Она што е евидентно со овие сезонски акции, или акции во име на Светскиот ден на чистењето, е дека Скопје може да биде почисто, а такво е и поубаво за сите нас
Нема посреќни граѓани од оние што имаат чист град и чист воздух. Ние ја немаме таа среќа, бидејќи немаме ниту чист град ниту доволно чист воздух. На граѓаните им е смачено да гледаат преполни контејнери и канти со ѓубре, диви депонии насекаде, расфрлани хартии и амбалажа од сѐ и сешто по станиците, улиците и тротоарите, како и пред институциите и станбените згради. Но за ваквата слика не се виновни само комуналците, задолжени за хигиената во градов. Тие овој пат во големата акција за чистење на градот се ангажираа максимално. За волја на вистината, во петокот во акцијата за чистење ја вклучија и својата администрација.
Тоа го направија и некои од општините, на тој начин давајќи свој придонес кон Светскиот ден на чистењето, но и кон својата општина. Никогаш немало толку многу чистачи, кои со метлите в раце чистеа низ градов. Ангажирани беа и други јавни претпријатија, граѓани и фирми и, пак, навистина е тешко да се исчисти целото ѓубре. Можеби само затоа што вакви сезонски акции не се доволни наеднаш да се исчисти насобраното ѓубре што стандардно и секојдневно се оставало каде што не треба, но и не се отстранувало оттаму. Добро е вакви акции за чистење да има почесто, секојдневно, метлите да играат постојано. Па, зарем не е добро континуирано да се чисти и одржува хигиената на градов, а не само сега, кога низ него поминуваат многу европски великодостојници. Некои од нив со задоволство сакаат да прошетаат и низ Старата скопска чаршија, па и во други делови на Скопје, а на патот дотаму колку преполни контејнери и депонии ќе видат?!
Убаво е да се види рано наутро како комуналците ги метат улиците, ги празнат контејнерите и како сѐ блеска во нашата животна околина. Но не е убава сликата кога попладнето, кога се враќате од работа, контејнерите повторно се преполни со ѓубре. Вашите соседи веќе стигнале да го исфрлат околу нив својот стар мебел или старите плочки и шолји од тоалетот што го реновирале. Ред навистина мора да има во сѐ, па и во хигиената. Како и во домот, бадијала е сите да чистат ако само еден растура и живее неуредно. Сите заедно треба да се грижиме за хигиената во градов, како за својот дом. До кога треба да се учиме дека малите канти за отпад по улиците не се користат за фрлање на домашното ѓубре, кое треба да завршува во контејнерите, или дека тоа не се фрла преку терасите на станбените згради во парковите. Зарем не се поубави зелените површини со цвеќиња наместо со расфрлани хартии. Е, ако веќе имаме доста такви што не го почитуваат комуналниот ред, тогаш веројатно мора да има казни затоа што го кршат. Секако, мора да зачестат и инспекциските контроли, а за да се случи тоа, потребно е инспекторите да бидат повеќе на терен отколку во своите канцеларии.
Всушност, нели имаме закон за јавна чистота, според кој дури и за фрлање догорче се казнува 50 евра. Па, токму поради тој закон оние што живеат во станбените згради престанаа да прават ајвар пред зграда во придружба на соседите, само затоа што се исплашија од казни. Токму тоа беше и причината многумина да бидат лишени од ова соседско задоволство и принудени да купуваат готова зимница. Сега никој веќе не пече пиперки пред зграда, но многумина сѐ уште го оставаат ѓубрето дури и по скалилата на влезовите. Со сезонските акции што изминативе денови беа реализирани, многу делови на Скопје изгледаат и почисто и поубаво. Тоа го забележаа и граѓаните. Некои од општините дури ангажираа и одреден број сезонски работници. Она што е евидентно со овие сезонски акции или акции во име на Светскиот ден на чистењето е дека Скопје може да биде почисто, а такво е и поубаво за сите нас. Уште поубаво ќе го видат и туристите, кои се сѐ повеќебројни и кои навистина ни забележуваат на нехигиената. Токму затоа не е оправдување дека одговорните за хигиената работат според подготвените планови и програми, бидејќи ако не се добри, ќе треба да ги променат, како што треба да се промени и односот на граѓаните кон хигиената. Само заедно сплотени и дисциплинирани во нашиот однос кон сметот, кон нашиот град, можеме да постигнеме повеќе. И не само во хигиената туку и во нашата култура на живеење, која, секако, треба да ја издигнеме на многу повисоко ниво.
Е, дури тогаш ќе имаме и почист град. А патот дотаму е лесен, бидејќи секој треба најпрвин да си тргне од себе и да не остава смет зад себе, особено не на излетничките места, не на Водно, на Матка, во Парк… Ако Европејците одамна научиле да селектираат отпад, зошто ние не би можеле и да селектираме и да одложуваме ѓубре на местата определени за тоа. Само ни требаат повеќе канти на повеќе места во повеќето општини, повеќе контејнери, но и повеќе метли стандардно и секојдневно да играат по улиците, тротоарите, пред амбулантите, железничката и автобуската станица, пред институциите и болниците – секаде каде што е потребно.