И покрај фактот што со текот на годините и сѐ поголемиот напредок на технологијата вештачките елки почнаа да ги заменуваат природните новогодишни растенија, сепак, убаво е да се види дека интересот е зголемен заради бенефициите од овие дрвја.
Така, на пример, по новогодишните празници, тие ќе бидат засадени, со што ќе го збогатат фондот на зеленило во метрополата
Традицијата за купување природни новогодишни дрвца се враќа кај скопјани
Можеби пандемијата целосно го смени начинот на перцепција за новогодишните празници, но скопјани не се даваат, напротив, веќе сите ги украсија своите домови. Посебно изненадува фактот што во фирмата ќерка на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, „Флораком“, која се занимава со производство и продажба на растенија меѓу кои се и природните елки, повеќе нема ниту една природна елка за купување. Граѓаните ги купиле сите, што значи дека се враќа традицијата на украсување природни елки во домовите, кои по празниците завршуваат во дворовите од семејните куќи или станбените згради.
НА ПОВЕЌЕ ОД ДЕСЕТИНА ДЕНА ПРЕД НОВА ГОДИНА, НЕМА ПРИРОДНИ ЕЛКИ НА ПРОДАЖБА
Нема повеќе во продажба природни елки во „Флораком“. Скопјани успеале изминатиот период да ги купат сите за своите новогодишни декорации.
Од претпријатието велат дека иако природните елки биле мали и засадени во саксии, скопјани, па и правните лица покажале голем интерес за нив.
– Елките беа со големина од 1,20 до 1,50 сантиметри. Засадени беа во саксии, па така се спречува нивното уништување, односно и по новогодишните празници тие ќе продолжат да живеат. Правните лица што ги купуваат, по празниците најчесто ги донираат – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во последните три години, скопјани масовно купуваат природни елки.
Она што со текот на времето изумре, па природните елки се заменија со вештачки, естетски полични новогодишни дрва како оние од рекламите и честитките, повторно станува мода.
Порано речиси немаше дом без природна елка, која по прославата на новогодишните и божиќните празници се засадуваше во дворовите или, пак, во парковите.
И покрај фактот што со текот на годините и сѐ поголемиот напредок на технологијата вештачките елки почнаа да ги заменуваат природните новогодишни растенија, сепак, убаво е да се види дека интересот е зголемен, заради бенефициите од овие дрвја.
Така, на пример, по новогодишните празници, тие ќе бидат засадени, со што ќе го збогатат фондот на зеленило во метрополата.
– Секоја година купувам природна елка, затоа што тоа ме потсетува на моето детство, на еден многу поубав, побезгрижен период, кога растевме ние. Зборувам за периодот пред повеќе од 25 години, кога новогодишните празници имаа многу поинакво значење од она што го имаат денес. Украсуваме природна елка, која ја наводнуваме за да не ни се исуши, а по завршувањето на празниците, ја засадуваме во дворот, како спомен и сведоштво на уште една измината година – вели Елена Стојановска.
ПОСКАПИ СЕ НОВОГОДИШНИТЕ СВЕТИЛКИ ОТКОЛКУ ВЕШТАЧКИТЕ ЕЛКИ
Сепак, граѓаните не го изгубија интересот ниту за вештачките елки, за кои велат дека од година на година се сѐ поубави, но и прескапи за македонскиот стандард.
– Иако се навистина преубави и изборот е огромен, цените на елките се премногу високи. И продавачите треба да размислат дека продаваат на нивни сограѓани, а не сега да тријат раце од продажбата. Од едно до друго место цените или се исти, или се со разлика од само 200-300 денари. Како четиричлено семејство во кое работам само јас со плата од 20 илјади денари и две деца што посетуваат училиште, не можам да си дозволам да купам голема раскошна елка што чини од шест илјади денари, па нагоре – вели Алек Димитриевски.
Продавачите, пак, велат дека не се чувствуваат ниту виновни ниту прозвани, бидејќи и тие работат за парче леб, а и не ги качуваат толку цените, напротив, велат дека заработуваат многу малку.
– Поскапи се новогодишните светилки отколку елките. Елката се купува еднаш на повеќе од десет години, значи таа трае, не се троши, не се уништува, секако, доколку добро се чува. Меѓутоа, новогодишните светилки во зависност од вкусот на купувачот, можат да траат само еден месец, можеби два дена, а можеби со години, а два метра чинат повеќе од 600 денари. Таква е понудата на пазарот, јас лично не ги пумпам цените, едноставно, морам и јас да платам кирија за дуќанот – вели продавач на новогодишни украси на пластичарската улица.