Шест месеци откако Џо Бајден стана претседател на САД, во голема мера се подобри американскиот глобален статус. Според анкетата на „Галуп“ спроведена во 46 земји и територии во август, просечно 49 отсто од испитаниците позитивно го оцениле американското лидерство, пишува Петси Видакусвара за „Гласот на Америка“
Го врати ли Вашингтон стариот углед на светската политичка сцена?
Претседателот Џо Бајден ја презеде претседателската функцијата во време кога угледот на Америка во светот падна на рекордно ниско ниво. Низ 60 земји и територии во кои „Галуп“ спроведе истражување за американското раководство во текот на последната година од мандатот на претседателот Доналд Трамп, во просек само 22 отсто од испитаниците имале позитивен став за лидерската улога на САД. Сепак, фактот што не е како Трамп, може да му помогне на Бајден само до одреден степен. Иако тој го наследи рокот за повлекување од Авганистан од неговиот претходник, сепак неговата катастрофална реализација предизвика сериозна штета на американскиот кредибилитет во странство, како и на угледот дома. Кенет Вајнстин, од институтот „Хадсон“, оцени дека тоа ќе им отежне на американските претседатели да бараат од сојузниците да се жртвуваат за заеднички цели во иднина. Вајнстин ја посочува состојбата на јужноамериканската граница како уште еден неуспех на актуелната администрација. Како што се одвиваше кризата, според Вајнстин, САД се вратиле на „разводнетите верзии на политиката на администрацијата на Трамп, кои Бајден и потпретседателката Камала Харис ги критикуваа како нехумани додека ја водеа изборната кампања во 2020 година“.
Дали Америка навистина се врати на старите патеки?
За разлика од неговиот претходник, Бајден испрати дијаметрално спротивна порака дека Америка се враќа на мултилатерализмот и на дипломатијата како главни надворешнополитички инструменти, повторно ја приклучи државата во мултилатералните организации, ги врати договорите од кои Трамп се повлече и веќе се ангажираше во решавање на неколку светски прашања, како што се климатските промени и пандемијата на ковид-19. Прес-секретарката на Белата куќа, Џен Псаки, меѓу другото, истакна дека САД ги обновиле сојузите, работеле за надминување на трговски спорови со европските земји и на развивање партнерства во Индопацификот, преку Квадрилатералниот безбедносен дијалог во кој се вклучени САД, Австралија, Индија и Јапонија, но и преку АУКУС, трилатерално безбедносно партнерство во кое се вклучени САД, Австралија и Велика Британија. Меѓутоа, склучувањето на АУКУС ја изненади Франција, која е близок сојузник на сите три земји, и таа го поништи договорот што го потпиша со Австралија за испорака на конвенционални подморници во вредност од 66 милијарди долари. Многумина го сфатија тоа како уште еден надворешнополитички гаф и пример за јазот меѓу пораките и реалната политика на администрацијата. Администрацијата на Бајден покажа многу малку почит кон традиционалните сојузници и не ја следи нејзината реторика со дејствија што би биле значително различни или подобри од изолационизмот забележан за време на Трамп, според експертите.
Односите со земјите од Истокот
Решавањето на стратегискиот натпревар со Пекинг, што беше клучна доктрина на администрацијата на Трамп, остана главно прашање во американско-кинеските односи во рамки на сегашната администрација. Бајден се состана виртуелно со кинескиот претседател Си Џинпинг во ноември за да разговара за тековните напори на „одговорен начин“ да се пристапи кон односот што се заканува да излезе од контрола меѓу двете земји. Во меѓувреме, ниту Русија не остана настрана. Москва неодамна повика на нов голем безбедносен договор со Западот, вклучувајќи ги гаранциите дека НАТО не само што нема да се прошири на исток, туку и ќе ги прекине сите воени активности во Украина и на други места во Источна Европа, Централна Азија и Кавказ. Ова исто така опфаќа и забрана за испраќање американски и руски воени бродови и авиони во области од кои можат да се извршат напади. Американската администрација соопшти дека ќе продолжи да одржува разговори на високо ниво со Москва и Пекинг, не само за да избегне конфликт, туку и за да соработува за прашања од заеднички интерес, како што се пандемијата, климатските промени и регионалните прашања.
Досега, стратегијата на Бајден за одвраќање и дипломатски ангажман не доведе до некои големи проблеми или негативни последици, според Лесли Винџамури од „Чатам хаус“. Други нерешени прашања ја вклучуваат Северна Кореја, каде што Белата куќа се чини дека не брза да постигне договор освен ако Ким Јонг-ун не се согласи да ја ограничи нуклеарната програма. Трето прашање во фокусот е намалувањето на тензиите меѓу Израел и Хамас. Повеќе од една година по Абрахамскиот договор, кој ги нормализираше односите меѓу Израел и неговите арапски соседи, американската администрација повторно ги воспостави врските со Палестинците што ги прекина Трамп, но постигна мал напредок на поширокиот Блиски Исток во мировниот процес.
Одбрана на демократијата
Претседателот Џо Бајден, во неговото излагање во септември пред Генералното собрание на ООН порача дека „неговата држава ќе се залага за неговите сојузници и пријатели и ќе се спротивстави на обидите на посилните земји да доминираат со послабите, без разлика дали преку насилна промена на територијата, економски притисок, техничка експлоатација или ширење на дезинформации“. Тој истакна дека „не сака нова Студена војна или свет поделен на блокови“. Меѓутоа, менталитетот на Студената војна е токму она за што Кина и Русија го обвинуваат Вашингтон. Додека активистите ги поздравуваат целите за „зајакнување на демократијата, борба против корупцијата и промовирање на човековите права“, некои аналитичари предупредуваат сепак да не се оди предалеку.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска