Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Град Скопје веќе започна со сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и токму ова е еден од најголемите приоритети на кои ќе работи новата градска администрација. Овие комплементарни мерки за обезбедување повисок квалитет на животот за граѓаните ќе придонесат за намалување на нивото на загаден воздух во Скопје, а за секоја настаната промена на состојбата, јавноста ќе биде редовно известувана

ПРЕПОРАКИ И КОНКРЕТНИ ЗАФАТИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ

Хронично магливиот изглед на градот во овој период од годината некако традиционално веќе се поврзува со загадениот воздух, и тоа не без основа. Лошата и тешка миризба е само мал дел од карактеристиките на воздухот во зимскиот период од годината. Претпоставките за загаденост ги потврдуваат мерните станици што неколку дена по ред покажуваат енормна загаденост на амбиенталниот воздух во главниот град. Тоа беше повеќе од доволна причина за властите да преземат конкретни мерки, со кои барем малку ќе влијаат на состојбите, за колку-толку да се намали загаденоста.

МЕРКИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ

Неколкудневната загаденост на воздухот во Скопје ги вклучи алармите на локалните власти, па, така, градската администрација веќе имплементира одредени мерки со кои ќе се обиде да го намали загадувањето на воздухот.
Во согласност со Законот за квалитет на амбиентниот воздух и по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум (над 150 микрограми на кубен метар среднодневни концентрации на ПМ10) на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат, Град Скопје ги информира граѓаните дека прогласува мерки од прв степен – предупредувања и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
До денес во сила беше бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, а и на вработените во градските претпријатија и институции им беше препорачано на работа да одат со јавниот градски превоз. Исто така се најавија и зајакнати инспекциски надзори на инсталациите под надлежност на Град Скопје.
Исто така, градските власти најавија ограничување на градежните активности на објектите што се во надлежност на градот и интензивно контролирање на градилиштата, односно на возилата што излегуваат од градилиштата, кои мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. Како дел од мерките за намалување на загадувањето на воздухот е и зачестеното машинско миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и препорака за скопските општини да го направат истото тоа на улиците што се во нивна надлежност. Ќе се контролираат и оние што доставуваат стока преку Инспекторатот на градот.
Градот побара од општините да ги зголемат инспекциските надзори над субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
Она што е новитет е барањето упатено до Министерството за внатрешни работи да се ограничат обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот.
Исто така, како дел од вонредните мерки беше апелирано да се зајакнат и контролите за да се увиди дали се почитува забраната за движење на тешки товарни возила, чијашто крајна дестинација не е градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација, како и да се вршат зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот.

НОВОГОДИШНИОТ АМБИЕНТ ИЗГУБЕН ВО МАГЛИВИОТ ВОЗДУХ

Она што е најапсурдно во овој период од годината е фактот што граѓаните треба да го ограничат своето движење надвор, поради големата штета што ја предизвикува загадениот воздух на здравјето на сите, а особено на најмладите и хронично болните, што доаѓа во период кога сите сакаат да го посетат градскиот плоштад за да го видат новогодишното украсување и, секако, децата да можат да ја почувствуваат новогодишната магија и да се фотографираат со Дедо Мраз.
Исто така беше препорачано да се откажат или одложат сите јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено, а секако, тоа во овој период од годината најтешко им паѓа на малите деца, за кои претстојниот период се организираат многубројни претстави на отворено и разни манифестации поврзани со новогодишните празници.
Граѓаните или барем оние што имаат мали деца, за кои претстојните празници се најрадосниот период од годината, велат дека секоја година ситуацијата околу Нова година е иста. Загадувањето е енормно, па не можат да ги прошетаат најмладите низ централното градско подрачје.
– Секоја година е исто. Загадувањето е многу големо, па се препорачува да не се излегува непотребно од дома. Иако низ центарот на градот можат да се забележат луѓе со мали деца како шетаат и уживаат во новогодишната магија, сепак мене лично тоа ми е проблем бидејќи моето дете боледува од астма. Секоја година го пропуштаме украсувањето токму поради тоа што е премногу загадено – вели Ангела Трајковска, мајка на две дечиња од претшколска возраст.
Градските власти излегоа со конкретни препораки и за тоа кој посебно треба да внимава и кој да го избегнува престојот на отворено.
– Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки и да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува – информираа градските власти.

ДОМАШНОТО ЗАГРЕВАЊЕ ДА БИДЕ СПОРЕД УТВРДЕНИТЕ ПРОПИСИ И СТАНДАРДИ

Една од болните теми за загадувањето на воздухот во Скопје е и загревањето на домаќинствата, за што градските власти со години правеа напори истото тоа да се реализира според законските прописи.
Па, така, се даваа субвенции за купување инвертер-клими, а за возврат граѓаните им ги предаваа печките на дрва на надлежните институции. Исто така, Градот неколку години по ред дава и субвенции за чистење оџаци, за кои веќе е јасно дека доколку не се исчистени, дополнително го загадуваат воздухот.
– За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал. Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците – информираа од Градот.
Оттаму додаваат дека итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот се во согласност со Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во градот Скопје, кој е донесен од Советот на Град Скопје. Овие мерки ќе бидат во сила сѐ додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар.
– Град Скопје веќе започна со сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и токму ова е еден од најголемите приоритети на кои ќе работи новата градска администрација. Овие комплементарни мерки за обезбедување повисок квалитет на животот за граѓаните ќе придонесат за намалување на нивото на загаден воздух во Скопје, а за секоја настаната промена на состојбата, јавноста ќе биде редовно известувана – информираа градските власти.