Нова шпионска афера во Бугарија
Бугарското министерство за надворешни работи прогласи двајца руски дипломати за персона нон грата и им даде 48 часа да ја напуштат земјата, изјави на вонреден брифинг портпаролот на министерството, Митко Димитров.
Наедно, лишен од слобода е и бугарскиот резервен бригаден генерал Валентин Цанков, под сомнение дека шпионирал за Русија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарските специјални служби и Јавното обвинителство ја информирале министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, за собраните докази за разузнавачки активности извршени од руски државјани што уживале дипломатски имунитет.
– Тие вршеле нерегулирани разузнавачки активности, неспоиви со нивниот дипломатски статус на територијата на Република Бугарија – изјави Митко Димитров.
Имињата на протераните руски дипломати не се објавени. Но на претставникот на руската амбасада во Софија, Филип Воскресенски, му беа врачени две протестни ноти. Првата нота ја известува руската страна дека Бугарија прогласува двајца дипломатски вработени во руската амбасада во Бугарија за персона нон грата и имаат рок од 48 часа да ја напуштат земјата. Во друга нота, бугарското МНР остро протестираше против публикациите на руската дипломатска мисија во Софија, кои содржеа „навредливи квалификации и сугестии“. Бугарското министерство за надворешни работи го опиша јазикот што го користи руската амбасада во Софија како некомпатибилен со дипломатската практика и јавните норми и дека тие се јасна навреда за Бугарија.
Руската амбасадорка Елеонора Митрофанова била повикана да ги прими двете ноти, но таа не прифатила со образложение дека не е во Софија. Затоа во министерството се појавил друг дипломат.
Кој е бугарскиот „крт“ што ги зовре страстите
Резервниот бригаден генерал Валентин Цанков е приведен од бугарските власти под сомнение дека шпионирал за Русија. Според досега достапните информации, Цанков работел заедно со советникот во политичкиот оддел на руската амбасада во Бугарија. За прикривање на шпионажата биле користени тајни состаноци, преносни мемориски картички, уреди за шифрирање и шифра за кодирање на комуникацијата меѓу рускиот дипломат и Цанков.
Валентин Цанков бил бугарски воен аташе во Вашингтон и во Лондон, советник во НАТО и советник на министерот за одбрана. Пред да се пензионира, тој раководел со клучни директорати во бугарското министерство за одбрана, каде што ги одржувал своите врски и собирал посебни информации за активностите на ЕУ и на НАТО. Тој беше експерт за национална безбедност во невладиниот Центар за одбранбени и безбедносни студии. Исто така, учествуваше и во иницијативниот совет за номинација на Моја Манолова за градоначалник на Софија за време на локалните избори во 2019 година
Бугарија како „тројански коњ“ на Кремљ во ЕУ и во НАТО
Разбирливо, најновата шпионска афера стана повод за голем број анализи и толкувања на состојбите во безбедносниот сектор на Бугарија. Меѓу повеќето стручни толкувања медиумите посебно место му посветија на безбедносниот експерт д-р Кристофер Неринг, кој за оваа тема има објавено опширен текст во специјализирано американско научно списание. Во интервјуто за „Дојче веле“, тој тврди дека Бугарија е особено често во фокусот на руското разузнавање поради три причини. Прво, нејзината клучна геополитичка положба. Второ, затоа што Русија има многу сериозна база и добри услови во Бугарија и трето, преку оваа база Русија може да добие пристап до информации за НАТО.
Наедно, тој укажува дека иако бугарскиот воздушен простор го чуваат војници на НАТО, еден (сега поранешен) министер за одбрана и партиите во Владата отворено или индиректно го поддржуваат Путин.
– Тоа е едноставно неприфатливо. Мислам дека и разрешувањето на министерот за одбрана Јанев и апсењето на генералот од резервниот состав беа само почеток. Прашањето за лојалност кон евроатлантските партнери има потенцијал да прерасне во сериозна криза за новата влада – вели професорот во интервјуто.
Во продолжение, експертот за тајните служби укажува какви мерки треба да преземат сега бугарските власти, на политичко и на дипломатско ниво.
– Бугарските безбедносни служби имаат итна потреба од реформи веќе 30 години, но секоја наредна влада едноставно ги користи повторно и повторно за партиско-политички цели. Не случајно руските тајни служби добиваат многу чувствителни информации во Бугарија. Москва сè уште има агенти и врски во армијата, Министерството за одбрана, полицијата и тајните служби.
Ова не е многу променето од 1989 година. Овде се потребни ефикасни контраразузнавачки мерки, бидејќи дипломатските мерки, како што е протерувањето на дипломатите, се бесцелни.
Во исто време, демократската и правна контрола врз бугарските безбедносни служби е крајно недоволна. Не случајно на почетокот на годината, Европскиот суд за човекови права ја осуди Бугарија токму поради оваа причина. Фактот дека во 2020 година стотици, можеби илјадници демонстранти беа прислушувани под сомнение за „обид за државен удар“ и дека озлогласениот шпионски софтвер „Пегас“ беше дистрибуиран во други земји преку Бугарија, а можеби дури и е користен од бугарските власти, зборува за сериозни системски проблеми. Потребна е и техничка и кадровска модернизација на службите за конечно да изградат доверба – и во Бугарија и на меѓународната сцена. Многу тешка задача! – вели меѓу другото д-р Кристофер Неринг.