Кој ги контролира и овластува нашиве превозници, кој сѐ треба да се грижи за безбедноста на патниот сообраќај, како се превенираат пропустите и престапите и на крајот на краиштата, кој ќе одговара за овие сообраќајни несреќи? Како е можно автобус без лиценца да превезува патници низ најмалку три држави, каде затаила контролата на надлежните институции? Дали мултидисциплинарниот пристап овозможува некои од засегнатите страни за контрола да затаат, потпирајќи се на тоа дека „другите органи ќе си ја завршат работата“ и ќе исконтролираат?
Само две години и десет месеци од трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 луѓе токму поради техничка неисправност на автобусот, пред три дена се случи уште една автобуска несреќа во Бугарија, во која 44 наши сограѓани го изгубија животот. Ова е втора несреќа за кратко време со голем број жртви и повторно сите заедно си го поставуваме прашањето зошто е тоа така, зошто мора токму нам да ни се случи.
Сериозни системски пропусти низ годиниве резултираат со катастрофални последици во јавниот транспорт на патници. Пропусти при проверката на исправноста на возилата за превоз на патници, немање лиценца за меѓународен транспорт, недоволен број возачи, што овозможува повторно низ македонските патишта да сообраќаат автобуси и комбиња што се потенцијална опасност за себе, но и за сите други учесници во сообраќајот.
Кој ги контролира и овластува нашиве превозници, кој сѐ треба да се грижи за безбедноста на патниот сообраќај, како се превенираат пропустите и престапите и на крајот на краиштата, кој ќе одговара за овие сообраќајни несреќи? Како е можно автобус без лиценца да превезува патници низ најмалку три држави, каде затаила контролата на надлежните институции? Дали мултидисциплинарниот пристап овозможува некои од засегнатите страни за контрола да затаат, потпирајќи се на тоа дека „другите органи ќе си ја завршат работата“ и ќе исконтролираат? Многу неодговорени прашања по трагедијата на автопатот Струма, а одговори засега нема. Законот за превоз во патниот сообраќај јасно ги дефинира правата и задачите на институциите – автобусите и возачите што управуваат со возилата мора да поминат низ системот и да бидат одобрени и контролирани од Инспекторатот за транспорт и од царината.
Во трагедијата кај Ласкарци се утврди техничка неисправност кај автобусот и токму поради тоа требаше да научиме дека не треба да има никакви импровизации, ниту пропусти кога се работи за исправноста и проверките на возилото.
Уште се свежи сеќавањата дека тогаш, откако се случи трагедијата кај Ласкарци, при зајакната контрола на сообраќајната полиција беше утврден сериозен системски пропуст при проверката на исправноста на возилата за превоз на патници, така што многу од возилата што сообраќале низ македонските патишта и превезувале патници имале неисправни уреди за сопирање или управување на самото возило или немале лиценца за работа.
При вршењето слободен превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај, превозникот мора да има извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачувачот на услугата и правилно и точно пополнет патен лист на пропишан образец, потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби на државата. Со други зборови, автобусот што изгоре не можел и не смеел да минува меѓудржавни граници без потребните документи. Но сепак тоа се случило. Затоа што никој не го исконтролирал тоа, ниту му извршил надзор?!
Државниот инспекторат за транспорт алармира и за недоволен број инспектори и неможноста за контролирање на сите автобуси, што е знак за уште еден пропуст во сообраќајот во нашата држава.
Превозниците што организираат меѓународен транспорт на подолги релации треба да имаат двајца или тројца возачи. Честопати самите превозници се обидуваат да го заобиколат ова правило. Сериозен пропуст има и во потпишувањето договори на дело со возачи што се пензионирани, а на кои им се намалени психофизичките и моторичките карактеристики (рефлексите), нешто што влијае на нивната состојба да реагираат во отежнати сообраќајни услови или при возење навечер. И повторно никој не контролира, а уште помалку не презема репресивни мерки спрема субјектите што недоследно ги вршат своите работи. А цената е една и единствена – изгубени човечки животи.
Неопходна е почеста контрола на автобусите, но и на другите возила во сообраќајот. Контролите на превозниците треба да се засилат и да се применуваат стриктно актуелните законски прописи што се однесуваат за техничката исправност на возилата што вршат превоз на патници. Треба да имаат обврска да се вршат тековни, месечни и секојдневни прегледи на возилата. Наедно затајуваат внатрешната контрола и контролниот механизам врз транспортот на патници.
Мора темелно да спроведе контрола, да се утврди од кое подрачје доаѓаат неисправни автобуси и дали ги имаат потребните документи на располагање.
Сите институции одговорни за јавниот превоз на патници треба да ги претресат работите од корен за да ги елиминираат системските пропусти.
Колку несреќи треба да се случат за да ја научиме лекцијата?
Потребни се навремени, континуирани, организирани, плански, системски мерки и активности заради надминување на тие проблеми во поглед на сообраќајот, во поглед на техничка исправност на возилата и каде што е неопходно, каде што ќе се детектираат одредени проблеми и слабости да се интензивираат мерките, токму во тие лоцирани субјекти, за надминување и евентуално санкционирање, се разбира врз основа на докази, за непреземање мерки и дејствија.
На сето ова треба да му се стави крај, односно надлежните мора сериозно да си ја вршат работата, а не селективно, бидејќи Македонија нема животи за фрлање на македонските патишта. Овие трагедии треба да нѐ научат да ги зајакнеме сите контроли, да превенираме, но и да казнуваме и да исклучуваме од сообраќај при најмал недостаток на возилото.