Новиот вид на коронавирус познат како „омикрон“ е именуван според 15-тата буква од грчкото писмо, во согласност со системот усвоен од Светската здравствена организација во мај, со цел за полесна комуникација поврзана со новите соеви на ковид-19. Но и овој систем создава одредени потешкотии, како што пишува „Њујорк тајмс“.
Следната буква според која требаше да биде именувана варијантата забележана на југот на Африка беше „ну“, но надлежните служби сметаа дека таа ќе предизвика нејаснотии бидејќи е слична со англискиот збор за „нов“ (new се изговара „њу“ – н.з.). Потоа следува буквата „кси“, која според транслитерацијата, а не изговорот, би можела да се поврзе со презимето на кинескиот претседател Си Џинпинг. Затоа и таа беше прескокната за на ред да дојде омикрон.
– „Ну“ лесно предизвикува збунетост со зборот „нов“, а Кси не е употребена бидејќи е често презиме – кажа портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ, одговарајќи на прашањата на „Њујорк тајмс“ за именувањето на варијантите на ковид-19.
Моментно постојат седум т.н. „варијанти на загриженост“, кои се именувани според грчките букви во согласност со системот на СЗО. Здравствената организација претходно не објасни зошто беше направен „скок“ на буквата „му“, но усвоена е практика имињата да не предизвикуваат навреда на ниту една културолошка, општествена, национална, религиска или етничка група“.