Некои рани извештаи покажуваат дека БA.2 може да биде уште позаразна од веќе екстремно заразната БA.1, но досега нема докази дека е поголема веројатноста да ја избегне заштитата од вакцините
Колку од новите случаи на ковид-19 во Македонија се омикрон, а колку се должат на поттиповите на омикрон? Дали нивната генетска мутација ги прави поотпорни, или, не? Сите овие дилеми се наметнуваат, особено по светските научни истражувања кои откриваат неколку поттипови на омикрон.
Високо преносливата варијанта на омикрон позната како БA.1, сега е одговорна за голем дел од инфекциите со коронавирусот на глобално ниво. Иако случаите на ковид-19 веќе го достигнаа врвот во некои земји, научниците сега следат пораст на случаи предизвикани од „блискиот братучед“ на омикрон познат како БA.2 или „стелт“, кој почнува да се натпреварува со БA.1 во делови од Европа и од Азија.
Според „Гардијан“, на глобално ниво, сојот БA.1 сочинувал 98,8 отсто од секвенцираните случаи поднесени до 25 јануари, до јавната база на податоци за следење вируси ГИСАИД. Анализите велат дека верзијата БA.1 на омикрон била малку полесна за следење од претходните варијанти. Тоа е затоа што на БA.1 му недостасува еден од трите целни гени што се користат во заедничкиот ПЦР-тест. БA.2, понекогаш познат како „стелт“ подваријанта, го нема истиот целен ген што недостасува.
Сепак, експертите велат дека како и кај другите варијанти, инфекцијата со БA.2 може да се открие со комплети за домашни тестови за коронавирус, иако тие не можат да наведат која варијанта точно е присутна. Некои рани извештаи покажуваат дека БA.2 може да биде уште позаразна од веќе екстремно заразната БA.1, но досега нема докази дека е поголема веројатноста да ја избегне заштитата од вакцините.
Епидемиологот Драган Даниловски не гледа причина кај нас да не се прави секвенционирање на случаите на омикрон, но не знае дали тоа здравствените институции и официјално го прават.
– Веројатно е дека и двете подваријанти на омикрон се присутни и кај нас. Но и онака бројот на заразени недијагностицирани сигурно е до 10 пати повисок од официјалните бројки. Па така, новата варијанта „стелт“ нема некое посебно епидемиолошко значење во наши услови – додава тој.
Сепак, како што вели тој, сознанијата од досега достапни анализи во светот, говорат дека се случува оваа нова подваријанта на омикрон да не биде детектирана со некои ПЦР-тестови.
– Ако некој е заразен со стелт омикрон, може да се случи, ама само со некои ПЦР-тестови – да се добие негативен резултат! Нема да биде виден од тестот! Затоа го крстиле стелт – заклучува епидемиологот.
Дали омикронот може да биде во блага форма?
Данските здравствени власти врз основа на првичните податоци, проценуваат дека БA.2 може да биде 1,5 пати попренослив од БA.1, иако веројатно не предизвикува потешка болест. Анализите на здравствените институции во Англија, пак, посочуваат дека преносот во домаќинството е поголем меѓу контактите на луѓето заразени со БA.2 или 13,4 отсто, во споредба со другите случаи на омикрон или 10,3 отсто.
Сепак, загрижувачко прашање за детални анализи е и тоа дали прележување на варијатната БА.1, штити од зараза со БА.2.
Експертот за заразни болести на Медицинскиот факултет „Фајнберг“ на Универзитетот „Нортвестерн“ во Чикаго, д-р Егон Озер, посочува дека добра вест е тоа што вакцините сè уште „ги држат луѓето надвор од болницата и ги спречуваат смртните случаи“.
Затоа, експертите сметаат и дека е важно да се продолжи со примена на постоечките мерки, како социјална дистанца, носење на маски и миење на раце, но и вакцинирање со трета бустер доза.
Познати уште неколку нови поттипови
Според Светската здравствена организација (СЗО), неколку земји известуваат за неодамнешни зголемувања на случаи на БА.2. Покрај БA.1 и БA.2, СЗО наведува уште две подваријанти под капата на омикрон, како БA.1.1.529 и БA.3. Сите се тесно поврзани генетски, но секоја од нив има мутации кои би можеле да го променат начинот на нивното однесување.
Тревор Бедфорд, компјутерски виролог во Центарот за рак „Фред Хачинсон“ во САД, ја следи еволуцијата на Сарс-КоВ-2. Тој на Твитер напишал дека БA.2 претставува приближно 82 отсто од случаите во Данска, девет отсто во Велика Британија и осум отсто во САД. Бедфорд ја засновал својата анализа на секвенционирање на податоци од базата на податоци на ГИСАИД.