Стресот го исцрпува духот и телото, па психолозите советуваат доколку е потребно пожелно е да се побара и професионална помош. Треба да се биде сериозен во грижата за себе, а во страдањето не мора да се биде сам, велат тие
Со својата неверојатно лесна преносливост омикрон се појави во време кога речиси сите мислевме дека пандемијата е при крај. Зголемениот број на хоспитализации и смртни случаи, луѓето повторно ги фрлија во очај, соочувајќи се со уште едно пандемско поглавје, само што овојпат се чувствуваат веќе емоционално и физички исцрпени. А тоа е многу опасно, како за физичкото, така и за менталното здравје, предупредуваат психолозите.
Еден од клучните проблеми што се јавува е заморот. Заморот од донесувањето одлуки, како и заморот од чекање и неизвесност. Дали да се откажат веќе закажаните патувања, дали да се посетат пријателите, најблиските, дали ќе се задржи работното место…
Кога се одолговлекува или избегнува некоја одлука, тоа носи дополнителна психолошка тежина, велат психолозите, дури и кога не сме свесни за тоа. Кога избираме импулсивно, ризикуваме да донесеме одлуки за кои потоа ќе треба да се плати одредена цена.
За да се ослободиме од тежината на секојдневно донесување одлуки, советуваат психолозите, треба да го намалиме бројот на избори што треба да ги направиме во еден ден.
– Не сме на истотo ниво како пред две години, тоа беше прва фаза на шок, сега сме на друго место, многу поизморени од тогаш зашто предолго трае. Нивото на стрес од донесувањето одлуки, да одам некаде или да не одам, дали на патување, дали кај пријатели, е различно затоа што сега има многу повеќе нивоа на искуство во врска со вирусот, кои се многу збунувачки. Вакцини, прележал-непрележал, од ниедна страна немаме никаква гаранција. Сега е посложено зашто има многу повеќе информации, но тие информации не ми помагаат да се чувствуваме безбедно и заштитено – вели психологот Ана Блажева.
Друг проблем што се јавува е хипервнимателноста. Тоа е состојба во која постојано се чувствуваме дека сме изложени на ризик од вирусот, па и реалните и замислените закани ги доживуваме како големи, што го потикнува централниот нервен систем да прибегне кон режим на „бегство“ и борба. Доколку човекот остане подолг временски период во ваков емотивен простор, постои голем ризик да се јават и последици, како што се анксиозност, параноја и депресија, тврдат психолозите.
– Многу е тешко да се даде еден совет или било што да го сметаме како трајно решение. Можеме да користиме различни стратегии, да речеме да се прилагодуваме во зависност од ситуацијата и моментот. Ако во одреден момент останувањето дома за некого ќе биде поприфатливо и ќе му донесе смирување, нека остане дома. Доколку некогаш потребата за контакти биде поважна за човекот, па се обидува тоа да го добие, и тоа нека го направи. И едното и другото се прифатливи. Не постои правилен начин. Сите можеме само да пробуваме да видиме што функционира за нас во моментот. Се разбира, сето тоа со голема свеснот и одговорност кон другите. Нормално, поддршката на сите нивоа што можеме да ја добиеме, па и на професионално ниво, може да биде доста полезна. Ќе вежбаме, ќе одиме во природа, сите стратегии што можат да ни помогнат, да ги правиме. Тоа ни помага да се смириме и да се чувствуваме побезбедно. Да не се лишуваме од контактите со другите. Макар да се работи за прошетка надвор. Да се циркулира во круговите во кои се чувствуваме посигурни. Сите начини што можат да ни помогнат да се смириме и да се чувствуваме подобро со себе, да ги направиме. Мора да имаме и некое задоволство. Меѓутоа, на прво место да е безбедноста, па на второ место задоволството. Не можеме да почувствуваме задоволство ако сме исплашени – вели Блажева.
Стресот го исцрпува духот и телото, па психолозите советуваат доколку е потребно пожелно е да се побара и професионална помош. Треба да се биде сериозен во грижата за себе, а во страдањето не мора да се биде сам, велат тие.