Податоците од Државниот завод за статистика говорат дека едни од најчестите инкриминирани поведенија се кривичните дела од корпусот против службената положба и овластување. До идентичен заклучок доведоа и нешто понови истражувања на невладината организација „Македонски центар за меѓународна соработка“ (МЦМС).
Се добива впечаток дека делото „злоупотребата на службената положба и овластувања“ е инкриминација по која се посегнува секогаш кога не може да се најде некаква друга, попрецизна опција, објаснуваат упатените…
ШТО СЕ СЛУЧИ СО ФАМОЗНИОТ ЧЛЕН 353 ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК
Најавениот, а потоа одложен почеток на судењето за случајот „Софтвери“ против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, и шест други лица за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари, повторно го актуализира проблемот со, според многумина, мошне растегливиот член 353, кој во Кривичниот законик го дефинира делото „злоупотреба на службената положба и овластувања“ како едно од делата по кои најчесто посегнуваат органите на гонење, што, пак, не секогаш резултира и со соодветен број осудителни пресуди. Ова се однесува на секое постапување на службеното лице што злоупотребувајќи ја својата положба, со пречекорување или неизвршување на службената должност, сака да прибави имотна или некаква друга корист.
Иако малку постари, податоците од Државниот завод за статистика говорат дека едни од најчестите дела се кривичните дела од корпусот против службената положба и овластување. Но до сличен заклучок доведоа и нешто понови истражувања на невладината организација „Македонски центар за меѓународна соработка“ (МЦМС).
– Иако околу една третина од граѓаните (33,7 проценти) биле изложени на коруптивен притисок, а 32,9 проценти биле вклучени во корупција, сепак, корупцијата останува неказнива. Овој процент, претворен во апсолутни бројки, под претпоставка дека се работи за поединечни случаи, покажува дека станува збор за потенцијално над 550.000 сторени дела. Во 2020 година, вкупно 82 лица биле осудени за злоупотреба на службената положба или поткуп, односно стапката на ефикасност на институциите е 0,015 проценти. Толкав е процентот на случаи што се обработуваат наспроти оние што претпоставуваме дека се случуваат – се наведува во истражувањето на МЦМС.
Во изминативе години имаше повеќе обиди за редефинирање на овој член од Кривичниот законик, но до тоа, како што објаснуваат упатените, од разни причини не дојде, а резултат на тоа се голем број нерасчистени и непреоцесирани афери на највисоките нивоа на власта, но и во пониските ешалони, како и постојаните сомневања во веродостојноста на обвиненијата откога по нив ќе се изречат пресуди.
Скопскиот адвокат Еленко Миланов, воочувајќи го проблемот низ своето секојдневно адвокатско дејствување, пред неколку години, до Уставниот суд поднесе иницијатива за редефинирање на законскиот член, но таа не му беше прифатена.
– Премногу широко е дефинирана оваа одредба, што остава можност за нејзиното паушално толкување. Со сегашното решение, секое дејство на службените лица може да се подведе под злоупотреба на службената положба и овластувања и секому може да му се најде по нешто ако се сака, при што пропишаната затворска казна од пет до дваесет години е навистина голема – објаснува Миланов.
Освен тоа, растегливоста на одредбата, според него, во одредена мера им дава за право на сите оние што тврдат дека токму тој член од законот често се користи за пресметка со политичките неистомисленици.
А како на целиот проблем гледаат обвинителите?
– Кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ е едно од најчесто пријавуваните кривични дела од главата на кривични дела против службената должност. Во последните анализирани три години, забележителен е фактот дека надлежните основни обвинителства на Вишото јавно обвинителство во Штип, невообичаено по поднесените кривични пријави за предметното кривично дело, донеле решенија за отфрлање на кривичните пријави. За вистинските причини би требало да се направи подетална анализа, за подносителите на овие пријави, нивната поткрепеност со соодветни докази, колку јавните обвинители по истите тие поднеле барања за собирање на потребните податоци, дали истите тие се отфрлени поради немање елементи на кривично дело (нема штета или корист или се работи за дисциплинска повреда) или нема основано сомнение дека е сторено предметно кривично дело (ЈО дополнително ги направило сите проверки на наводите во пријавата и нема основано сомневање) – резимира во својот учебник професорот по казнено право и виш јавен обвинител Тодор Витларов.
По анализираните случаи во практиката, Витларов констатирал две слабости.
– Јавните обвинители треба да обрнат внимание и правилно да ги составуваат диспозитивите при поднесување обвиненија за кривичното дело, со јасен опис на дејствата (искористување на службената положба, пречекорување или неизвршување на службената должност) и на условите на инкриминацијата (штета или некаква корист за себе или за друг). Евидентно во практиката е и постоењето на разлики во правните ставови по однос на постоење на елементи на предметното кривично дело, помеѓу јавното обвинителство и основните и апелациските судови, како и помеѓу пониските судови и Врховниот суд – препорачува Витларов.
По ова, упатените оценуваат дека членот 353 од Кривичниот законик е проблематичен од повеќе аспекти.
– Се добива впечаток дека злоупотребата на службената положба и овластувања е инкриминација по која се посегнува секогаш кога не може да се најде некаква друга, попрецизна опција. Иако недоволно дефинирана, таа не би смеело да се користи како „олинклузив“ инкриминација. Само така ќе се одбегнат долготрајните и непродуктивните судски постапки засновани врз погрешните иницијални проценки. А што е уште поважно, само така ќе се одбегнат и сите евентуални последици врз правата на учесниците во постапките што произлегуваат од сето тоа, како и последиците по буџетот до кои доаѓа поради неосновано водените постапки – согласни се тие. Д.М.М.