Откако веќе речиси станува јасно дека директна руска инвазија на Украина е сѐ помалку извесна, нешто на што укажавме пред неколку седмици, сега само по себе се наметнува прашањето што или како понатаму. Од она што на прва би можеле да го видиме во Украина и опкружувањето е дека полека, но сигурно во Украина допрва доаѓа зимата, а состојбата ќе оди во нешто што наликува на замрзнат конфликт или попрецизно, спор. Да, точно е дека не може докрај да се идентификува со тоа бидејќи немаше оружен конфликт, но точно е и дека натрупаните сили од двете страни најверојатно ќе поседат таму како гаранција на меѓусебното одвраќање – нешто на што исто така укажавме како дипломатски успех на двете страни.
Ситуацијата околу Украина, драги мои, повеќе или помалку, ќе го отсликува започнатото ривалство на големите играчи. За таа цел, за да се разбере резултатот од овој сѐ поизвесен замрзнат спор ќе мора да се разбере суштината на големата игра и трката што е започната. Во таа трка на една страна ќе бидат ревизионистичките сили предводени од Русија и од Кина, кои сакаат да го променат светскиот поредок подреден на либералната хегемонија. На другата, пак, ќе биде западниот свет, кој ќе сака да ја задржи стекнатата доминација и со тоа правилата на игра што беа поставени во меѓународните односи во изминатите триесетина години. Оваа поставеност е мошне битна бидејќи постојните безбедносни концепти на кои се градени армиите, воспоставените механизми за носење одлуки и контрола на употребата на сила, не сум најсигурен дека ќе може да дадат одговор на она што ќе следува. Дополнително, ако за ваквата компетиција за време на Студената војна имаше концепт (во политичка смисла) што може да го менаџира стравот од меѓусебно уништување преточен преку балансот на сили, засега или барем мене тоа не ми е познато, не гледам концепт што може да го стори тоа.
Само колку појаснување, реализмот преточен во баланс на моќта успеа да развие безбедносни концепти што го зачуваа мирот за време на Студената војна. Така, на пример, врз основа на генералната рамка на баланс на силите беше операционализирана теоријата на одвраќање (која делумно одлично функционира во Украина) што почиваше на идејата за меѓусебно осигурување на катастрофата од конфликтот што ќе доведе до себе уништување. Проблемот е што тој концепт (на дипломатски, безбедносни, економски и информациски напори) е неприменлив во сегашната поставеност на мултиполарен свет. За тоа, како што веќе подвлеков во претходната колумна, постојат многу причини, но заради практичност ги сведовме на две. Прво, играчите не се исти. Второ, генетиката на либералната демократија, таа што го уредуваше или доминираше со светскиот поредок е значително променета (на ова подетално ќе се навратиме во дебатите што претстојат).
Русија, а и Кина, веќе извесно време јасно ставаат до знаење дека независно од западната доминација тие „фураат“ своја приказна. Покрај со дела, тоа го кажаа и во заедничката изјава на отворањето на Олимписките игри во Пекинг. Од англиската верзија на изјавата, она што барем мене ми падна во очи е различниот концепт на демократија за кој, барем според изјавата, ќе се залагаат Кина и Русија. И Кина, а и Русија се свесни за промените во светот. И двете земји гледаат на светот како на мултиполарно поле во кое суверените ентитети не се поединците, туку државите. Тоа е нешто што во блага форма му треба на либерализмот, но за што кога ќе премине во ултравлијание засега нема одговор. Поинаку, либералниот свет во основа ја стимулира децентрализацијата со цел слобода на движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Тоа е основата за да може да има прогрес. Без тоа нема ширење на пазарот, а со тоа капитализмот сфатен како либерално-демократски феномен е во криза. Во една таква констелација на односите под доминацијата на либералниот свет настана и промената на концептот на безбедност во изминатите 25-30 години. Имено, промените околу безбедноста се одвиваа хоризонтално на нови предизвици (како справување со кризи од најразличен карактер, вклучувајќи и пандемии) и вертикално во длабочина каде што фокусот се стави на групи (малцинства или одредени категории како ЛГБТ-заедницата) и поединци, т.е. човекот.
Само колку за илустрација без да навлегуваме во детали, тоа влијаеше да се развијат и концептите како одговорноста да се заштити (Responsibility to protect-R2P), за што веќе зборувавме кога го објаснувавме членот 5 од НАТО-договорот) или т.н. концепт на чoвечка – индивидуална безбедност (human security). Во едни такви услови на фокус државата како субјект-структура се прерипнуваше ако елитата што ја управуваше не беше според либерално-демократскиот терк.
На тој начин, до одредена мера се начна и самиот концепт на суверенитет втемелен со Повелбата на ОН. Е сега, драги мои, откако Кина и Русија успеаја секој на свој начин да акумулира моќ, да ја искорумпира либералната демократија до максимум и да наметне, според западната логика, квазидемократија дојде време за нови поделби на сфери на влијанија или ревизија на она што било направено во изминатиот период. Во заедничката изјава на Кина и на Русија тоа најдобро е отсликано во делот каде што тие тврдат дека светот е мултиполарен. Понатаму тие укажуваат и дека секоја држава без да потенцираат суверенитет, има право да им го овозможи на своите граѓани она што е најдобро за нив. Многу слично како и либерално-демократскиот свет, демократијата за Кина и Русија се применува во сите сфери на јавно дејствување, таа (демократијата) треба да го отсликува она што народот го сака, а државата е тука за да ги заштити нивните интереси.
Но разликата со западната перцепција за демократија е во тоа што нацијата треба да избере каква демократија ќе примени. Тоа мора да биде на начин што најдобро ќе се приспособи на културолошките и социјалните динамики на нацијата. За сѐ, сепак, водич е државата, не поединецот. Со други зборови, Кина и Русија му пркосат на западниот обид да се универзализираат вредностите (малку повеќе пребарајте пред околу дваесетина недели на ова исто место кога говоревме на таа тема). Според Кина и Русија, Западот се обидува да наметне унилатерално практикување на демократијата. Тоа е да биде либерално, каде што државата има улога само да осигури дека поединците ќе можат да општат и да дејствуваат според правилата за кои тие се договориле. Последното, впрочем, во многу генерална смисла е одраз и на културната ако може да се каже така на „одгледување на фамилијата“ што се сведува на индивидуализам. Оттука, за Западот вие не сте слободни ако немате право да гласате (проверете ги сите интервенции во последните неколку години и смената на режими, како и постконфликтниот менаџмент, особено во Авганистан). Економските слободи и права (каде што се правото на работа, синдикалните права, правата на работникот и сл.) за западниот свет (иако за волја на вистината дел од европските држави отстапуваат од оваа матрица) се втора категорија.
Тоа, преточено во пракса значи и еден човек едно право на глас. Ова за културите што имаа колективизам е проблематично, бидејќи основата на колективизмот е детерминизам не индивидуално право на избор. Колективизмот значи да се има мислење како на оној што ја предводи групата за да се осигури опстанокот. Кога тоа ќе го сведете во другите сфери, на пример економијата, ќе ги добиете овие пристапи. Кина и Русија имаат централизирана економија каде што државата е таа што стои зад компаниите, кои се натпреваруваат на либералниот пазар. Во западниот свет државата има неутрална улога. Проблемот за либерализмот за кој Западот генерално, а посебно САД се крајно свесни е ултралиберализмот, кој сам по себе делумно е сосема во ред. Но ставен во арената со централизирани демократии има сериозна фалинка што ќе ја објасниме веќе во наредниот број. Она што остана да се истакне е дека целата оваа дебата е само преглед на рамката што ќе ги движи потезите околу Украина. Оваа трка, која е започната, допрва ќе ги има своите „Украини“ на Истокот. Со други зборови, материјализирањето на судирот на концепти ќе го гледаме допрва во регионите каде што позиционирањето заради ресурси, било тоа да се енергетски или, пак, пристапи што овозможуваат маневар и проток на услуги, луѓе, капитал и стоки, ќе биде императив. За да се разберат исходот и причините, пак, треба да се разбере суштината на спорот, кој, за среќа, не ескалирал во конфликт.
Методи Хаџи-Јанев
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.