Економската криза го тенчи паричникот на Турците
Некои од турските граѓани во последно време се загрижени за егзистенцијата и се обидуваат да најдат начини да се справат со новонастанатата состојба додека вредноста на лирата продолжува да паѓа. Валутата изгуби половина од вредноста во однос на доларот оваа година, паѓајќи за речиси 30 отсто само во ноември. Оние граѓани што немаат девизи или злато за продажба, наоѓаат други начини да ги намалат животните трошоци, со тоа што избегнуваат да купуваат месо или се вртат кон владините субвенции за леб за да преживеат во месецот.
„Економска војна за независност“
Додека вредноста на парите опаѓа, инфлацијата се искачи на 21 отсто. Сепак, претседателот Реџеп Таип Ердоган одговори на тоа со низа намалувања на основната каматна стапка, што е спротивно на економската практика. Од септември наваму, со тоа што постојано се воведуваа мерки за нејзино намалување, лирата повторно падна на ново ниско ниво. Ердоган го оквалификува овој пристап како „економска војна за независност“, која е потребна за да се поттикнат извозот, странските инвестиции и отворањето нови работни места, но многу граѓани се борат да се приспособат на тековните настани и да преживеат во оваа нова реалност.
Граѓаните што посилно ги чувствуваат овие случувања во економијата веќе размислуваат за други начини како да дојдат до постабилни приходи. Некои од нив размислуваат да го продадат златото за да можат да си купат нов дом. Меѓутоа, повторно се јавуваат неодлучност и загриженост, затоа што цените постојано варираат. Луѓето се плашат да земат кредити, затоа што не можат да бидат сигурни како ќе се движи вредноста на лирата. Затоа, некои граѓани решија да си ја пробаат среќата со копање криптовалути и сметаат дека иднината лежи токму во нив.
Се очекува новиот економски модел да даде резултати
Ердоган неодамна говореше дека претходно успеал да ја намали турската инфлација на четири отсто и вети дека тоа може да го стори повторно и да ја врати на нивото од 2011 година за брзо време, но повеќето економисти предвидуваат стапка од над 30 отсто за идната година. Инсистирајќи дека неговиот нов економски модел постепено ќе даде резултати, турскиот претседател постојано ги охрабруваше граѓаните да ја префрлат во банките целата готовина со која располагаат. Покрај економските реформи, чија цел е да се намалат трошоците за работната сила и да се поттикне извозот, Турција исто така го зголеми износот на минимална плата. Во меѓувреме, турската централна банка соопшти дека направила интервенција за да ја поддржи валутата по петти пат во еден месец. Турската берза двапати беше принудена да го прекине тргувањето за да се спречат дополнителни загуби.
Граѓаните ги чувствуваат промените
Со падот во вредноста на лирата, трговците со злато почнаа да го менуваат својот начин на работа. Кризата се одрази дури и врз турските свадбени традиции, со тоа што наместо со златници, невестите се китат со долари, затоа што се подостапни. Некои од граѓаните се жалат на високите цени на производите, а други повторно се вселуваат кај родителите за да не плаќаат кирија. Сопствениците на малите бизниси исто така се најдоа на удар и некои од нив почнаа месечните плати да ги исплаќаат на рати.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска