Понижено знаење (2)

ЗОШТО ВЛАСТА БЕГА ОД ЧАСОВИ?

Не само сегашнава власт. И претходната бегаше. Ги заобиколуваше академската и научната заедница. За сите стратегиски прашања на државата, дури и за идентитетското, решаваа сами, политичарите. Имаа советници, повеќе тајни одошто јавни, ама тие советници беа од рангот на она што минатиот пат го нареков обука (training), а што бескрупулозно се претставува како образование. Тие „интелектуалци“ се дресирани да ја одработат својата „делница“ на патот трасиран од политичарите, без многу-многу да прашуваат за целта и за целината. Со такви „интелектуалци“, претходната власт ја измисли антиквизацијата, како сериозна пластична идентитетска операција, без да ги праша академската и стручната (научна) заедница. Прашала неколку „едуцирани едукатори“ и зад затворени кабинетски врати се родил проектот што ни направи непотребни проблеми на патот кон ЕУ. Антиквизацијата не беше сфатена како повикување на палимпсестноста на балканската историја (ако овде живееле сто народи и култури нанесени во наслојки, во нас сигурно има и физички и културни „гени“ од сто народи), туку како КРАДЕЊЕ туѓа историја и туѓ идентитет. Друго прашање е дали АНТИЧКИОТ идентитет им припаѓа исклучиво на денешниве Грци.
Сегашниве владетели продолжија со безглаво барање идентитет (како да го немаме). И притоа ни ставија во главите дека ЕВРОПСКИОТ ИДЕНТИТЕТ (и вредности) нам ни се туѓи! А Европа воопшто не им побара нашиот НАЦИОНАЛЕН идентитет да го прогласат за неевропски и за срамење! Сегашниве продолжија пожестоко со идентитетската пластична хирургија: за да ги „дотепаат“ со својата „ултрапостмодерност“ претходните „конзервативци“, на барањето корени длабоко во минатото реагираа со целосна ахронија и бришење на поимот „историја“.

Историското стана знак за примитивен национализам што не води кон иднината, туку „во минато и самоизолација“. И не прашаа никого од академската и научната заедница дали е можно, во „феноменологијата на свеста за времето“ (Едмунд Хусерл), да постои „утре“, без „сега“ и „вчера“. Наместо тоа, ја усвоија трагикомичната синтагма „историја на иднината“, за која се убедени дека тие ја испишуваат: цртаат воз што уште не е дојден на железничката станица. Тоа психијатриски се вика конфабулација, а народски – чукање празна слама. Наместо непостојна историја на иднината, подобро е да се испотат за иднина на постојната историја. И тоа ќе им се кажеше, ама не прашаа…
Така, во серија се редеа грешки (и тоа „новиот“ што ќе дојде треба да го знае) околу круцијални прашања. Од суета и страв да не се загуби тронот, не прашаа стручни луѓе дури и за преименувањето. Тоа не е мала работа, а нашиот народ (без диплома), рекол „Крштевка без кум бидува ама без поп не бидува“. Може кумот да биде и странец, ама попот е наш и решава дали ќе го крсти детето со навредливо име или не. Постојат науки за тие нешта: семиологија, семаника, а кога станува збор за преименување на колективитет, тука се неизбежно хералдиката, филозофијата, историјата и психологијата, зашто преименувањето остава последици дури и врз колективното ментално здравје, ако се чепка во архетипот. А да прашаа макар граматичар, ќе чуеја дека придавката е идентитетски поважна од именката, затоа што „нештата“ (именките) не можат да постојат без својства (види „Филозофијата на граматиката“ од Ото Јесперсен). Затоа и придавката што ја уфрливме (Северна) ја истисна придавката „македонска“, која дотогаш ѝ даваше елементарна смисла на именката „Македонија“. Тоа доведе до надворешна (грчка) забрана за употреба, но и до самоцензура на придавката. Да прашаа уметник и да им кажеше да предложат „вечна“ наместо „северна“, Европејците ќе размислеа дали ќе ме наречат „вечномакедонски писател“, наместо „северномакедонски“. Да прашаа математичар, ќе им предложеше „трета“ (прва Титова, втора независна Македонија), па ќе размислеа дали ќе ме наречат „третомакедонски писател“. Ама нема ништо итарпејовско веќе во нас, не знаеме како со европски мангупи-кумови.

Да ја прашаа академската заедница, нашите политичари немаше да се залагаат за иднината, а да формираат историска комисија, која „еднаш засекогаш“ ќе реши историски различни гледишта. Тоа е бесмислено. Конечно, двајца современо образовани момци на власт во Бугарија, прашаа: а зошто само историска комисија? Зар не е поважно во комисијата за добрососедски односи да седат бизнисмени, уметници, луѓе од образованието? Зар само историјата (и тоа „заедничка“) ќе биде тоа што ќе нѐ поврзува во иднина? Да прашаа нашиве, академската заедница ќе им кажеше дека историјата не може никогаш да биде „објективна“ (колку слатко се смеевме кога власта замислуваше „објективна историја“, и тоа напишана од „непристрасни“ историчари-Европејци). Тоа не е мерење електричен напон. Градежен материјал (цигли) на историјата се сведоштвата, а тие се секогаш субјективни. Историјата е тестимонијална и токму затоа секој народ има право да си ја пишува својата историја како свое сведоштво. Па како ќе постои „заедничка историја“, господа, кога гледната точка на таткото кому му е стрелан син „од Бугарите“ не е иста со гледната точка на оној што заповедал стрелање? За истиот историски настан првиот ќе сведочи со болка и омраза, а вториот како за службено „извршена задача“. Сакате гледната точка на жртвата да ја израмните со гледната точка на џелатот? Ако сакате пак „да ја заборавиме“ болната историја, зошто тогаш ја чепкате и запишувате одново? Писмото е измислено да помни, а не да заборава!

Ќе кажеше академската заедница, ако ја прашаа, дека „историјата“ не е проблем за влез во ЕУ, како што не беше ни името. Дека се тоа само „непристојни предлози“ и непристојни услови што Европа ни ги поставува секогаш кога ќе се најде пред свршен чин да нѐ прими, а има некој прикриен анимозитет да нѐ прими. Да прашаа и за тој анимозитет, ќе им кажевме: веќе е опишан во геополитичките психоаналитички есеи на Јулија Кристева за Балканот и неговата западна имаголошка перцепција. Ќе им кажевме дека стереотипната слика за „темниот Балкан“ е всушност „црната потсвест“ на Европа и на САД, со која тие си ги мијат рацете од сопствената крв, и дека поимот „балканизација“ е единствениот поим фабрикуван на Запад во кој суфиксот „-изација“, значи дезинтеграција наместо интеграција: „европе-изација“ е обединување, а балкан-изација – разединување?! Тој имаголошки стереотип за „балканизацијата“ е она од што се плаши и сегашна Европа. Затоа уште не нѐ примаат. Но никој не праша. Зошто? Затоа што знаењето го симнува од тронот оној што не знае. Учениот знае, на пример, математика. Со тоа знаење сѐ уште не му пречи на политичарот. Дури и му треба за тендери! Ама ќе почне да му пречи кога ќе дознае дека политичарот не знае математика, а знае како да се збогати од тендери. Е, тогаш почнува понижувањето на знаењето. Мора да се убие сведокот, како во крими-романите.

(ПРОДОЛЖУВА)