Фото: Маја Јаневска-Илиева

Докторите Елена Ботази и Питер Хотез, од медицинскиот колеџ „Бејлор“, изјавиле дека сакаат да му помогнат на светот со тоа што податоците за вакцината што ја развиле ќе им бидат достапни на сите и тие нема да го патентираат нивното научно откритие. Вакцината „Корбевакс“ веќе е дозволена за итна употреба во Индија, каде што производителите на вакцини произведуваат околу 100 милиони дози месечно, додека стотици милиони дози наскоро можат да бидат локално произведени и во други земји каде што вакцините против ковид се најпотребни

Нова вакцина што нуди излез од
пандемијата и потенцијално решение
за вакциналната нееднаквост

Користејќи традиционална технологија што е евтина за производство, вакцината „Корбевакс“ нуди потенцијално решение за надминување на пандемијата, но и за вакциналната нееднаквост.
Обиколувајќи ги забраните за патентирање на големите фармацевтски компании, докторите Елена Ботази и Питер Хотез, од медицинскиот колеџ „Бејлор“, како и Детската клиника за вакцинален развој во Тексас, користеле традиционална вакцинална технологија што може брзо да се прошири и да помогне во вакцинирањето низ светот.
– Постојат земји што имаат смешно низок процент на вакцинација, како и тежок пристап до вакцини. Ние мораме да работиме подобро и да го вакцинираме целиот свет – изјавила Ботази.
Во меѓувреме, досега во светот се произведени околу 10 милијарди вакцинални дози, но над 70 отсто од вакцините што биле произведени минатата година биле употребени во богатите нации, велат јавните здравствени експерти.
Од друга страна, две години од почетокот на пандемијата, големи делови од светот и понатаму остануваат невакцинирани, и тоа во време кога се создаваат нови варијанти од коронавирусот.
Додека големите производители како „Фајзер“ и „Модерна“ и понатаму се борат да ги зачуваат правата на интелектуална сопственост, Ботази и Хотез создале вакцина што може да се употребува од сите вакцинални производители низ светот.
Наречена „Корбевакс“, вакцината се базира на конвенционални методи на продукција и е моделирана според вакцината што двојката ја создала за да се бори против САРС, нишка на коронавирусот што се прошири во раните 2000-ти години.
„Корбевакс“ веќе е дозволена за итна употреба во Индија, каде што производителите на вакцини произведуваат околу 100 милиони дози месечно, велат Ботази и Хотез.
Натаму, лиценцата за производство е дозволена и во Бангладеш и во Индонезија, а во тек се разговори за производство и во Боцвана, што значи дека стотици милиони дози наскоро можат да бидат локално произведени во земји каде што вакцините против ковид се најпотребни.
– Ако исклучиво користиме само мРНА-технологија, никогаш нема да го вакцинираме целиот свет – изјавила Ботази.
Инаку, индиските власти тврдат дека просечната цена на „Корбевакс“ ќе биде два долари од доза, а предвидената ефикасност против вирусот е околу 90 отсто.
Во своја анализа на слична тема, светските медиуми потсетуваат дека чинот на научниците од Тексас е со големо значење, исто како и оној на американскиот микробиолог д-р Џонас Салк, кој на 12 април 1955 година ја развил вакцината против детска парализа, која уби 3.000 деца за време на епидемија во 1952 година во Соединетите Американски Држави.
На прашање од новинарите дали Салих го поседувал патентот за вакцината, американскиот доктор во 1955 година изјавил дека за вакви случувања не постои патент и присвојување, исто како што не може некој да го присвои и патентира сонцето.

Иницијативи за укинување на правата на интелектуална сопственост за вакцините

Во контекст на актуелните случувања, за нотирање се информациите што велат дека во светот сѐ позачестени се јавните повици за укинување на правата на интелектуална сопственост на вакцините. Имено, на крајот на 2020 година, Република Јужна Африка и Индија предложија Светската трговска организација (СТО) привремено да ги суспендира правата на интелектуална сопственост поврзани со вакцинацијата и третманот на ковид-19.
Предлогот беше поддржан од Тедрос Гебрејесус, шеф на Светската здравствена организација (СЗО), како и од Јужна Африка и од Индија, поранешни политички лидери и нобеловци, кои во пролетта 2021 година испратија отворено писмо до американскиот претседател Џо Бајден и го повикаа тој да се ангажира лично во процесот за укинувањето на правата на интелектуална сопственост на вакцините против ковид-19.


Што се случува со бебињата родени во пандемијата?

Бебињата родени за време на првата година од пандемијата, когнитивно заостануваат во развојот што би требало да го имаат. Причините за оваа состојба не се должат на коронавирусот, но овие бебиња имаат пониски резултати во моториката и социјалните вештини од оние родени пред пандемијата. Овие заклучоци неодамна се публикувани во истражувањето на магазинот „Јама педијатрикс“, кој спровел компаративна анализа на овие случувања, во која биле анализирани напредоците на 255 бебиња родени во болниците во Њујорк во 2020 година.
Во истражувањето се нотира дека во тестовите за бруто и фина моторика и социјални вештини спроведени врз бебиња на возраст од шест месеци, развојот на детето не влијаел дали мајката се заразила со ковид во текот на бременоста или не.
Во своја изјава на оваа тема, педијатарот од универзитетот „Колумбија“, Дани Думитриу, кој бил дел од истражувачкиот тим, истакнал дека иако резултатите на бебињата родени во пандемија се само малку послаби, овие просечни разлики можат да имаат големи долгорочни ефекти врз цела една генерација деца.
– Состојбите укажуваат на тоа дека постои потенцијално влијание врз невроразвојот на доенчињата родени за време на пандемија, без оглед на инфекцијата на мајката, која потенцијално може да влијае на стотици милиони деца родени во пандемијата, со потенцијал состојбите да предизвикаат значителни последици врз јавното здравје – изјавил Думитриу.
Според него, овие последици може да предизвикаат мали поместувања во просечните процени на развојот на стотици милиони случаи.
Со други зборови, идните генерации бебиња е возможно да имаат поголем удел на децата под нормалното ниво на развој, односно што ќе бидат неспособни да функционираат во општеството.
Бебињата родени во пандемија, очекувано, веќе се во задоцнување во развојот по првите неколку месеци од животот, а сето тоа во моментов се верува дека се должи на влијанието на околината за време на пандемијата.
Магазинот во своите наоди го поставува прашањето дали и постарите деца и тинејџерите, кои не биле „изолирани“ во утробата на нивната мајка поради пандемскиот живот, се очекува да заостанат уште повеќе.
Одговорот на тоа прашање, според „Јама педијатрикс“, е дека треба да очекуваме пандемски ефект врз севкупниот развојот на детето во други развојни фази, а за да се случи тоа мора најпрво сѐ добро да се истражи и да се проанализира колкави ќе бидат ефектите од овие нови пронајдоци во стручната литература.

– Состојбите не треба да нѐ изненадуваат, бидејќи младите се тие што најмногу настрадаа во времето на оваа криза, бидејќи беа принудени константно да ги држат лицата под маски и од нив се бараше да се вакцинираат за да не ги заразат нивните дедовци и баби.
Некои тинејџери и млади и сè уште работат и посетуваат настава од дома преку онлајн состаноци во еден вид бавна психолошка тортура, поради вирус за кој е познато дека претставува исклучително мал ризик за нив – вели Думитриу.
Тој посочува дека работите не се комплетно црни и не е сè загубено, односно не е доцна да се санираат штетите.
– Бидејќи состојбите се евидентирани во ова многу рана фаза, постојат многу можности да се интервенира и да се доведат овие бебиња на вистинскиот развоен пат… Тоа може да се стори преку разговор, музика, играње и разни форми на интеракција со нив, но и со изнаоѓање безбедни начини како да се извлекуваат сѐ почесто овие деца надвор од нивните домови – заклучил тој.