Во книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ се содржани над 1.000 нови документи, кои потекнуваат од различни извори во над 30 земји. Изворите се резултат на 75-годишната работа на македонската историска наука, при што се докажува дека македонскиот идентитет и име опстојувале низ историјата. Во Русија, на пример, уште во средината на 18 век бил формиран и Македонски полк, составен исклучиво од Македонци, кои како припадници на посебен народ се евидентирани во руските акти. Книгата изобилува и со редица други докази и факти за посебноста на македонскиот народ и неговиот идентитет, со што во целост се побиваат сите бугарски измислици, бугарската пропаганда и нивните лаги
Разговор со Бранислав Светозаревиќ Покорни по повод неговата нова книга
Бранислав Светозаревиќ Покорни во својата нова книга „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ открива нов аспект и пристап кон долговековното опстојување на посебен македонски идентитет. Тој е автор на 14 книги од областите на историјата, архивистиката и филателијата и уште на триесетина други рецензирани трудови. Добитник е на повеќе награди за развојот на историската научна мисла. Целиот свој живот, како што вели, ја носи љубовта кон македонската историја. Уште како дете спознавал за нашето минато, слушајќи ги македонски староградски и родољубиви, патриотски народни песни, а подоцна како историчар почнал да трага по корените на македонскиот идентитет, обработувајќи огромна историска литература во државните архиви на повеќе земји.
– Во книгата се содржани над 1.000 нови документи, кои потекнуваат од различни извори во над 30 земји. Мора да нагласам дека изворите се резултат на 75-годишната работа на македонската историска наука, но тука се сознанијата и на нашите филолози, фолклористи, социолози и претставници на другите науки. Mеѓу овие извори има и завиден број досега необјавувани записи. Отпор од историчарите од другите земји не постоеше, од едноставна причина што овие извори потекнуваат токму од архивите и библиотеките во соседните и повлијателните држави во светот – вели Бранислав Светозаревиќ.
Кога за првпат Македонците се споменуваат како припадници на заедница со посебен етнички идентитет?
– Кон средината на 19 век, македонските свештеници, интелектуалци преродбеници и револуционери во своите записи се изјаснуваат како Македонци, кои своето потекло го бараат во историјата уште од антиката и мошне се интересни нивното сознание и убедување дека тие истовремено се потомци на кралевите Филип и Александар, но и потомци на словенските просветители Кирил и Методиј. Тие во нивните записи цврсто се држат до земјата од која потекнувале и која со милениуми го носела името Македонија. Треба да се нагласи дека тие за себе пишувале дека се Словени како и нивните славни предци. Така, и современите Македонци се резултат на сложени историски, етнички и културни процеси и влијанија, така што современите сфаќања за ова прашање се базираат најмногу на изградената самосвест на еден народ дека има свое посебно историско, културно и генетичко потекло со заеднички и слични традиции, јазик и менталитет што ги издвојува од другите современи народи.
Велите дека сте дошле до нови сознанија во врска со постоењето на македонскиот идентитет. Можете ли да издвоите некои поважни, кои досега биле непознати за домашната и надворешната историска јавност?
– Го спомнав територијалното именско самосознание како претходница на етноисториското именско самосознание. Токму тоа е новитетот во оваа книга. Македонската историографија, кога станува збор за историјата на новиот век, специјално за периодот од почетокот на XV век до крајот на XVIII век, мошне мало внимание им посветила на Македонците што во бранови и во континуитет се иселувале од Македонија, а особено по освојувањата на Балканот од Османлиите. Секаде каде што се иселувале Македонците во Европа, тие оставале траги на нивното постоење. Затоа во книгата на ова прашање му имам посветено посебно поглавје, насловено ,,Идентификацијата на Македонците во Европа и појавата на територијалното самосознание“. Генерално, ова прашање го анализирам од два аспекта. Првиот е анализа на изворите во кои се споменуваат имињата на конкретни личности во Европа кои не само што се претставувале како Македонци туку тоа име го додавале кон своето лично име и презиме. Во Русија, на средината на 18 век бил формиран и Македонски полк, составен исклучиво од Македонци, кои како припадници на посебен народ се евидентирани во руските акти. Единствената припадност што со векови имала своја постојана именска ознака било традиционалното име на земјата што ја населувале, а тоа е Македонија. Оттаму и констатацијата дека името Македонци имало јасна територијална именска идентификација. Етноисториското самосознание во овој историски период сѐ уште не можеме да го докажеме, затоа што такви сведоштва не постојат. Но тоа е појава идентична и за другите балкански народи. Сепак, во 18 век, веќе имаме докази за протопреродбенски пројави, каде што кај Македонците во Европа препознаваме во исто време, покрај територијалната самосвест, и свест за словенска јазична припадност, која се развивала како спротивност на грчката јазична доминација и во овие држави. Вториот аспект е препознавањето на Македонците во тие векови во европските центри како посебен словенски ентитет исклучиво со тоа име.
Колку сознанијата изнесени во вашата книга можат да помогнат за расчистување некои историски заблуди, на кои се инсистира од членовите на бугарската историска комисија?
– Континуитетот на употребата на името Македонци на денешната територија на Македонија, особено во претходно прикажаниот период, докажува дека овој етноним се задржал во свеста на народот со векови подалеку од она што го пропагираат бугарската политика и некои нивни историчари. Од прикажаните извори во оваа книга, се гледа дека името опстојувало најмногу затоа што населението што живеело на територијата на Македонија го употребувало како име на припадност, и тоа во три форми на именска самоидентификација: територијална (од поч. на XV век до средината на XIХ век), етноисториска или народносна (од средината на XIХ век во 1944 г.) и национална (од 1944 г. до денес).
Апелирате за почитување на науката во наметнатиот бугарско-македонски спор околу посебноста на Македонците. Дали доволно ги користиме нашите научни аргументи за расчистување на заблудите во Софија околу постоењето на некаква „заедничка историја“?
– Мојот впечаток е дека не само што не се користат сознанијата на македонската наука во наметнатиот бугарско-македонски спор, туку, за жал, историската комисија служеше како параван за непречено конструирање измислена македонска нација од 1944 година, преку тајните дипломатски преговори меѓу Скопје и Софија. Напуштањето на двајца членови на истата комисија само ги потврди овие сомневања дека комисијата е заложник на дневната политика, што е крајно опасна тенденција, која води до конечно редефинирање на македонската држава и македонскиот народ. Во нашиот случај, науката од поодамна е фрлена на маргините на општествените збиднувања и сите напори на академската фела, преку подготвените и предложени стратегии да се излезе од долгогодишната криза, завршуваат во фиоките на партизираните, некомпетентни и бирократизирани кабинети. Македонската наука е обезличена, а резултатите, кои се верифицирани и на меѓународно ниво, се базираат на ентузијазмот на одредени научни кадри. Научните институции треба да им се вратат на научниците, а не на политички фигури, кои најчесто немаат никаква допирна точка со науката.
Има ли некој документ од пред и по илинденскиот период што дава нова светлина во однос на дејствувањето на нашите македонски револуционери?
– Ако се обидеме накратко да одговориме, во книгата има посебен дел од изјави на македонските револуционери, кои несомнено говорат за нивната македонска народносна определба. За тоа сведочат странските дипломатски преписки, како и странските весници. Сепак, во актите на МРО преовладува борбата за државна автономија како политичка платформа, а националното прашање е потиснато поради веќе длабоко инфилтрираните странски пропаганди, кои успеале да создадат големи процепи во единственото македонско народносно ткиво. Затоа во усвоените акти од Македонската револуционерна организација се повикуваат сите, без оглед на вера и народност, да се придружат во борбата првенствено за остварување на автономијата на Македонија. Дека создавањето на македонската држава би значело и реализирање на македонската нација, потврдуваат сведоштвата на двајцата врвни претставници и авторитети на бугарската и српската наука, ректорот на софискиот универзитет и претседател на бугарската академија (БАН), Иван Шишманов, и ректорот на белградскиот универзитет и претседател на српската академија (САНУ), Александар Белиќ, од кои првиот пред Илинденското востание, а вториот пред Втората балканска војна изјавуваат дека доколку успее Илинденското востание, за десет години во Македонија нема да има ниту еден Бугарин, Србин и Грк, туку сите ќе бидат Македонци и дека доколку не договореле балканските држави поделба на Македонија, сигурно ќе дошло до реализирање на македонската нација. Сите овие сведоштва се поткрепени со архивски и библиотечни сигнатури и други релевантни податоци за изворите.