Фото: Игор Бансколиев

Францускиот претседател Емануел Макрон пред Европскиот парламент ги претстави приоритетите на француското претседателство со ЕУ, при што нагласи дека Западен Балкан „според својата географија и историја, како и преку ветувањето за иднината што го носи, е во срцето на европскиот континент“. Но колку ваквите најави и ветувања влеваат оптимизам во Македонија во поглед на нејзината евроинтеграција, односно колку срцето на Европа, кое го споменува и Макрон, се однесува на Македонија

ФРАНЦИЈА ГИ ПРЕТСТАВИ ПРИОРИТЕТИТЕ ПРИ ПРЕТСЕДАТЕЛСТВУВАЊЕТО СО ЕУ

Седумнаесетгодишниот престој на Македонија во чекалницата пред портите на ЕУ и искуството со поставување нови услови (и уцени), во мигот кога се смета дека се исполнети барањата и принципиелните критериуми за почеток на преговорите, предизвикуваат голема воздржаност и резервираност во македонската јавност во процената на сигналите за европерспективите на земјата што доаѓаат од ЕУ. Таквата воздржаност во очекувањата е присутна во македонскиот политички амбиент и по обраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што ги претстави приоритетите на француското претседателство со ЕУ. Макрон уште еднаш нагласи дека Западен Балкан „според својата географија и историја, како и преку ветувањето за иднината што го носи, е во срцето на европскиот континент, носи лузни што нѐ потсетуваат и на несигурноста на мирот и на силата на нашата унија“.
– Затоа денеска и ние сме повикани да знаеме како да ги преиспитаме нашите односи со земјите од Западен Балкан и да им дадеме на појасен и почитлив волунтаристички начин искрени изгледи за членство – кажа Макрон во делот од своето обраќање посветен на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан. Во тој дел, францускиот претседател нагласи и дека пристапувањето на земјите од регионот во ЕУ не треба да биде „членство против, за да се одбијат странските обиди за дестабилизација на сегашното време, туку членство за пристапување на проектот (на ЕУ) во разумен рок“.
И Макрон во говорот потсети на новата модернизирана процедура за пристапување во ЕУ, а во Македонија и понатаму е присутно чувството дека токму таквото модернизирање на процесот на преговарање беше повод за „одржување на континуитетот“ на ветата (во периодот кога Грција ја тргна блокадата, пред Бугарија да го постави своето вето) за почеток на македонските преговори за членство во Унијата. Благодарение на таквиот „европски континуитет“, Македонија сѐ уште не ги започнала преговорите за членство во ЕУ.

– Ние ја модернизиравме процедурата за преговарање овие последни месеци. Исто така, многу конкретно знаеме дека сегашната Европа со нејзините оперативни правила може да стане Европа на 31, 32 или 33 членки. Затоа нема да се лажеме самите себеси… Во контекст на конференцијата за иднината на Европа и резултатите, наредниот мај, ние треба да ги преиспитаме нашите правила за одлучување, за да ги направиме појасни, почитливи, за да можеме побрзо и посилно да одлучуваме, но и политички да бидеме искрени за рамката на таа Европа во која за Западен Балкан има место – нагласи францускиот претседател во Европскиот парламент, појаснувајќи зошто конференцијата за иднината на Европа треба да биде проследена со конференција за Западен Балкан, која ќе се организирана веднаш потоа, на која земјите-членки ќе бидат во можност да се осврнат на регионот како клучна тема.
Сепак, прашањата што произлегуваат за земјите-кандидатки за ЕУ, секако и за Македонија, по претставувањето на програмата на Макрон за претседателството на Франција со Советот на ЕУ, е како да се димензионираат предвидувањата и очекувањата за напредување на нивната европерспектива, според пораките за „појасен и почитлив волунтаристички начин со искрени изгледи за членство“, како и временската одредница за „членство за пристапување на проектот (на ЕУ) во разумен рок“. Како гледаат домашните експерти и аналитичари на ваквите проекции и најави од Франција и нивниот претседател Макрон?
– Сериозен и, би рекол, преамбициозен е планот на Макрон за шестмесечното претседателство на Франција со Советот на ЕУ. Прашање е колку од тоа може да се спроведе за време на шестмесечното претседателство. Клучната поента е реорганизацијата на ЕУ, а позитивен сигнал е што во рамките на таа реорганизација се бара решение и за вклучување во Унијата на земјите од Западен Балкан. Не е експлицитно наведено, но се остава да се насети во проекцијата за „31,32 или 33 земји-членки“ дека реорганизацијата на Унијата би започнала со менување на начинот на одлучување, односно промена на принципот на одлучување со консензус во носење одлуки со надгласување. И уште други крупни зафати за реорганизација на Унијата навестува Макрон, кои логично водат до претпоставката дека сето тоа ќе заврши со нов договор за ЕУ, како оние од Мастрихт или од Берлин. Во рамките на тој договор би било вградено и решението за земјите од Западен Балкан како дел од ЕУ. Сепак, тоа не значи дека Македонија за почеток на преговорите за членство во Унијата треба да го чека таквиот евентуален нов договор на ЕУ. Започнувањето преговори е еден процес, а други, пообемни и поамбициозни се процесите за нов договор на ЕУ, со кој би било одредено местото на секоја земја-членка. Дури, според сигналите што доаѓаат од меѓународните фактори и нивната заинтересираност за почеток на преговорите за членство во Унијата на Македонија и Албанија, се укажува на тоа дека не треба да се чека ниту да заврши работата на најавените новоформирани комисии во македонско-бугарските релации. Работата на тие комисии би била дел од билатерален процес, кој не треба да биде пречка за започнување на преговорите – накратко амбасадорот Ѓорѓи Филипов ги анализира македонските европерспективи во контекст на планот и програмата на француското претседателство со Советот на ЕУ.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека самото споменување на Западен Балкан во планот на француското претседателство со ЕУ е јасна и охрабрувачка порака за евроинтеграциите на целиот регион и дека Франција, како значајна земја-членка, го прифаќа регионот како дел од Европа.

– Пред сѐ треба да бидеме свесни дека во обраќањето на францускиот претседател Макрон пред Европскиот парламент беа претставени крупните политики и правци на развојот на Европската Унија. Во таков контекст, позитивно и охрабрувачки е што Западен Балкан се најде во планот на Франција за претседателството со Советот на ЕУ, што значи дека земјите од регионот се предвидени во проекцијата за иднината на Унијата. Макрон во својот план инсистира на внатрешни промени во ЕУ, кои пред сѐ се однесуваат на меѓусебните релации и позициите на земјите-членки, па во таков амбициозен зафат на преструктурирање на Унијата, охрабрувачки е што се предвидува место и за земјите-кандидатки од Западен Балкан. Што се однесува до одредницата „разумен рок“ за влез во Унијата на земјите-кандидати, што го споменува Макрон, тоа во голема мера ќе зависи и од нас. Сепак, моите процени се дека кога би започнале преговорите на Македонија со ЕУ, тоа нема да трае повеќе од 10 години, со оглед на фактот дека во спроведувањето на реформите, односно на европското АКИ, сме сериозно многу понапред и од некои земји во регионот што веќе преговараат за членство. Ако успее побрзо да се реализира преструктуирањето на ЕУ според планот на Макрон, членството во ЕУ за Македонија и регионот би се случило уште побрзо. Но во овој миг, започнувањето на преговорите со ЕУ би претставувал значителен поттик за засилени реформи во Македонија, кои би го забрзале и самиот процес на преговарање – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.


Маричиќ: Напорите на Макрон се искрени

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера изјави дека Франција е многу важна држава-членка на ЕУ, без која не може да се утврди крупна политика во проширувањето.
– Тоа го видовме и почувствувавме на своја кожа во 2019 година. Сметам дека напорите на претседателот Емануел Макрон се искрени. Тие помагаа и досега, заедно со Германија и други фактори, но тоа не значи дека проблемите ќе ни ги реши некој друг, туку дека треба да имаме амбиент во кој ќе имаме европско решение базирано на европски вредности – изјави Маричиќ.
Според Маричиќ, тоа што е важно и добро е што Франција, која во минатото често ја избегнуваше темата за проширувањето, денес има појасна, поотворена и поамбициозна политика кон Балканот.
Вицепремиерот, исто така, најави дека во текот на денот, заедно со премиерот Ковачевски, ќе има средба со францускиот амбасадор, а наскоро ќе замине и во посета на Париз со министерот Османи, за дискутирање на нивните приоритети и како Франција може да помогне во овој процес.