ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+РЕПЕРТОАР

„Минамата“, режија: Ендру Левитас, сценарио: Дејвид Кеслер според книгата на Јуџин Смит и Аилин Миоко, улоги: Џони Деп, Минами, Акико Ивасе, Јун Кунимура, Бил Наи, фотографија: Беноа Делхом, САД/В.Британија/Јапонија 2020

Пишува: Сунчица Уневска

Филмот „Минамата“ на Ендру Левитас уште од самиот почеток го следат контроверзии. Но, не толку поради страшната вистина околу „Минамата болеста“, поради која со децении страда јапонското население во крајбрежниот град Минамата во југозападниот дел на Јапонија, туку поради надуваниот проблем околу Џони Деп, неговиот проблематичен развод и реакциите на феминистичките групи. Сето тоа, колку и да изгледа неважно во поглед на неговата долгогодишна кариера, сепак, се чини доста му наштети, а особено на филмот, кој својата премиера ја имаше лани на Берлинскиот фестивал. Од тогаш неговото излегување неколку пати беше одложувано, на што реагираше и режисерот Левитас. Првичниот план беше да биде пуштен во февруари оваа година, но и тоа се одложи, така што филмот премиерно беше прикажан во киносалите во Јапонија во мај, а во другите кина низ светот во текот на летото 2021 година. Меѓутоа, и покрај важноста на темата, филмот не го доби правиот публицитет.

И покраj ужасот што го прикажува, „Томоко во неjзината бања“
ќе стане една од наjважните слики во историjата на фотографиjата

Но, критиката реагираше поинаку. Филмот има доста високи оценки, на што се приклучија и бројните реакции на гледачите, а критичарите отидоа дотаму, што веќе ја прогласија оваа улога на Џони Деп за една од најдобрите. Би рекле дека ова не е голем филм, но се работи за исклучително важна тема, а највредното во него, сепак, е улогата на Деп, кој го игра вистинскиот лик на познатиот и успешен фоторепортер Јуџин Смит. Темата е навистина голема, а уште повеќе можноста да се проговори на вистинскиот начин за тоа страшно долгогодишно труење на населението со жива. Иако, Ендру Левитас, кој нагласува дека ова е вистински настан и на извонреден начин се фокусира на темата и на последиците, од друга страна, не обрнува многу внимание на другиот контекст, па во филмот вметнува многу клишеа, што му дава сосем поинаков, дури и банален призвук на нешто веќе видено. Особено во поглед на имиџот на веќе подостарениот Јуџин Смит, кој е познат по својата работа во текот на Втората светска војна и по децениската работа за магазинот „Лајф“. А посебно се банални и лошо копирани разговорите и односот меѓу Смит и уредникот Роберт Хеис, како и клишето за „американското спасување“…

Но, она што филмот го прави вреден, секако, е начинот на кој ќе го наслика целиот овој ужас и на кој ќе проговори за монструозноста во однесувањето на корпорациите и на „вечната“ спрега со власта која тоа им го овозможува. Филмот има неверојатни фотографии, зад чија камера стои Беноа Делхом, кои зборуваат повеќе од било што, но факт е и дека начинот на кој Левитас и сценаристот Дејвид Кеслер ќе ја доловат приказната за самиот град Минамата е одличен, затоа што успеваат да се осврнат на сите аспекти со целата нивна тежина без нималку мелодраматика или тенденциозност. Можеби за тоа е заслужна книгата на Јуџин Смит и на Аилин Миоко, па сепак, Левитас ќе успее да га „фати“ сета болка, ужас и неправда, (не)човечноста и стравот од непознаниците, борбата, но и сето она што е карактеристично за луѓето, за нивните дилеми, како и за оние кои немаат никакви дилеми додека ги одземаат туѓите соништа.

Филмот некако ве наведува, токму денеска, после толку години актуелност за истите проблеми на различните краеви во светот, кои траат сè уште и чии последици се несогледливи, да се запрашате, не за моќта, туку за човекот. Бидејќи, и денеска, сè уште се чувствуваме поразително пред тие нелуѓе кои немаат проблем со уништувањето човечки животи за профит и за сопствено богатење. Какви се тие луѓе, каков е тој Јуничи Ноџима кој зборува за проценти, за што се зборува и денес, нели, каков е тој човек кој ги гледа луѓето и нивните животи како неважни. Колкав е процентот на заразени на милион? И каде е границата, колку луѓе се неважни, колку е неважно нивното страдање, до каде е онаа магична бројка кога некој треба да се загрижи? И од каде излезе тој однос кон човечкиот живот? Дали оправдувањето е во „природните закони“? Не, бидејќи тие важат за несвесното, свесното треба да значи цивилизација и надминување на негрижата за другиот.

Минамата, наспроти ужасот што му се случува, е прекрасен град, со толку убави пејзажи, со незаборавни зајдисонца, со питоми и добри луѓе, со луѓе кои имаат неверојатен однос кон суштината на живеењето и кон убавината на душите на нивните најблиски, што живеат во ужасни болки. Живата која ја испушта во реката корпорацијата „Чисо“, која, всушност и го вработува населението, го уништува мозочното ткиво, последиците се страшни, но иако корпорацијата знае за тоа, бидејќи се правени испитувања, сепак, тоа се заташкува и работата и понатаму тече непречено, се додека се тоа „мали проценти на еден милион“.

Луѓето имаат искривени раце и нозе, тие се сосем неспособни да работат било што или сами да се грижат за себе, многу од нив имаат церебрална парализа, се раѓаат искривени, имаат грчеви и конвулзии, страшно е да се гледа. И иако, како и секаде, има предрасуди, има срам, има премолчување заради вработување, а особено недоверба кон фотографот, плашејќи се од реакциите на моќниците, сепак, малку по малку, луѓето се охрабруваат и се обидуваат да се спротивстават.

Интересно е дека односот кон сето тоа Левитас ќе го дозира според однесувањето на Јуџин Смит кон неговите фотографии. Во нив тој го доловува она што се крие зад сликите, фокусирајќи се на нивните очи, на она видливото, за да се види невидливото. Со други зборови, како што Јуџин ќе и рече на Аилин, сликај, ама без емоции, за да можеш да ја фатиш суштината, но при развивањето на сликите тој толку суптилно се поврзува со нив преку допирот, чиниш им ја дава душата. Има нешто извонредно во пристапот, зашто колку и да е ужасен и емотивен, насликан е со многу душа, а без патетика, бидејќи болката е насекаде и факт е дека таа е дотолку повидлива, колку што помалку ја нагласувате.

Затоа и е чудно што филмот немаше поголем одглас, иако на крајот пишува дека сликите на Јуџин Смит ќе извршат големо влијание. Особено сликата со Акико, која има церебрална парализа, сликата додека нејзината мајка ја држи во кадата, додека ја капе и ѝ пее, која ќе стане една од најважните слики во историјата на фотографијата. Тоа навистина е слика како од платната на големите мајстори, иако во неа има толку болка, но има и убавина, бидејќи, како што вели нејзиниот татко, таа има убава душа. „Томоко во нејзината бања“ е насловот на оваа фотографија која го овековечува ужасот во местото Минамата, ужас кој ќе стане познат како „Минамата синдром“. Со тие слики уредникот Роберт Хеис ќе отиде на еколошката конференција во Стокхолм во 1970-тите години, кога „сè уште се зборуваше за последиците и за загадувањето“, а не само за климатските промени. Но, за жал, тоа издание на магазинот „Лајф“, кое ќе ја објави приказната за Минамата, ќе биде и последно негово отпечатено издание.

Во Минамата има и протести, има и група за директни преговори и сето тоа, заедно со Јуџин Смит, кого корпорацијата се обиде да го подмити, ќе го добие глобалното внимание и ќе го натера „Чисо“ да ја исплати најголемата сума дотогаш, одредена од јапонскиот суд, но тоа нема да донесе олеснување, бидејќи јапонската влада нема да ја поддржи финансиската и морална суштина на оваа работа. Јуџин Смит ќе почине во 1978 и тоа од повредите здобиени токму во фабриката „Чисо“. А она што е поразително, е што дури во 2013 година јапонскиот премиер ќе прогласи дека Јапонија се опоравила од загадувањето со жива!? Дали е така?

На крајот, филмот прикажува и потсетува на бројни такви примери во многу земји низ светот, во кои населението е уништено поради загадување, и прашува, до кога ќе зборуваме за проценти? Впрочем, како што е и денеска, корпорациите и владите, а и здравствените организации, и понатаму зборуваат за проценти, бидејќи човечкиот живот одамна е сведен на проценти. Е, токму затоа, овој филм, кој ниту е нов, ниту зборува првпат за вакви проблеми, е важен, зашто очигледно свеста во суштина не е променета. Важен е и токму заради нагласувањето на таа крајна нечовечност наспроти неверојатната човечност на луѓето кои се обидуваат на животот да гледаат поинаку, бидејќи тој и не е само гола егзистенција, животот не е и не смее да биде сведен на бројки. Токму затоа што тие повредени души ја испишуваат убавината и суштината некаде таму, во некоја позадина, во некој етер, надминувајќи ги видливите граници, надминувајќи ја болката, надминувајќи ги ужасите со својата љубов и духовност, со својата грижа, со убавината на невидливото кое останува да лебди во воздухот.

Левитас и фотографиите на Јуџин Смит успеаја да ја фатат вистинитоста во сликите, односно животноста наспроти ужасот кој трае, и факт е дека не може да се поништи онаа срченост и трепет исцртани во „Томоко во нејзината бања“, сликата која што е сведок на страдањето и на победата на животот над неговото поразување.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.