нас по атавистичка генетичка линија во нашата душа. Тие митологеми или слики, имено К.Г. Јунг ги именува со поимот архетип.
Е, без претензии на психоаналитичар, јас сепак, драг читателу, како поет што макар со инструментот интуиција сум ја истражувал поетски таа сфера, во овој текст, користејќи ги и од лично искуство и перцепција и сознајбите поврзани со македонскиот карактер и судбина, се осмелувам да направам една моја анализа на македонската колективна шизофренија. Таа денес, до експлозија, е посебно карактеристична и изразена како психолошка болест на македонското колективно битие. На битието на општиот Македонец, ако можам така да се изразам. Впрочем, за една таква анализа ме охрабрува и самиот Јунг, кој смета дека поетите по дефиниција се антени на таинственото и архетипското што се кристализира на посебен начин во нив и низ нив во поезијата. Темата, пак, како што е дефинирана во насловот на овој наш есеј, драг читателу, е толку многу сеопфатна и дијахрониски и синхрониски, широка и длабока што човек не знае од кај да почне: дали од некој архаичен прапочеток, дали од крајот, од некоја есхатолошка точка, пред него, или едноставно од некој предел што можеме да го означиме како средина. Сеедно. Но она што е важно тука е фактот што од кај и да се почне, вака поставената тема дозволува да се плови и напред и назад од поодната точка со симултани асоцијации и дигресии што ќе ја следат и осветлуваат главната, средишна линија на темата.
Јас тука се решив да почнам од Југославија, во која беше вглобена нашата македонска нација и во која, главно, првпат по долги столетија, по последната пред неа македонска држава на Самуил, исплови на површина нашиот освестен колективен идентитет, и ние, и покрај некои психолошки незацелени трауми и рани во тој период, му се израдувавме нему. Безмалку екстатично. Во Југославија едноставно бевме ситуирани во безбедните рамки на својата автентична културолошка слика како колективен архетип. Имавме јазик, литерарно кодифициран од Конески, во чија кодификација беа залегнати и кодификаторските напори на Крсте Петков Мисирков, а во него оние што ги знаат работите ја препознаваат и есенцијата на јазикот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во нивниот превод на Светото писмо. Старомакедонскиот, кој лакомите источни соседи побрзаа да го наречат старобугарски, наметнувајќи го тоа фалсификувано име и во некои светски славистички центри.
Сепак во светлината на таа екстаза на македонското колективно битие од националните придобивки во Југославија не беа заборавени некои немили настани од пресното минато, особено од самата завршница на Втората светска војна, кога под сомнителни околности, кога војната беше речиси завршена, загина една цела плејада на македонски борци-херои. И денес се шпекулира дека тие биле на списокот на Темпо како автономисти што требало да се ликвидираат. Дека, пак, оваа (хипо)теза може и држи е и репресијата врз Македонците од АСНОМ – Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров и други личности со (пре)нагласени национални чувства, прогласени за сепаратисти и автономисти. Тие настрадаа главно на озлогласениот Голи Оток, во аферата со информбирото и потоа. Тоа покажува, пак, дека на македонскиот национален колективен архетип не му беа дозволени целосен изблик и интензитет. Беше строго контролиран пред и по војната. Настанот за кој се раскажува поврзан со стрелањето на македонските партизани на Скопско кале што сакале да заминат за Солун за да ја ослободат и завладеат со целосна Македонија е парадигматичен на тој план. За таквата македонска ситуација. Случајот со ликвидацијата на Кочо Рацин исто така се вклопува во таа рамка на нештата. Тој исто така бил голем македонист, автономист, па и неговата смрт не е случајна, туку, според сите белези, добро испланирана и изрежирана во еден шекспировски амбиент на грозоморност и подлост.
Сепак едно е јасно. Иако контролиран за да не земе силен, над дозволеното, замав, македонизмот како архетип на колективната македонска душа веќе еднаш силно излезен од длабочини на површина во АСНОМ, и покрај периодичните послаби и појаки репресии, отстојува и само се засилува, честопати следен од контроверзии. Секако, пак, повеќе од јасно е дека неговата модерна генеза не се раѓа во АСНОМ, туку едно столетие пред тоа, во преродбенскиот деветнаесетти век, кон крајот на кој е формирано и ВМРО, со цел преку ослободување на целокупна етничка и географска Македонија него да го исфрли на површина, очистен пред сè од бугаризмот, и да го постави на европската и светската сцена. Пред сè преку една космополитска и културолошка варијанта, наследена по генетичка и мемориска линија од Античките Македонци, а содржана во концептот на Гоце за светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“. ВМРО е најмоќниот современ историски израз на силно разбудената македонска национална колективна свест, која исфрли на површина цела една голема плејада херои и визионери, камен-темелници и столбови на мартирски саможртви, градители на зградата во раст со моќно име Македонија, која ќе биде како по некој deux ex machina закон на проклетството постојано поткопуван од нашите соседи и од моќни европски фактори, но и од нашите домашни колаборационисти со нив и предавници на македонската кауза, на што треба да се стави во контекст на темава посебен акцент. За волја на вистината, пак, нив ги имало во не мал број и во револуционерната организација на Гоце и Сандански.
Тоа. Но не само во ВМРО, златната жица на македонизмот, испловен како архетип на освестената македонска колективна душа е пред тоа духовно и интелектуално подготвена од моќни индивидуи, кои речиси откровенски го обелоденуваат во себе тој со столетија потиснуван и оттурнат феномен. Го откриваат, јунговски речено, како колективно и индивидуално јаство (Јас) во кое тие цврсто се втемелуваат мемориски и ја шират неговата светлина. Тие и таквите личности, јасно, нам ни се познати под поимот преродбеници. Но тука се сретнуваме со силните саботажи на тоа јаство од соседите, кои до ден-денес не се откажале од психологијата и филозофијата на хиената кон нас. Тука далеку пред другите предничат Бугарите. Тие на тој план како аргумент ги користат разните бугарски државни документи на македонските дејци и некои нивни изјави за да докажуваат дека тие се Бугари. Според таа фалшива методологија, тие и еден од најголемите преродбенски столбови на македонизмот Крсте Петков Мисирков го прогласуваат за Бугарин, иако капиталното негово дело се вика „За македонцките работи“. А не за бугарските.
Тука е на дело тезата за контекстот што моќно ја поставува и елаборира еден од водечките модерни историчари Арнолд Тојнби. Имено, тој ѝ се спротивставува на априористичката гола фактографска историја, минирајќи ја на тој начин и на прв поглед непобивливата добро позната латинска поговорка „пред фактите, и боговите молчат“. Тоа, и затоа што добро знаеме дека историјата ја пишуваат победниците. Тие се фалсификаторите што според своите апетити и потреби ја фабрикуваат неа. Некогаш на тој план нивните потези се од голем опфат и широк стратегиски план, како што е тоа, на пример, случај со античката историска теорија на Германецот Дројзен за сегрчки примат во тој период, заблуда што никој не може да ја отстрани и на која посебно денес со барањето да се преименуваме и идентитетски умреме сме европска жртва, имено, ние Македонците. Лукавиот и подол, да го наречеме така, дројзеновски историски синдром на европскиот историски фалсификат и лага го открива со еден откровенски потег парадоксално не некој историчар, туку еден писател, славниот англиски романсиер, авторот на култниот еротски роман „Леди Чатерли“, Дејвид Херберт Лоренс. Имено, тој бил голем вљубеник во етрурската култура и цивилизација, европско наследство на поразените тројанци, втемелена од Енеј, главен јунак на Вергилиевата „Енеида“.
Лоренс постојано си го поставувал прашањето зошто таа сјајна култура и цивилизација, апсолутно оригинална и величествена во својот модерен експресионистички израз, за разлика од таканаречената античка грчка култура со нејзиниот имперсонален класичен стил, е толку многу игнорирана во европските истории и енциклопедии на уметноста, ставена на маргините. И на крајот дошол до едноставното но генијално откритие: дека е тоа затоа што Европа по инерција трупа сè во грчка вреќа. Доказ: еве сега и нас, Македонците, со целокупната наша неколкумилениумска меморија и речиси неопфатна и огромна културно-цивилизациска слика, нè трупа во неа.
И тука е на дело тезата на Тојнби за контекстот, која нам ни помага пред сè да се справуваме и справиме со лакомите грабливци на нашиот културолошки имот од Кирил и Методиј, преку Климент и Наум, сè до деветнаесеттиот преродбенски век. Но и потаму од него: до денес, и уште понатаму до хоризонтот на неопфатната иднина со сè уште неродените наши поколенија на кои веќе им се подготвуваат бугарски пасоши и лични карти, а за што нашиот (ненаш) премиер Заев и неговата влада, министри и коалициски пратеници немаат против. Тажно, но вистинито.
(продолжува)