Еден од аргументите на бугарските политичари за нивната различна „диоптрија“ за прашањата за малцинствата е дека, наводно, бугарскиот устав не признава малцинства, односно дека тоа прашање не е регулирано како колективно право, туку како индивидуално право. (?!) Со оглед на принципот на ЕУ за „обединетост во различноста“, што апсолутно се реферира на „правото на самоопределување и здружување“, аналитичарите го отвораат прашањето „како Унијата направила пропуст при оцената на усогласеноста на бугарскиот устав со меѓународното право, односно со воспоставениот меѓународноправен поредок, како и со конституционалните стандарди на земјите-членки, при приемот на Бугарија како нејзина членка“?
Пропуст на ЕУ, нејзина непринципиелност или исполнување на некои долгорочни планови на Унијата?
Колку и да е растеглив политичкиот прагматизам на Европската Унија во однос на примената и почитувањето на нејзините темелни принципи (рамноправност, демократија, самоопределување, владеење на правото…), сепак тешко може да понуди прифатливо објаснување за толерантноста (или замижувањето) пред дрскоста на одредени земји-членки да негираат и спречуваат свои граѓани да ги уживаат основните човекови права на самоопределување, себеименување и слобода на изразување. Толеранцијата што ја покажува ЕУ спрема Бугарија (а претходно и спрема Грција) во однос на спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права за правото на здружување на нејзините граѓани што се изјаснуваат како Македонци, ескалира во апсурдна ситуација во македонско-бугарските односи. Апсурдот е изразен како барање од Бугарија за регистрирање некакво бугарско малцинство во македонскиот устав (како еден од условите за повлекување на ветото за евроинтеграциите на Македонија), додека категорично се поставува табу за какво било споменување на идентични права за македонското малцинство во својата земја, и покрај добиените 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права во корист на здруженијата со македонски етнички предзнак.
Еден од аргументите на бугарските политичари за нивната различна „диоптрија“ за прашањата за малцинствата е дека, наводно, бугарскиот устав не признава малцинства, односно дека тоа прашање не е регулирано како колективно право, туку како индивидуално право. (?!) Со оглед на принципот на ЕУ за „обединетост во различноста“, која директно се реферира на „правото на самоопределување и здружување,“ се отвора прашањето како Унијата направила „пропуст“ при оцената на усогласеноста на бугарскиот устав со меѓународното право, односно со воспоставениот меѓународноправен поредок, како и со конституционалните стандарди на земјите-членки, при приемот на Бугарија како нејзина членка.
– Не постои забрана во бугарскиот устав за признавање права на малцинствата. Всушност, во Бугарија веќе се признаени две малцинства – ромското и турското. Навистина, во бугарскиот устав не се споменува експлицитно терминот „малцинства“, но во него има и два члена со кои се гарантира правото на изучување на мајчиниот јазик на сите оние што се изјаснуваат дека имаат мајчин јазик различен од бугарскиот. На тие членови се повика и Уставниот суд при ратификацијата на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од страна на Бугарија. При влегувањето на Бугарија во ЕУ, Венецијанската комисија имаше забелешки на бугарскиот устав, токму во поглед на отсуството на терминот „малцинства“, но тогаш образложението беше дека малцинските (етничките) права се регулирани според политички концепт на индивидуални права за единственост на нацијата во политичка смисла, аргументирајќи со споредба со францускиот устав. На некој начин, тогаш со тоа објаснување се „извлекоа“ пред Венецијанската комисија, но откако влезе во ЕУ, Бугарија продолжи на внатрешен план со политиката на дискриминација и негирање на правата на малцинствата, особено на македонското малцинство – вели професорот Стојко Стојков, претседател на ОМО „Илинден“ – Пирин, македонската организација во Бугарија, која има добиено 11 пресуди во своја корист од Европскиот суд за човекови права.
Пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои ги имаат добиено во своја корист македонските организации од Бугарија, се врз основа на прекршување на членот 11 (Слобода на собирање и здружување) од Европската конвенција за заштита на човековите права, од страна на бугарските власти.
– Претставки за прекршување на основните човекови права од страна на државата пред Европскиот суд за човекови права се поднесуваат индивидуално или од здруженија. Во пресудите за нашите претставки, по основа на членот 11 од Европската конвенција за човекови права, од ЕСЧП се наведува дека Бугарија треба да овозможи регистрација на здруженија на нејзини граѓани што се изјаснуваат како Македонци. Дури и Комитетот на министри на Советот на Европа, кој врши мониторинг на извршувањето на пресудите на ЕСЧП, во своите извештаи ја предупредува Бугарија да создаде услови за спроведување на она што ѝ е наложено во пресудите и да ги регистрира организациите на македонското малцинство. Бугарија е актуелно под засилен мониторинг од Комитетот на министри на Советот на Европа, кој ќе расправа за (не)спроведувањето на пресудите од нејзина страна на 22 март, годинава – вели Стојко Стојков од ОМО „Илинден“ – Пирин.