Практиката да се користат медиумите во пропагандна војна се покажува во полно светло и во врска со најновите настани. Тензиите околу Украина станаа полигон во кој војната не се води на бојното поле, туку на медиумски план, кога на медиумите франкенштајнски им се наметнува улога во функција на професионален пропаганден апарат, па жртвите не се ниту човечки ниту материјални, туку жртва е токму – вистината!
Војната околу Украина одамна се води, но перфидно, медиумски, специјално и хибридно…
Во сенката на движењето и разместувањето на воените потенцијали, ѕвечкањето со оружјето и на дипломатското надмудрување, улогата на медиумите исто така одигрува лавовска ролја. Медиумското влијание врз размислувањето на луѓето и создавањето една колективна перцепција со која би се оправдале или негирале одредени постапки на актерите во оваа драма, зафаќа значаен дел од веќе започнатата војна, која го има атрибутот „хибридна“ или „специјална“. Центрите на моќ си го прават своето, па некои од медиумите својата професионална функција ја ставаат настрана, заборавајќи ги новинарските принципи и стандарди, и се претвораат во пропагандна машинерија и оружје за водење хибридна војна со дезинформации и лажни вести.
Виетнам се покажа како пример
Теоретичарите на медиумите ќе кажат дека медиумите отсекогаш имале видна улога во разгорувањето односно придушувањето на воените огнови, во зависност од која страна на барикадите се наоѓале. Сепак, како пресвртен момент се смета американската инвазија на Виетнам, кога улогата на медиумите во конфликтите и војните станува одлучувачка. Доволно е само да се укаже каков пресврт се случи во јавноста по јавната поддршка за офанзивата на САД за „американските интереси“ во Југоисточна Азија, откако истата таа јавност стана длабоко шокирана од сликите на ужас и бруталност од Виетнам. Треба ли да се зборува за улогата на медиумите во ерата на Студената војна? Од филмови до документарни филмови беа користени најразлични алатки за поддршка на управувањето со перцепцијата во тој период. Во кризата во Заливот во 1991 година, друга кампања за масовна перцепција, предводена од Си-ен-ен, се фокусираше на соборениот ирачки водач Садам Хусеин со неповрзани слики на корморани што умираат. Тогашните прозападни елити на многу земји, кои не беа заинтересирани за тоа што се случи со луѓето во Ирак, ја гледаа сликата на корморани што летаат во нафтено мочуриште додека го пиеја својот чај илјадници милји подалеку.
За жал, ни денес не е многу различно. Со преземањето на талибанците во Авганистан во летото 2021 година, САД и Западот паднаа на голем тест со авганистанскиот народ. Додека очајните Авганистанци чекаа на аеродромот да побегнат на безбедна дестинација, Би-би-си и Си-ен-ен непречено пренесуваа што ќе се случи со жените по 20 години реформи. Целта на прилозите, кои оставија впечаток дека авганистанските жени ги имаа сите права и можности, од образование до здравство, во текот на 1920-тите години кога САД беа во Авганистан, но ги загубија сите кога дојдоа талибанците, беше да ги спречат другите западни земји да му посветат внимание на трауматичното повлекување на Американците од регионот. Ваквата практика се покажува во полно светло и во врска со најновите настани, тензиите меѓу Украина и Русија, кои станаа полигон во кој војната наместо на бојното поле се води на медиумски план, кога медиумите ја откриваат својата улога како професионален пропаганден апарат.
Воинствените написи добиваат на интензитет
Неодамна, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја опиша украинско-руската криза како најважното прашање меѓу Атлантскиот блок и Русија од Студената војна до денес. Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди сите да бидат внимателни додека се зборува за можноста за војна меѓу Русија и Украина, велејќи: „Печатот во Велика Британија, Германија, Франција и во Литванија дава впечаток дека има војна, но тоа не е така. Не ни треба оваа паника“, рече Зеленски.
Но воинствените написи беа особено присутни изминативе денови. На насловната страница на списанието „Тајм“, од 14 до 21 февруари, има мошне хаотична фотографија со наслов „Кризата што може да ја промени Европа засекогаш“. Кога ќе погледнеме внатре во списанието, „воените“ наслови се насекаде. Има дури и статија од Сајмон Шустер со наслов „Нераскажаната приказна за украинската криза“. Делот започнува со реченицата: „Големите војни понекогаш започнуваат поради мали прекршоци“. На насловната страница на изданието на „Економист“, од 8 до 14 јануари, има илустрација на рускиот претседател Владимир Путин со пушка в раце. Во него пишува: „Г. Путин ќе ве види сега“.
Неутралните набљудувачи ги споредуваат ваквите воено-подбуцнувачки наслови со насловите на весниците од почетокот и средината на 20 век, кога се најавувал почетокот на Првата и Втората светска војна.
„Блумберг“ го достигна врвот, „Њујорк тајмс“ не сакаше да остане покус
Сепак, за многумина „најцрниот“ наслов го имаше „Блумберг“, кој неодамна, во екот на голема затегнатост на односите, го употреби насловот „Во живо: Русија ја нападна Украина“, кој остана на почетната страница на нивната веб-страница речиси еден час. Набргу потоа тие признаа дека се работи за грешка и ја повлекоа веста.
„Подготвуваме наслови за различни сценарија и еден од тие наслови ненамерно беше објавен околу 16 часот по локално време (околу 22 часот по средноевропско време) на нашата веб-страница. Длабоко жалиме за грешката“, наведува агенцијата „Блумберг“. Редакцијата навела дека се истражува причината за оваа грешка.
Но проблемот доби на дополнителна тежина кога истиот наслов го објави и „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на „Блумберг“, без да ја потврди точноста на веста. Својата грешка половина час подоцна ја призна и „Њујорк тајмс“, велејќи дека веста е објавена по грешка. Тие рекоа дека им е длабоко жал и дека ја истражуваат причината.
Се разбира, Кремљ брзо реагираше, опишувајќи го сето ова како „последица на ескалацијата на тензиите на Западот“.
Изминатите денови светските медиуми беа преполни со најави за наводна руска интервенција во Украина, меѓу кои имаше и голем број лажни објави.
Бројот на публикации во западните медиуми за наводната руска инвазија на Украина сведочи дека западните земји подготвуваат провокации, изјави за телевизијата Првиот канал официјалната претставничка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Тоа покажува дека е очигледно дека се подготвува провокација. Бројот и квалитетот на тие публикации што беа подготвени порано и нивното лажење, укажуваат на тоа дека очигледно постои подготовка за некои провокативни дејства“, рече таа. Захарова истакна дека ниту една публикација во западните печатени медиуми и ниту една репортажа на телевизија не се емитува без да помине низ мноштво внатрешни уреднички филтри, што значи дека ништо нема да се објавува тукутака.
Заменик-постојаниот претставник на Русија во ОН, Дмитриј Полјански, ги советуваше инволвираните во хистеријата за наводната претстојна „руска инвазија“ да посетат лекар. Коментирајќи ја изјавата дека Русија повлекува дел од војниците поради притисокот на САД и на НАТО, Полјански потсети дека уште пред три недели ја предвидел ваквата ситуација и дека некој ќе каже „дека тоа се случило поради притисокот врз Русија“. Тој посочи дека ништо што Западот предвидува во врска со Украина не се случило ниту се случува. „Мислам дека им треба добар лекар, ги советувам да се обратат кај специјалисти за вакви случаи на параноја“, коментира Полјански.
Сепак, највпечатливиот коментар за целата оваа медиумска хистерија доаѓа од Кремљ, чиј портпарол Дмитриј Песков изјави дека претседателот Владимир Путин понекогаш дури и се шегува прашувајќи дали е објавено точното време за тоа кога ќе започне војната, бидејќи, како што рече, е невозможно да се разбере информациското лудило што се случува.
Песков го изјави ова одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Путин за тоа што Западот повремено ги објавува датумите кога, како што тврди, ќе започне „руската инвазија“ на Украина.
Би-би-си обвинува за медиумска војна?
Од друга страна, британскиот Би-би-си исто така признава дека навистина се води една жестока медиумска војна на лаги и дезинформации. Притоа се разгледуваат неколку примери на методи што ги користат медиумите што ја поддржуваат политиката на Кремљ, обвинувајќи ги руските медиуми дека имаат историја на промовирање емотивна содржина и сомнителни тврдења, кои ја прикажуваат Украина во негативно светло. Така, се наведува еден нашироко цитиран пример во 2014 година, во кој руската државна телевизија постојано прикажувала жена бегалка што тврдела дека украинските војници егзекутирале тригодишно момче. Ниту еден доказ никогаш не бил изведен за да ја поддржи нејзината сметка, а приказната подоцна била повлечена. Инцидентот стана познат како приказна за „распнатото момче“.
Понатаму се наведува дека неодамна, руските и медиумите што ја поддржуваат политиката на Кремљ објавија за непроверено видео на кое наводно се гледа како кон мигрантите се пука од страна на украинските сили на границата со Белорусија. Снимката со слаб квалитет, која е снимена со инфрацрвена камера, беше објавена на Фејсбук на почетокот на декември, поради што неколку руски медиуми цитираа „извештаи од локалните медиуми“, во кои се вели дека украинските војници пукаат во бегалците. Војникот на чиј профил на Фејсбук првпат се појави видеото изјави дека неговиот профил бил хакиран. Локална веб-страница за вести и невладина организација чии веб-страници прикажуваа стории за наводниот инцидент, исто така, тврдеа дека биле хакирани. Би-би-си не може самостојно да ги потврди овие тврдења.
Сугерирањето дека Украина е земја усогласена со нацизмот е редовна карактеристика на покривањето на руските медиуми, се вели во продолжението од анализата. Исто така, се потенцира загриженост дека тролови што ја поддржуваат политиката на Кремљ, користејќи лажни сметки, целеле на британските и другите странски медиумски сајтови, за да ги унапредат руските интереси. Истражувањето на Институтот за истражување криминал и безбедност при Универзитетот во Кардиф од минатата година покажа дека деловите за коментари на 32 истакнати медиумски веб-страници во 16 земји, вклучувајќи го и „Дејли експрес“, биле цел на троловите што го поддржуваат Кремљ. Според истражувачите, нивните антизападни и проруски коментари потоа биле користени како основа за вести во медиумите на руски јазик. Активноста на сметките што шират проруска пропаганда драстично се зголеми во ноември минатата година, според истражувањето на групата за контрадезинформации „Митос лабс“. Во текот на овој месец, овие сметки твитаа за Украина во просек 213 пати на ден. Притоа е констатирана една тактика – како што забележаа истражувачите – да се споделува материјал од неруски гласови со ставови што се во согласност со ставот на Москва.