Во декласифицираната архива на американската Централна разузнавачка агенција, позната како ЦИА, постојат повеќе извештаи и документи, кои од несубјективна гледна точка даваат дополнително светло за оваа проблематика. Во документите на ЦИА ги дознаваме и политичките ставови на Македонците, за кои се вели дека сакаат да се ослободат од секој авторитаризам или диктатура. Имено „Македонците сакаат одделна македонска република, која ќе се состои од денешната Народна Република Македонија, Пиринска Македонија во Бугарија и од грчка Македонија. Оваа македонска република ќе ѝ се приклучи на голема балканска федерација“
Декласифицирани документи од историските архиви
Барањето за осуда на активностите на македонските комунистички власти што довеле до кривично гонење лица што себеси се идентификувале како Бугари е составен дел од протокол „5+1“, како услов за отстранување на бугарското вето за започнување на пристапниот процесот на Македонија во Европската Унија. За пошироката македонска јавност остана нејасно ова бугарско барање.
Вистини и невистини
Повеќе бугарски историчари тврдат дека илјадници Бугари биле кривично гонети и убиени во македонските логори. Бугарскиот професор Димитар Гоцев вели дека во периодот помеѓу 1945 и 1990 година повеќе од 4.000 Бугари, главно членови на ВМРО, биле убиени во концентрациониот логор „Идризово“. Ангел Веселинов во својата книга „Македонска крвава Коледа“ тврди дека повеќе од 130.000 Бугари биле депортирани, протерани, прогонувани и испратени во концентрационите логори во Југославија.
„Нова Македонија“ се консултира со неколку познавачи на оваа проблематика, кои ни укажаа дека во споменатиот историски период навистина постоеле политички гонења на лица што се залагале за независна и обединета Македонија, македонски националисти и сепаратисти, антикомунисти, членови на ВМРО и приврзаници на Иван (Ванчо) Михајлов. Меѓу затворените и убиените има личности со бугарска национална свест, но историчарите со кои се посоветувавме ни посочија дека станува збор за политички, а не за национални прогони.
Во декласифицираната архива на американската Централна разузнавачка агенција, позната како ЦИА, постојат повеќе извештаи и документи што од несубјективна и избалансирана гледна точка даваат дополнително светло за оваа проблематика.
Во декласифицираниот документ на ЦИА од 23 декември 1952 година, кој го пронајде „Нова Македонија“, се потврдува постоењето на затвореничкиот камп во Идризово, во кој имало околу 4.000 затвореници. Во документот се вели дека најголем дел од нив биле затворени поради „опозиционерството кон Титовиот режим“.
За прогоните и затворањата од страна на тогашните македонски комунистички власти дознаваме и од декласифицираниот документ од 6 октомври 1949 година. Извештајот се повикува на пишувањата на весникот „Напред“, кој излегувал во Софија, и се оценува како „антититовистички“. Во документот на ЦИА се вели дека целиот Централен совет на Обединетите работнички синдикати на Македонија бил уапсен, како и други патриоти што му биле лојални на СССР и интернационалната солидарност на демократските народи. Во споменатиот извештај се вели дека повеќе лица биле испратени во различни југословенски концентрациони логори, а во нив како чувари биле ангажирани поранешни жандари од предвоена Југославија, како и приврзаници на Милан Недиќ и Иван Михајлов.
Меѓу уапсените бил и Павел Шатев, за кого се вели дека бил „познат борец за иднината на македонскиот народ“. Според документот, Шатев бил затворен поради големата љубов кон СССР. Во овој период бил уапсен и Мире Анастасов, за кого се вели дека бил „верен син на работничката класа и македонскиот народ“. Според извештајот, Анастасов бил добро познат кај младата генерација македонски комунисти како „бестрашен борец против титоизмот“. Меѓу другото, во извештајот се вели дека Анастасов во текот на окупацијата на Македонија бил осуден на смрт од страна на „бугарскиот монархистичко-фашистичкиот суд“, а подоцна казната му била преиначена во доживотен затвор.
Македонците се тивки, го чекаат вистинскиот момент за да ја реализираат сопствената идеја
Во извештајот на американската разузнавачка агенција од 17 февруари 1950 година може да се прочита една подлабока анализа за недоразбирањата помеѓу Советскиот Сојуз и Југославија за решавањето на македонското прашање, политичките разбирања на македонските комунисти и интелектуалци, како и политичките погледи и ставови на македонскиот народ.
Според извештајот на ЦИА, Советскиот Сојуз се стремел кон создавање македонска република што требало да се образува од југословенска Македонија, Пиринска Македонија и делот на Македонија во Грција. Оваа македонска република требало да биде дел од Бугарија. Во документот се нагласува дека бугарската комунистичка партија била слаба и имала мало влијание меѓу бугарскиот народ. Според документот, доколку Македонија биде припоена кон бугарската држава, ќе се зголемел престижот на партијата кај бугарскиот народ и ќе ја консолидирала сопствената моќ.
Во извештајот исто така се вели: „Од интернационалистички поглед, односно од гледна точка на светскиот пролетаријат, не е важно дали Македонија ќе биде дел од Бугарија или Југославија. Оваа гласина пушти корени во Македонија уште од ослободувањето“.
Во споменатата анализа на ЦИА се вели дека македонските комунисти ја прифатија оваа гласина и ја поставија за своја цел. Сите оние, особено истакнатите комунисти, што не ги прифаќале југословенските погледи за иднината на Македонија биле „елиминирани од водечките позиции“. Според документот: „Македонците не ги искажуваат своите ставови. Тие се тивки, го чекаат вистинскиот момент за да ја реализираат сопствената идеја. Тие се плашат од Белград, бидејќи Централниот комитет на Југословенската комунистичка партија има други погледи. Тој верува дека македонската република треба да остане во Југославија. Сите оние што не се согласуваат со овој поглед се прогласени за предавници на партијата“. Во извештајот исто така се вели дека сите оние што јавно ја поддржале резолуцијата на Информбирото биле уапсени.
Во споменатиот документ ги дознаваме и политичките ставови на Македонците, за кои се вели дека „сакаат да се ослободат од секој авторитаризам или диктатура, пред сѐ од сите комунисти. Тие сакаат одделна македонска република, која ќе се состои од денешната Народна Република Македонија, Пиринска Македонија во Бугарија и од грчка Македонија. Оваа македонска република ќе ѝ се приклучи на голема балканска федерација“.