Иако кога ѕвоните, операторот автоматски ве вклучува да чекате да ве услужат вработените, а снимената порака ви вели „сите оператори се зафатени“ и вие уредно си чекате, времето изминува, а никој не ве услужува. Она што е алармантно за граѓаните е тоа што „цената на чекањето“ воопшто не е ниска. Во „Вип“ овој повик се наплатува 7,9 денари минута, додека во „Телеком“ го наплаќаат по интервали, односно еден интервал е 20 секунди, кои чинат седум денари. Значи, една минута чини околу 21 денар. Ако чекате 15 минути на телефон на „Вип“, ќе платите околу 118 денари, а на „Телеком“ 315 денари. И целиот тој трошок апсолутно не значи ништо ако од системот, поради предолго чекање, вие не добиете затворена слушалка. И ако сакате повторно да ѕвоните, повторно следува истата наплата…
ГРАЃАНИТЕ РЕАГИРААТ НА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ТЕЛЕФОНСКИТЕ ПОВИЦИ КОН ЕВН
Изминатиот период во Скопје, па и во целата земја, беа регистрирани голем број проблеми со електричната енергија. ЕВН како компанија што ги снабдува домаќинствата со електрична енергија има свои механизми со кои на граѓаните им се на располагање телефонски броеви на кои секој човек може да се јави во контакт-центарот и да пријави одредени проблеми или дефекти со струјата. Сепак, изминатиот период многумина се соочија со проблем при пријавувањето. Снимената порака си тече со реченицата „сите оператори се зафатени“, секундите минуваат и додека да се свестите, сте потрошиле повеќе од петнаесетина минути чекајќи да ви одговори некој од контакт-центарот. Токму кога ќе помислите дека вие сте на ред, системот ве исклучува. И така во круг, додека не се заинаетите да ѕвоните постојано, но потоа нема да ви биде сеедно да го платите износот на сметката што ќе ви пристигне.
ГОЛЕМ БРОЈ РЕАКЦИИ ОД ГРАЃАНИТЕ
До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број поплаки од граѓани корисници на електрична енергија, кои на некаков начин се соочиле со одреден проблем со снабдувањето со струја.
Тие велат дека и по еден час ѕвонат на телефонскиот број наменет за корисниците, но не можат да добијат никого, а наплатата од операторите си тече, иако повикот не го реализирале.
– Иако кога ѕвоните, операторот автоматски ве вклучува да чекате да ве услужат вработените, а снимената порака ви вели „сите оператори се зафатени“ и вие уредно си чекате, времето изминува, па и по половина час никој не ве услужува. Она што е најтрагично е тоа што цената воопшто не е ниска. Верувам, никој од корисниците не се јавил кај своите оператори да праша колку го чини една минута разговор со контакт-центарот на ЕВН. Штом ве вклучат во системот, автоматизираната порака веднаш ве предупредува дека повикот ќе ви биде наплатен во согласност со договорот што сте го потпишале со вашиот оператор. Цените воопшто не се ниски. Јас сум корисник на мобилни услуги и од „Вип“ и од „Телеком“, и можам да ви кажам дека цената воопшто не е ниска. Во „Вип“ овој повик се наплатува 7,9 денари минута, додека во „Телеком“ го наплаќаат по интервали, односно еден интервал е 20 секунди, кои чинат седум денари. Значи една минута чини околу 21 денар. Ако чекате 15 минути на телефон на „Вип“ ќе платите околу 118 денари, а на „Телеком“ 315 денари. И целиот тој трошок апсолутно не значи ништо ако од системот, поради предолго чекање, вие не добиете затворена слушалка. И ако сакате повторно да ѕвоните, повторно следува истата наплата – вели Анамарија Велковска.
Како што велат корисниците, при склучување договор со операторите никому не му паѓа на ум да проверува колку ќе го чини ѕвонењето во контакт-центарот на ЕВН, па токму затоа и се шокирани од износите.
– Тоа е во служба на граѓаните и не гледам зошто мора да се наплатува толку скапо. Навистина не ми е јасно. Ние ѕвониме од мака, а не затоа што сакаме да им додеваме на вработените. Штом се такви условите, ние секако ќе си платиме, меѓутоа не е разумно, бидејќи навистина е скапо. Замислете ако ѕвоните неколкупати во денот и чекате по 15 минути, од едниот оператор ќе платите речиси пет евра, додека од другиот околу десет евра – вели Велковска.
КОНТАКТ-ЦЕНТАРОТ ПОСТОЈАНО Е НА УСЛУГА НА ГРАЃАНИТЕ
Од „ЕВН Македонија“ велат дека контакт-центарот постојано е на услуга на корисниците за сите неопходни прашања адресирани до ЕВН.
– Достапноста и времето на чекање зависат од многубројни фактори. Во принцип, системот е сетиран да овозможи разумно време на чекање, а повикот се прекинува при естимација дека операторите на располагање се зафатени и времето на чекање би било многу долго за да биде оставен корисникот на линија. Во изминатиот период имавме голем број колеги позитивни на коронавирусот и во изолација, така што и човечките ресурси беа во извесна мерка редуцирани – информираа од ЕВН.
Оттаму додаваат дека имаат овозможено и голем број други начини на комуникација за сите услуги, кои им стојат на располагање на корисниците.
– Активно ги повикуваме да ги користат електронските сервиси на www.evnonline.mk<http://www.evnonline.mk> или да испратат електронски допис на адресата [email protected]. Ги преземаме сите активности за целосно и навремено одговарање на обраќањата на корисниците Во однос на цената на телефонските повици, таа зависи од претплатничкиот договор што корисниците го имаат склучено со нивниот телекомуникациски провајдер – велат од компанијата.
Екипата на „Нова Македонија“ се јави во контакт-центарот и кај двата оператора, односно даватели на телефонски услуги. Кога запрашавме зошто толку скапо се наплаќа повикот, со оглед на тоа што станува збор за повици што се од граѓански интерес, оттаму ни одговорија дека ЕВН се тие што утврдиле дека повикот кон нив треба да се наплаќа.