Според одредени аналитичари што ја проучуваат и следат американската политика во регионот, целите на американската дипломатија за затворање на балканските прашања се однапред познати. Иако таквите нивни заклучоци засега во јавноста се оценети како еднострана слика што круто го спојува мозаикот за посакуваниот имиџ за Балканот во очите на САД, сепак, во продолжение ги пренесуваме и заклучоците на некои од аналитичарите. Имено, според нив, целите на САД се дека „Србија треба во тој процес да го признае Косово, да се гарантира функционирањето на дејтонизираната Босна, да се поддржи примената на тиранската платформа во Македонија, да се држи Турција на дистанца од Балканот, да се истисне руското влијание и да се запрат идните кинески инвестиции. Во исто време со овие процеси, најважната придобивка за балканските земји ќе биде членството во ЕУ“
Амбициозна проекција на политиката на САД за Балканот
Динамиката на решавањето на балканските отворени прашања (меѓу кои е и она помеѓу Македонија и Бугарија) со помош на американската булдожер-дипломатија, периодов добива на темпо и нова димензија. Прашањето не е – како ќе се манифестира „враќањето на Вашингтон на Балканот“, туку на кој начин ќе се изврши „поголемото присуство на САД“. Вакви и слични тези можеа да се прочитаат изминатиов период во медиумите во регионот во врска со дејствувањето на американската дипломатија на овие простори.
Враќање на тројца „специјалци“
Експресното повлекување на Ентони Годфри од Белград и на Ерик Нелсон од Сараево на средината на нивните мандати, заедно со завршувањето на функцијата на Филип Коснет во Приштина, кој се соочи „редовна ротација“, придружено со ангажманот на ветераните Кристофер Хил и Мајкл Марфи, односно дури тројцата „специјалци“ за нашиот регион, е показател што вели дека Стејт департментот сака да ги затвори отворените прашања на Балканот.
– Работите не можат да траат бесконечно. Ние ги преземаме чекорите во процесот да се движат кон одредена цел, а таа е, според мене, Србија во ЕУ и независно Косово – вели Мајкл Кирби. Американскиот дипломат, коментирајќи го проширувањето на ЕУ, додава дека на списокот секако треба да се додадат и Македонија, но и БиХ и Црна Гора.
Санкции како „Дамоклов меч“
Според наводите во медиумите од регионот на оваа тема, се истакнува дека, најверојатно, адут за спроведување на дипломатската агенда ќе биде можната опасност од наметнување санкции и тие ќе се користат како клучен инструмент врз притисокот на локалните политички елити. Клучниот играч во оваа проблематика е едниот од трите координатори односно, Џејмс О’Брајан, кој е одреден да биде координатор на политиката на санкциите. Медиумите пишуваат дека досега примената на индивидуалните американски санкции била преточена во примерите во Албанија, спроведена врз некогашниот висок државник Сали Бериша, кој во моментов во долг и комплициран процес го тужи американскиот дипломат Ентони Блинкен пред судот во Париз за сторени прекршоци во оваа процедура.
Аналитичарите информираат дека целите на САД за Балканот се однапред познати
Според одредени аналитичари што ја проучуваат и следат американската политика во регионот, целите на американската дипломатија за затворање на балканските прашања се однапред познати. Иако таквите нивни заклучоци засега во јавноста се оценети како еднострана слика што круто го спојува мозаикот за посакуваниот имиџ за Балканот во очите на САД, сепак во продолжение ги пренесуваме и заклучоците на некои од аналитичарите. Имено, според нив, целите на САД се дека „Србија треба во тој процес да го признае Косово, да се гарантира функционирањето на дејтонизираната Босна, да се поддржи примената на тиранската платформа во Македонија, да се држи Турција на дистанца од Балканот, да се истисне руското влијание и да се запрат идните кинески инвестиции. Во исто време со овие процеси, најважната придобивка за балканските земји ќе биде членството во ЕУ“.
Иако е прерано, она што сепак во овој момент може да се констатира е фактот дека е несомнено, во периодот што следува, САД навистина да се обидат да дејствуваат на Балканот. Иако, несомнено, за остварувањата на целите не се доволни единствено кадровските промени на американските амбасадорски позиции.
Аналитичарите нотираат дека булдожер-дипломатијата на Балканот има и одреден временски рок во кој треба да ги спроведе своите цели, а тој се протега до почетокот на следната претседателска кампања во Америка или поточно во наредните две и пол години.
Што може да стори Кристофер Хил?
Пораките по типот на онаа „мораме да станеме сериозни“ и „работите не можат да се одвиваат до недоглед“ укажуваат на решителноста на американските дипломати, но колку навистина тие имаат сила во себе да го спроведат зацртаното или ќе останат само празни фрази ќе се покаже во наредните две и пол години.
Од една страна, според „Спутник“, претпоставените притисоци можат да ги нарушат и онака чувствителните регионални односи, но од друга страна, неисполнувањето на целите може да ја компромитира американската позиција на Балканот. Медиумот во тој правец ја цитира и изјавата на поранешниот американски државен секретар Херни Кисинџер, кој рекол дека патишта до крајната цел не постојат, туку тие се создаваат со пешачење до нив.
Нотирајќи го сето кажано, медиумот посочува дека американската регионална политика на долг рок, ако не се внимава, би можела да стане заробеник на „опасни преседани“.
Рускиот дипломат и политички аналитичар Евгениј Крутиков на темава посочил дека по најновото „враќање на Вашингтон“, многу е веројатно дека Балканот може во иднина да биде помалку стабилен од денеска, а САД во истиот процес да бидат пофрустрирани од кога било.
– Балканот е комплициран сплет од противречности, каде што проблемите не можат да се решаваат еден по друг, туку во пакети. За такво решение на Балканот се потребни и мерки од минатото: одржување мултилатерални конференции, долги преговори и усогласување на позициите – изјавил Крутиков.
Булдожерот на САД е адут за Македонија?
Во меѓувреме, домашните и странските дипломати со кои се консултиравме велат дека Вашингтон во голема мера е во линија на македонските национални интереси, сега може да помогне да се реши спорот со Бугарија, кој нѐ држи надвор од ЕУ. Универзитетскиот професор Михал Вит во својот осврт на случувањата вели дека во моментов е очигледно дека администрацијата на Џо Бајден, по моделот од времето на владеењето на претседателот Бил Клинтон, сега ја активира таканаречената булдожер-дипломатија на Балканот.
– Во времето на Бил Клинтон кон крајот на деведесеттите години на минатиот век, на Балканот беше испратен Ричард Холбрук, дипломат што имаше задача да го стабилизира регионот по распадот на СФРЈ и тогашните поранешни републики, кои станаа нови држави. Особено бидејќи во тоа време, тогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, веќе земаше замав во креирањето на новата политичка и географска карта на регионот и Балканот. Откако никој од странските дипломати не можеше да се справи со Милошевиќ, беше испратен Холбрук, кој со својот потенцијал и начин на функционирање го доби епитетот „булдожер“ – вели професорот. Вит потенцира дека епитетот се базира на неговата улога во „буткање“ на заспаните процеси, но и уривање на тврдите зацементирани позиции на балкански лидери.
– Новата администрација на Бајден, судејќи според последните потези, како да сака да го реши конечно сето она на Балканот што остана проблематично. Тука пред сѐ мислам на македонскиот спор со Бугарија и состојбите во Босна и Косово. Токму затоа САД на Балканот испраќа искусни дипломати што беа дел од тимот на веќе легендарниот дипломатски булдожер Холбрук. Габриел Ескобар ќе го замени Метју Палмер како специјален преставник на Стејт департментот за регионот на Западен Балкан. Па по моделот како се реши тврдиот спор со Србија, верувам дека сега Бугарија ја очекува сличната судбина. Односно, Македонија може да очекува позитивни вести во разврската од картите во ракавот што ги кријат американските дипломати – вели професорот.
Според Вит, Хил е искусен дипломат што му бил клучен соработник на Ричард Холбрук, односно член на неговиот тим и учесник во преговорите и во Дејтон и во Рамбује, а бидејќи бил амбасадор во Македонија и во Албанија, со своето искуство во регионот тој ќе ги забрза имплементирањата на политиките на Вашингтон во нашиот регион. На сите им се јасни желбите на Вашингтон, Македонија да стане во скора иднина дел од Европската Унија.
Долгогодишниот дипломат и прв македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, вели дека она што во моментов се случува е активирање на мрежата на американски дипломати во регионот, кои се специјалисти за решавање глобални и регионални конфликти меѓу кои е и спорот меѓу Македонија и Бугарија.
– Самото назначување за Кристофер Хил да биде на Балканот, значи дека околу него во сите амбасади во регионот ќе се формира еден одличен тим од професионални дипломати што си ја знаат работата и кои во суштина имаат солидно искуство во справување со комплицирани релации со држави во светот. Хил е голем познавач на состојбите, бидејќи интимно го знае нашиот регион. Македонија треба да гледа добронамерно кон процесите, бидејќи Хил важи за близок пријател на нашата земја, односно сега тој како раководител на американските интереси во регионот ќе може силно да мониторира што прави Софија врз Скопје во контекст на приближување на нашата држава кон Европската Унија и затворање на спорот засекогаш меѓу соседните земји – заклучува Арсовски.