Нејасно е како чиниме таква дипломатска небрежност, во време кога државата со сите сили се обидува да ја надмине бугарската блокада и да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, да немаме свој човек во САД, земја што постојано дава отворена поддршка за македонските евроинтеграции. Ако ЕУ во целата ситуација околу бугарската блокада е на некој начин пристрасна и мора да се солидаризира со својата земја-членка, САД како стратегиски партнер на земјава имаат многу понеутрален пристап и се водат првенствено од своите стратегиски интереси, во кои членството на Македонија во ЕУ е јасно поставено
Каква порака испраќа Македонија
со немањето амбасадор во САД
Речиси четири години Македонија нема свој амбасадор во САД, со што покажува сигнали на крајно небрежен однос кон својот стратегиски партнер и се става во позиција да не може во целосен обем да ги користи придобивките што ги носат ваквите специјални врски, особено кога станува збор за партнерство со најмоќната држава во светот.
Имено, амбасадорското место е празно уште по повлекувањето на поранешниот македонски амбасадор од Вашингтон, Васко Наумовски, во 2018 година, така што нејасно е кои се причините државата да може или да смее да си дозволи пропуст во време кога со сите сили се обидува да ја надмине бугарската блокада и да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, да нема човек што од прва рака ќе врши дипломатска координација со Американците.
Ако ЕУ во целата ситуација околу бугарската блокада е на некој начин пристрасна и мора да се солидаризира со својата земја-членка, САД како стратегиски партнер на земјава имаат многу понеутрален пристап и се водат првенствeно од своите стратегиски интереси, во кои членството на Македонија во ЕУ е јасно поставено.
Од тие причини е неразбирливо зошто толку долго време не се назначува амбасадор во Вашингтон, што освен на политички, се одразува и на економски план, бидејќи амбасадорот е првиот линк со потенцијалните американски инвеститори што би покажале интерес своите пари да ги инвестираат во земјава.
Да биде работата уште позагрижувачка, Македонија со години има повеќе испразнети амбасадорски места и во други земји само поради разни политички игри и надмудрувања меѓу партиите, но скандалозно и недозволиво е амбасадорското место во САД да биде предмет на вакви партиски интриги, бидејќи со тоа се покажува еден, во најмала рака, непочитувачки однос на Македонија кон својот стратегиски партнер. Тоа во меѓународните односи се смета за дипломатски гаф и влијае врз севкупните односи меѓу двете земји, така што во нашиот случај штетата е исклучиво на македонска страна.
– Немањето амбасадор во некоја земја во дипломатијата се толкува како порака дека имаш проблем со таа земја, изразуваш протест околу некои сегменти во заемните односи. Не може поинаку да се толкува тоа што речиси четири години немаме амбасадор во САД – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор.
Тој уште потсетува дека Македонија нема свој амбасадор ниту во Кина, како и во други големи и влијателни земји на светската политичка сцена.
– Немаме амбасадор ниту во Пекинг. Зборуваме за Кина, земја-членка на Советот за безбедност на ОН, исто како САД. Не ми е јасно што правиме – нагласува Боцевски.
Според него, амбасадорот ја претставува амбасадата, а кога нема амбасадор, тоа сигнализира дека постои некаков проблем во односите меѓу државите.
– Тоа што немаме амбасадор во САД, нашиот стратегиски партнер, е просто фрапантно. Амбасадорот е амбасадата, институција, и ти кога немаш назначено амбасадор, ти си во сериозен проблем. Немаме амбасадори ниту во Кина, ниту во Индија и Бразил, кои се дел од тој клуб на најексклузивни земји, и сето тоа се толкува лошо, затоа што ние не сме некоја светска сила, па да можеме да си дозволуваме таков луксуз. Згора на тоа, сите овие земји утре ќе треба да поддржат некоја резолуција што е во наша полза, особено ако знаеме дека имаме свои ситуации пред СБ на ОН, во Меѓународниот суд на правдата, така што прашањето што се наметнува е како ќе лобираме за нашите интереси кога немаме амбасадори во овие земји – прашува Боцевски.
Слично размислува и последниот македонски амбасадор во САД, Васко Наумовски, за кога е необјасниво амбасадорското место во Вашингтон да стои толку долго непополнето.
– Во досегашната практика не е забележан пример амбасадорското место во Вашингтон да е испразнето толку долг период, имајќи го предвид значењето на билатералните односи со САД. Со тоа се испраќа лоша порака и кај државата домаќин, но создава и претстава за недоволно сериозен пристап на македонската дипломатија воопшто. Доколку во минатото се бараше алиби во кохабитацијата, во изминатите три години не може да се најде оправдување за одолжувањето на оваа постапка за избор на амбасадори во значајните дипломатско-конзуларни претставништва – смета Наумовски.
„Нова Македонија“ од Министерството за надворешни работи побара одговор зошто речиси четири години земјава нема амбасадор во САД и дали скоро може да се очекува пополнување на испразнетото амбасадорско место во Вашингтон, но засега нема одговор. Доколку го добие одговорот, „Нова Македонија“ веднаш ќе го објави, поради манифестираниот интерес на јавноста по ова прашање.