Како што пандемијата на ковид-19 влезе во својата трета години, САД уживаа продолжен бум на берзата, а светскиот трговски суфицит на Кина достигна рекордно високо ниво. Има причина да се верува дека овие трендови нема да траат. Но дури и да опстојат пазарните раздвижувања или силниот извоз во најголемите светски економии, повеќето луѓе се соочуваат со тешкотии и загриженост.
Во одговорот на пандемијата, политичарите се соочија со тешка дилема: да ја зачуваат отвореноста на економијата и да ризикуваат поголем број смртни случаи од ковид-19 или да воведат карантини и да ја уништат живејачката. Како што истакнува економистот В. Кип Вискузи од универзитетот „Вандербилт“, еден начин да се поедностави компромисот меѓу придобивките од намалувањето на здравствените ризици и трошоците од економските нарушувања е да се „монетизираат“ смртните случаи од ковид-19. Користејќи ја вредноста на статистички живот (ВСЛ) како метрика, Вискузи откри дека трошоците од загубените животи од ковид-19 во првата половина на 2020 година изнесувале 1,4 илјада милијарди долари во САД и 3,5 илјади милијарди долари на светско ниво. Иако САД учествуваат со 25 отсто од смртните случаи, сепак нивниот удел во светските трошоци од смртноста изнесуваше 41 отсто, поради тоа што богатите земји имаат повисок ВСЛ. Ако се примени истата мерка за официјално пријавени смртни случаи до крајот на 2021 година, кои се вкупно околу 5,6 милиони, трошоците за смртност би биле 38 илјади милијарди долари или 40 отсто од светскиот БДП. Ако се земе предвид процената на „Економист“ за реалните смртни случаи, односно близу 17 милиони, тогаш таа бројка се искачува на 114 илјади милијарди долари, или 120 отсто од БДП.
Кина имаше многу поинаков пристап од САД, избирајќи да ги заштити животите со воведување строги рестрикции на движењето, дури и на сметка на поголеми економски нарушувања. Ако Кина имаше иста стапка на инфлација како САД и иста стапка на смртност (малку повеќе од 2,9 отсто), нејзиниот вкупен број на смртни случаи од ковид-19 би достигнал 4,1 милиони, наместо официјалните 4.849 починати. Кинескиот ВСЛ од 2,75 милиони долари покажува дека тоа би значело дополнителни загуби од 11,3 илјади милијарди долари, или 67 отсто од БДП во 2021 година. Со оглед на тоа што кинеската економија се покажа релативно добро за време на пандемијата, и покрај карантините, може да се заклучи дека пристапот на Кина доведе до намалување на вкупните трошоци. Во секој случај, реалните трошоци на пандемијата се повисоки отколку што покажуваат резултатите од ВСЛ. Со вкупната смртност, морбидитетот, менталните здравствени состојби и директните економски загуби, поранешниот американски секретар за финансии Лери Самерс и економистот од „Харвард“, Дејвид М. Катлер, проценуваат дека САД претрпеле загуби од 16 илјади милијарди долари, што е еднакво на 90 отсто од БДП во 2020 година. Покрај овие високи трошоци, дилемата со која се соочуваат земји како САД или Кина е помалку сериозна од онаа кај посиромашните земји во развој. Со огромни долгови и ограничен капацитет за кредити, владите на овие држави имаат неколку опции како да ги поддржат нивните економии. Недостигот од вакцини и слабите здравствени системи уште повеќе ги направија ранливи.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) неодамна предупреди дека поради пандемијата, уште повеќе се намалиле приходите во 40 слаби земји погодени од конфликти во однос на остатокот од светот. На таквите земји им недостига институционален капацитет или ресурси за ефикасно управување или ублажување на социјалните, економските, политичките, безбедносните или еколошките ризици. Насилството веќе е на највисоко ниво во последните 30 години. Слабите држави, каде што живеат речиси една милијарда луѓе, може да сочинуваат 60 отсто од сиромашните во светот до 2030 година.
Сето ова зема данок на светската економија. Најновиот извештај за глобалните економски перспективи на Светската банка претпазливо предвидува дека светскиот раст ќе забави од 5,5 отсто во 2021 година на 4,1 отсто во 2022 година и 3,2 отсто во 2023 година. Зад оваа прогноза стојат заканите од новите мутации на коронавирусот, зголемувањето на инфлацијата, долговите, нееднаквоста и загриженоста за безбедносните предизвици. Економистите и експертите од ММФ и Светската банка ги мерат политичките опции и нивните последици во однос на монетарните трошоци или БДП. Но дилемата со која се соочуваат политичарите во суштина е морална, особено вкоренета во прашањето кога индивидуалните приоритети треба да надвладеат над колективните интереси. Покрај очигледната директност на пресметките на трошоците и придобивките, пандемијата на крајот е системски предизвик, кој е поврзан со преостанатите, како нееднаквоста и климатските промени.
Како што неодамна тврдеше Минуш Шафик, директорот на Лондонската школа за економија и политички науки, пандемијата јасно ја покажа потребата за нов општествен договор што ќе одговара на современите предизвици. Општествениот договор што ни е потребен мора да ги одразува силите и вредностите што го обликуваат светот во кој денес живееме, вклучувајќи ја силната меѓусебна поврзаност меѓу економиите и општествата, инхерентната вредност на сите луѓе и заедничките егзистенцијални предизвици на климатските промени. Денес, изборот не е да се доминира или да се биде потчинет, туку да работиме сите заедно или да пропаднеме заедно.
Ендру Шенг е истакнат соработник на Азискиот глобален институт на Универзитетот во Хонгконг и член на Советодавниот одбор на УНЕП за одржливи финансии. Сиао Генг е претседател на Институтот за меѓународни финансии во Хонгконг и професор и директор на Институтот за политика и практика на финансискиот институт во Шенжен