Целиот регион се простува од лидерот на „Парни ваљак“
По веста за ненадејната смрт на познатиот скопјанец Аки Рахимовски (67), кој повеќе од 40 години беше лидер на хрватската рок-група „Парни Ваљак“, во саботата, на социјалните мрежи, илјадници негови обожаватели со одбрани зборови се простија од својот идол. Се огласија и неговите колеги од Македонија, но и од целиот регион, истакнувајќи ги неговиот голем талент, неповторливиот моќен глас, огромната енергија со која зрачеше на сцената, но пред сѐ неговата големина како човек и емоцијата со која ја испеа секоја нота.
Неговите другари од Скопје, со кои растел, не го криеја шокот по објавувањето на тажната вест. Иако Аки пред три години доживеа мозочен удар, а неодамна му биле вградени и стентови и имал проблеми со ’рбетот, сите, а и самиот тој, се надеваа дека наскоро повторно ќе се качи на сцената.
Љубчо Алексовски, познатиот радио и телевизиски новинар и писател, со Аки се слушнал пред три-четири дена, бидејќи биле во постојан контакт.
– Не можам сѐ уште да поверувам дека го нема повеќе Аки. Веста ме шокира, пред два дена се чувме, рече дека е добар и дека планира да дојде деновиве во Скопје да ја посети својата болна мајка. Се договаравме да се видиме кај Никола, Штипчето, ми зборуваше за новата песна што ја снимиле со „Ваљак“, како најава за претстојната турнеја низ Хрватска. Нашиот телефонски муабет го завршивме со зборовите: „Ај, чао, се гледаме и чувај се“. За жал, нема повеќе да се видиме со нашиот Брци, како што си го викавме ние, неговите најблиски другари. Посебно бевме ние двајцата емотивно врзани бидејќи буквално секој момент како „клинци“ го минувавме заедно во нашето маало – ни рече Љубчо.
Тој се потсети на заедничките младешки денови што ги минал со Аки во Скопје.
– Го вртам сега, додека ја слушам „Јесен у мени“, нашиот заеднички „скопски“ филм во мојата глава. Играњето маалски фудбал, првите музички проби во пионерскиот дом „Карпош“, пробите кај Ацо Црногорецот во подрумот во „Синѓелиќ“, журките кај Аљоша и Силва, игранките и свирките со групата „Тор“, неговата прва љубов, една синокоса Мери, на која подоцна ќе ѝ посвети и песна со групата „Парни Ваљак“ („700 милји од дома“), фестивалот „Бум 74“ во Загреб, каде што ќе го забележат неговиот специфичен глас и сценскиот настап, кога во музичка екстаза ја скрши штиклата на една од неговите чизми со високи потпетици. Потоа, замина за Загреб, најпрво во „Група 220“, а потоа, со Хус ја формираат „Парни ваљак“, една од најдобрите рок-групи во тогашна Југославија, благодарејќи најмногу на рапавиот и специфичен глас на „македонскиот Мик Џегер“, Аки Рахимовски – се потсети Алексовски.
Тој додаде дека и по физичкото заминување на другар му Аки ќе останат песните што ги отпеал, заедничкото дружење со Коле, Аљо, Муци, Дона, Максо, Тоше, Биба, Жане…, сеќавањата, со кои тој ќе биде жив во срцата на оние што го сакале.
А во текот на својата 45-годишна музичка кариера, Аки сними дваесетина албуми, со милионски тиражи и со групата „Парни ваљак“ изгради блескава кариера, но реализира и соло-проекти.
Според многумина, големиот успех на „Ваљак“ е резултат на симбиозата меѓу гласот на Аки и песните на Хус.
– Господ ми го даде ова богатство, гласот, и до последниот здив сакам да го споделувам со луѓето. А тоа е лесно кога автор како Хус пишува песни како создадени за мене, а згора на тоа не знае да пее (ха-ха). Секоја негова песна е животна приказна и веќе на второ слушање влегува под кожа. Во сите нас лежи песната, но Хус е мајстор да ја изнедри и луѓето да се препознаат во неа. Неговите текстови и песни со мојата емоција добиваат свој печат, а песна без емоција е мртво слово на хартија – изјави Рахимовски во интервју за „Нова Македонија“ пред неколку години.
Иако со „Парни ваљак“ Аки жареше и палеше во поранешна Југославија, но и пошироко, тој не ги заборави Македонија и своето Скопје.
Му даваше голема поддршка на Тоше Проески, препознавајќи го неговиот огромен талент, а незаборавен е моментот кога на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ во 2004 година, тие настапија заедно, со песната „Јесен у мени“. На концертот на „Ваљак“ во белградска арена во 2010 година на 16 октомври, Ранко му ја испратил снимката на Аки, која била емитувана на видеобим во салата, а тој пеел во живо. Така уште еднаш Аки му оддаде почит на Тоше.
Во 2017 година, Аки доби „златна буба мара на популарноста“ за животно дело, кога беше гостин и на популарното скопско радио, каде што и денес се наоѓа огромен постер од сега веќе култниот настап на Тоше и на Аки.
– Аки беше еден од најголемите уметници на нашите простори, предобар човек, другариште. Кога беше на сцена како да ги гледавме Мик Џегер, Џемс Браун и Род Стјуарт заедно. Кога се преселивме во новите простории на Радио бубамара, поставивме голем постер на ѕидот, од неговиот настап на „Златна бубамара“ и тој ќе остане таму како и песните и сеќавањата на многу генерации што растеа со неговите песни и концерти – вели Ранко Петровиќ, првиот човек на Радио бубамара.
Рахимовски соработуваше и со Венко Серафимов и ја сними неговата „Бела песна“, што ја отпеа со Каролина Гочева, која носи силна порака младите да ѝ кажат не на дрогата. Со семејството Тавитјан, пак, соработуваше во проектот „Македонското срце чука во седум осмини“, кога во современ аранжман ја отпеа македонската народна песна „Сношти сакав да ти дојдам“.
„Аки, почивај во мир кралу. Ти благодарам за пријателството, убавите моменти, легендарните песни и концерти. За вечната музика… – напиша Диран Тавитјан на социјалните мрежи, изразувајќи почит кон големиот музичар.
Аки доби награда и на македонскиот радиски фестивал МАРС за популаризирање на Македонија во Хрватска.
– Драго ми е што луѓето ја препознаваат мојата емисарска мисија и знаат дека каде и да одам ја носам Македонија во срцето – ни рече своевремено Аки.
Пред три години ја сними на македонски јазик и песната „Мајко“ на Игор Атанасоски-Гуру Харе, која звучи навистина маестрално.
– Најголем комплимент за еден автор е песната да ти ја испее една таква легенда! Неповторлив вокал, со ретка емоција, која во „Мајко“ доаѓа до полн израз. Тивок, скромен и непосреден. Еден од најголемите на Балканот. Збогум пријателе, и мирно небо – вели трогнат од тажната вест Гуру Харе.
Летоска, по подолга пауза, заедно со Дадо Топиќ, Аки настапи во Битола на концертот насловен „Рок-симфонија“ и, според присутните, навистина уживал.
Негова неостварена желба беше да сними албум со македонски етнобисери, кои со задоволство ги пееше.
Останаа нереализирани најавената турнеја на „Парни ваљак“, многу концерти и песни, но остана и сѐ што досега направил Аки, а тоа навистина е за почит.
„Моја девиза е дека сѐ во животот треба да се прави со емоции и посветеност и ако некој одлучи да се занимава со музика, тоа треба да го прави од срце, зашто во музиката нема лажење“, велеше легендарниот пејач.