Празни зборови
Се сеќавам дека како гимназијалци редовно се собиравме „на кеј“, кај Камениот мост. Бевме млади луѓе што сакаа да го променат светот. Тој свет „на возрасните“ главно го идентификувавме со неколкумина ригидни канцелариски бирократи од нашата околина: директори на училишта, наставници, политички кариеристи. Некој еднаш рече дека сме хипици и така се завикавме, иако секој втор едвај знаеше само по нешто за хипи-движењето. Добар дел од нас денес се писатели, сликари, музичари, филозофи, психијатри. И се сеќавам дека додека седевме на десниот брег, гледавме отспротива во еден графит: на него пишуваше „Те сакам Сузана“, а под тоа писание беше нацртан знакот за „анархија“. Десно од него, стоеше еден доста впечатливо нацртан Христос. Тие три пораки тогаш ни беа едно исто, синоними. Денес ми е симпатично тоа: обична љубовна изјава, богочовекот Христос и анархијата беа на едно место, во за нас совршена хармонија. Тагувам по тоа време на непротивречности.
Или на противречности што ние тогаш не ги гледавме: баравме сличности и во најразличното. Мислевме во метафори, а метафората е чист пацифизам: обединува различни нешта.
За нас тогаш и Христос беше хипик, на некој начин двојник на „младиот мртовец“ Џим Морисон (28) од култните „Дорс“. Богочовекот ни беше млад човек со долга коса, кој сакал да го направи светот подобар. Подоцна, кога преку Достоевски навлегувавме во суштината на православието, сфативме дека тоа е површна, но во суштина точна интерпретација. Точно беше дека во историјата на човештвото не постои друга толку силна претстава за млад човек што се саможртвува на 33 години, за да го промени светот. Младите луѓе и се млади токму затоа што сакаат да го променат светот. Затоа и секој Божик, покрај тоа што е еден од трите најголеми православни празници за верниците, јас го доживувам и како можност за секуларно потсетување на сите оние млади што сакаат да го направат светот поубав. Ама не знаат како. „Love“ и „peace“ се веќе изветвени зборови: сите ги употребуваат, ретко кој ги живее.
И затоа, пред најголемиот ден во православието, рождеството на младенецот Христос, сакам да напишам ред за нашите младенци, за нашите деца. И тие сакаат да го променат светот. Но каков свет им оставаме ние? Можно ли е да го поправат, без претходно да го терминираат, за да почнат од ново? Од друга страна, можно ли е воопшто да се почне од ново, кога новото, не само во Библијата (книга „Проповедник“) туку дури и кај Ниче е само „вечно враќање“ на она што веќе било?
Ние од нашите родители наследивме доста расипан, но сепак поправлив свет. Но какво време оставаме ние зад нас? Денешниве деца го немаат трпението на старите часовничари што поправаат часовници со запченици. Денешниве деца мерат дигитално време, а дигитален часовник не се поправа. Се купува нов, кога ќе се расипе.
Затоа, да не си им во кожата на тие наши деца. Ние излеговме најсебичната и најнеодговорна генерација родители досега. Раскантавме претходен функционален систем, а не изградивме нов, зашто секој си го гледаше само својот орган за седење. И затоа ни се денес децата такви какви што се: изгубени. Со спакуван куфер, а дезориентирани: немаат поим ни каде да заминат. Зошто се дезориентирани? Затоа што едните од нас, родителите, крекаат во хор: „нема минато, има само иднина“. Тоа се блазираните „проевропски“ залижани типчиња, кои како и планинскиот поток се фалат со бистрината, која е резултат на плиткост. Секој може да биде бистар кога е плиток; пробај да бидеш длабок, а бистар. Вториот хор, држејќи се за патриотизмот како за добро платена професија, крекаат: „нема иднина, да си го цениме минатото“.
Вистината, како и секогаш, не е ни на левиот ни на десниот тас, туку во средишната точка на терезијата: точката на рамнотежа меѓу тасовите. ИСТОРИЈАТА треба да има ИДНИНА! Меѓу тие два хора што крекаат, живеат нашите деца. А тие деца само сакаат да живеат СЕГА, на што имаат целосно човеково право. Затоа, тие се поздрави од нас во психијатриска смисла: ниту минатото постои СЕГА, ниту иднината е дојдена СЕГА, за да биде живеена. Ама кај нив СЕГА не е отсечено ни од минатото, ни од иднината.
И двете наши родителски позиции се неморални: ако нема минато, можам да правам што сакам. Ако нема иднина, тогаш пак можам да правам што сакам. Така, излегува дека двете „крвно спротивставени“ војски „старци“ се – исти. Неодговорни луѓе што не заслужуваат пород. Тие две војски можат да прават ШТО САКААТ, зашто немаат обврска, едните кон минатото, другите кон иднината. И навистина, ПРАВАТ ШТО САКААТ. Затоа се нашите деца сега на ова дереџе. Само приватно понекој успеа да си ги спаси децата, „да ги тргне во странство“. Сега жестоко се каам што кога ми беа нудени високи места во општеството, секогаш одбивав, под изговор дека уметникот треба да си ја гледа уметноста и да не се плетка во политиката. Поради таквите наши повлекувања, доаѓаа на власт интелектуални похувани мозоци (и тоа во серија). Тие ни ги уништија животите нам и на нашите деца. Го уништија поимот на нормалното.
Сега е доцна за мене, но не е доцна моите деца да пробаат да го променат овој лигав свет на лажни вредности, кои се хипостазираа како вечни вистини. Затоа е Божик голем празник за мене: ми ја враќа вербата дека оние што се сега родени, младенците, нашите деца, ќе тргнат по патот на Вистината, олицетворена симболично во Христос. Баш ми е гајле што некому Божик му пречел и му го навредувал правото да не верува во Бога. Нека си биде атеист, ама нека не го прогласува Дедо Мраз, секуларна верзија на Свети Никола, за геј. Ако можат транссексуалците да имаат права, можат и верниците: зар да поверувам дека слободата на нечии гениталии вреди повеќе во цивилизациска смисла од кој и да е мит за подобар свет? Затоа, да не ги напаѓаме верниците. Тие се морално поукотвени од сите нас што веруваме дека не постои минато, односно не постои иднина. Тие, прво, веруваат не само во една туку во две иднини: едната е на овој свет, другата во царството небеско. Веруваат и во две минати времиња: едното е историското, по гревот и прогонството од рајот, а второто е она од постанокот, опишано во книгата „Битие“. Затоа и чувствуваат двојна морална одговорност и кон она што било и кон она што ќе биде. И затоа заслужуваат честитка за Божик. Оној во Кој веруваат Е единствениот што создаде подобар свет, а не се збогати, макар тоа за некого било само mythos за мали деца. Можеби Бил Гејтс го промени светот колку и Христос, ама притоа се збогати до дијареја, и тоа со митски размери. Никој не очекува дека ќе се роди некој нов Христос што ќе се распне за другите, или што без НАДОМЕСТ ќе ја избави Македонија, но зар е толку тешко да се роди добар човек (доволно е да не краде и лаже), па да појде на оној кеј каде што се собиравме сите што сонувавме подобар свет? И таму, од обичен народ да си ги собере своите чесни рибари-апостоли со кои ќе ги посрами сите досегашни „независни“ македонски влади, каде што апостолите се избираа според партиски клуч. Толку ли е тешко?