Токму затоа, со право, веднаш по несреќата реагираше Советот за етика (СЕММ), кој упати апел до медиумите за овој трагичен настан да известуваат со целосна одговорност, врз основа на проверени информации и релевантни извори, без шпекулации околу причините за несреќата. Наедно, Советот за етика со право побара и од уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за овој трагичен настан да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност
Македонија од вчера е во длабока тага. Додека најголемиот број граѓани беа во длабок сон, рано утрината во Бугарија се случи страшна сообраќајна несреќа, во која на враќање за дома од викендот во Истанбул, трагично го загубија животот 46 патници, од кои најголемиот број беа млади луѓе.
И, како по обичај, кога ќе се случи некој ваков настан, за кој се оценува дека драстично ќе ја зголеми читаноста или гледаноста, поголемиот дел медиуми едноставно замижаа и кршејќи ги сите новинарски стандарди и принципи на професионално известување, го фрлија зад врата Кодексот, по што започнаа да плетат некоја своја приказна на сензационализам и непрофесионалност.
Како поинаку да се оквалификува фактот дека додека истражните органи на Бугарија ги извлекуваа починатите и испитуваа како дошло до несреќата, некои медиуми, во трката за сензационализам и „лајкови“, веднаш не само што „утврдија“ како дошло до неа туку и го пронајдоа виновникот.
И тука вреди да се спомене уште еден момент. Во раните утрински часови речиси немаше никакви информации за настанот, за потоа, кога „тргна лавината“, кога медиумите, а особено некои од порталите, ги зафати силна еуфорија, тогаш да почнат да се слеваат информации и „информации“ од сите страни. За жал, прва настрада вистината. Фактите беа фрлени настрана, туку сите започнаа да си градат, да си ѕидаат некоја своја вистина.
Во моментот кога цела држава е во длабока тага и кога сите ние ја делиме болката на семејствата што во трагичната несреќа ги изгубија своите најмили, освен длабоко и искрено сочувство, што и да се каже или напише за несреќата, освен да се почитуваат фактите, е не само непрофесионално туку крајно неодговорно и неетички. Ако кога било ни требало на медиумите да „кочиме“ со претпоставките и констатациите околу утврдувањето на причините и вината за некој настан, тоа е токму во вакви случаи, кога се известува и пишува за ваква несреќа.
Неподносливи се болката и тагата на семејствата на загинатите, но и кај сите нас што сме граѓани на оваа држава, за да дозволиме некој да си игра со нивните и со нашите чувства. Македонија загуби 46 млади животи, од кои најголемиот број беа во цутот на младоста и практично немаа почнато да го живеат животот. Само еден миг беше доволен за да се случи најтешката сообраќајна несреќа што ѝ се има случено на оваа држава. Ниту највредните хроничари не паметат кога во некоја автобуска несреќа загинале толку многу луѓе, не само кај нас туку и пошироко во соседството и во Европа.
Искажувајќи длабока тага за загубените животи и сочувство до семејствата на загинатите, ни останува само да апелираме, барем сега, за овој трагичен настан новинарите да покажат професионализам и новинарска етика, при што нема да ги води желбата за сензационализам и лајкови, туку само желбата да се утврди вистината.
Во многу случаи и несреќи досега голем број т.н. новинари или медиумски работници си земале за слобода и право да судат и пресудуваат уште пред да се изјаснат за тоа истражните органи и надлежните институции што се повикани да ја утврдат вистината. Читајќи и слушајќи како некои „медиуми“ и портали и на социјалните мрежи известуваа за несреќата во Бугарија од „добро информирани извори“, само по себе се наметнува прашањето до каде може да оди нашата непрофесионалност.
Токму затоа се наметнува прашањето за важноста на проектот за медиумска писменост на УНЕСКО, во кој се вклучени членки на Мрежата за медиумска писменост, а кој се одбележува тековнава недела. Преку еден ваков проект, младите, и не само тие, треба да научат да читаат и да пишуваат, но и да научат да ја препознаат вистината или лагата. Со појавата на социјалните мрежи, многумина кај нас си замислија дека се новинари или медиумски работници, па во трката за „читатели“, „гледачи“ и „лајкови“, без никаква етика или чувство на одговорност, однесувајќи се крајно неодговорно, без да се стрпат за несреќата, без да дозволат да се изјаснат надлежните истражни и стручни органи, си земаат слобода да газат по сѐ и во истиот момент се и „експерти“ и „обвинители“ и „судии“.
Токму затоа, со право, веднаш по несреќата реагираше Советот за етика (СЕММ), кој упати апел до медиумите за овој трагичен настан да известуваат со целосна одговорност, врз основа на проверени информации и релевантни извори, без шпекулации околу причините за несреќата.
Наедно, Советот за етика со право побара и од уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за овој трагичен настан да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност, со оглед на тоа што во трагедијата има настрадани малолетни лица.
Во членот 8 од Кодексот на новинарите јасно стои како да се информира јавноста за вакви тешки несреќи, а правилото број еден е притоа медиумите да бидат ослободени од сензационализми. Затоа сега, повеќе од кога било, најмногу ни треба не само трпение туку и разбирање за чувствата на најблиските, кои во оваа страшна несреќа ги загубија најмилите. Сега е време кога треба да ја поделиме тагата со нив и барем за момент да се запрашаме како им е ним.
За тоа како дошло до несреќата, да оставиме да утврдат бугарските и македонските истражни органи.