Илустрација/Фото: Игор Бансколиев

Во време кога Македонија се најде исправена пред сериозни предизвици, ваквите статистички показатели за (не)активноста на народните избраници предизвикуваат лавина реакции од граѓаните и стручната јавност

ПРАТЕНИЦИТЕ ГОДИНАВА РАБОТЕЛЕ САМО 77 ДЕНА

Информацијата дека пратениците во македонското собрание во 2021 година имале само 77 работни дена предизвика лавина реакции во јавноста, која со право бара од нив чесно да си ги заработат високата плата и разните додатоци и дневниците што ги земаат секој месец.
Во време кога Македонија се најде исправена пред сериозни предизвици, ваквото однесување на пратениците е повеќе од несериозно, бидејќи очекувањата се тие да носат закони што треба да им го подобрат живеењето на граѓаните, наместо мандатот да го трошат во непродуктивност и неефикасност.
Првиот човек на Собранието, Талат Џафери, оправдување за малиот број работни денови на пратениците наоѓа во локалните избори, период кога Собранието не може да работи.
– Оваа година имавме и редовни локални избори, кои наметнуваат одредени ограничување врз основа на Деловникот за работа на Собранието, за работа во време на изборни активности, така што во тој период не одржувавме пленарни и комисиски седници – појаснува Џафери.
Но општиот впечаток што пратениците го оставаат меѓу обичните граѓани, што е изразено и преку една ваква статистика, е неповолен.

– Навистина сум разочаран. Срамота е од цела година да бидеш само два и пол месеца на работа, а цело време да земаш цела плата и дневници. Знам дека пратениците ќе се правдаат дека постојано биле во Собрание, работеле по комисии и слично, ама ние како граѓани не видовме никаква бенефиција од нивната работа. Тоа е исто како јас да одам секој ден на работа, ништо да не работам таму и на крајот на месецот газдата да ми дава плата. Па ќе ме избрка по два дена – вели Никола Јосифовски, превозник.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека сè додека пратениците во Собранието не се избираат според мнозинскиот модел, тие ќе се однесуваат вака незаинтересирано.
– Пратениците се претставници избрани од партиите, не се предложени од народот, така што тие ги бранат интересите на политичката партија што ги предложила. Да беше мнозински принцип, ќе беше друга ситуација. Имаме илјада и еден проблем од секојдневниот живот во државата каде што граѓаните имаат потреба за итно решавање, било во делот на енергетика, загадување, пожари, здравство… Ако имавме вистински парламентарци, кои не се партиски војници туку претставници на народот, тие ќе требаше да предлагаат решенија за овие работи што се случуваат. Тоа сега во нивната работа изостана. Сега само ни соопштуваат колку седници се одржале, колку комисии, толку закони се донеле, толку во редовна, толку во скратена постапка, чиста статистика и народот останува со прстот во уста – вели Давитковски.
Тој нема оптимистички очекувања дека работењето на пратениците во иднина ќе се смени ако не дојде до промена при нивниот избор.

– Ако тие не се чувствуваат дека народот ги избира, туку дека партијата ги именувала, не може да очекуваме од нив и во иднина дека нешто ќе преземат. Сè додека не се смени моделот, ќе биде исто. Народот ќе си молчи. Лидерите на политичките партии ќе одлучуваат кои ќе бидат пратеници, кои закони ќе се гласаат и ние полека ќе вегетираме. Овој народ само Господ го чува – категоричен е професорот Давитковски.
Сепак, професорот се согласува со спикерот Џафери дека за помалиот број работни денови, секако, влијаел и предизборниот период, како и немањето функционална влада, но не наоѓа оправдување за немањето креативност кај пратениците сами да поднесуваат законски предлози.
– Нашево собрание чека што ќе им достави Владата, тоа да го гласа. Нема никаква креативност меѓу пратениците сами да изготват и да поднесат законски предлози. Едноставно, ние си играме мајтап со нашата демократија. Вакви шарлатански однесувања не сум видел и ако вака продолжиме и во иднина, ќе бидеме банана-држава – заклучува професорот Давитковски.


Пратеничка дневница како минимална плата?

Месечниот надомест по основа на плата на пратениците се движи околу 70.000 денари, без патните трошоци. Тоа значи дека нивната годишна плата изнесува 840 илјади денари, односно 13.500 евра.
Ако изминатата 2021 година пратениците имале 77 работни денови, произлегува дека дневницата им била околу 11.000 денари, во време кога дневницата на обичен граѓанин во државата изнесува околу 1.000 денари. Тоа е како нечија минимална плата или пензија.
Згора на тоа, пратениците користеа едномесечен одмор во август, потоа не работеа ниту за време на предизборниот период, што значи дека го надминаа и законскиот број денови предвидени за годишен одмор. Оттука и револтот и незадоволството кај обичните граѓани, кои бараат од пратениците, кога веќе земаат толку големи плати, барем чесно да си ги заработат.