Проблемот лежи кај луѓето, а не кај технологијата
Многу држави не бараа пасоши пред почетокот на Првата светска војна. Но како што се ширеше конфликтот, земјите поитаа да воведат патни документи за да помогнат во обезбедувањето на нивните граници. По примирјето, резултат беше една збунувачка шведска маса од различни информации за различни националности, што можеше да создаде хаос наместо ред на граничните премини. Но враќањето во еден свет во кој луѓето можеа слободно да патуваат преку границите дотогаш беше незамисливо. Во 1920 година на сцената стапи Лигата на нациите. Таа претстави брошура на 32 страници со името на земјата на корицата и основни лични информации, како место и датум на раѓање. Некои влади негодуваа, а Франција сметаше дека брошурата е премногу скапа за печатење во споредба со нејзиниот единствен лист, па потребни беа неколку години за адаптирање. Но денес сите пасоши го следат истиот формат.
Во текот на пандемијата на ковид-19 се одвива сличен процес. Државите побрзаа да создадат вакцинациски пасоши за да го запрат вирусот на граница или на вратите на рестораните или вежбалниците. Честопати луѓето мора да покажат доказ дека се вакцинирани, имаат негативен резултат на тестот за ковид-19 или дека неодамна го прележале вирусот. Како и за време на Првата светска војна, итноста ја надмина координацијата. Проблемот е што овие пропусници не се интероперабилни. Повеќето изгледаат исто: кју-ар код на паметен телефон или парче хартија. Сепак, дури и скенирањето на кодовите може да претставува проблем. Различни апликации за потврдување читаат различни пропусници. Откако ќе се скенираат, шифрите даваат широк спектар на информации во зависност од националните или локалните здравствени системи или од прописите за приватноста.
Административните, комерцијалните и дури психолошките оптоварувања се очигледни на аеродромите. Бројот на патници опадна меѓу 85 и 90 отсто, но како никогаш досега качувањето на авион стана процес со многу пречки на патот. Редиците на чекање стануваат подолги додека нервозните патници пребаруваат по своите лични работи за да ги покажат пропусницата и кју-ар кодот. Официјалните лица се мачат да водат сметка за тоа кои вакцини се одобрени од страна на државните регулаторни тела и колкава важност имаат резултатите од тестовите и за кои дестинации.
Одамна помина времето за стандардизација. Сепак, креирањето дигитална здравствена пропусница е посложено од обичниот патен документ. Пасошите можеби ја откриваат возраста, но вакцинациските пасоши ширум ја отвораат вратата за личните здравствени информации и тоа можеби за голем дел од нив, а токму тоа ги плаши луѓето. Дури и меѓу земјите со релативно високи стапки на вакцинација, поддршката за ковид-пасошите варира, од 52 отсто во Унгарија до 84 отсто во Велика Британија.
Теоретски, дигиталната технологија треба да го олесни потврдувањето на вакцинацискиот статус. Сепак, бидејќи апликациите за потврда не можат да ги препознаат сите кју-ар кодови, многу контролори го применуваат пристапот на „фрлање поглед“, како што го нарекува Едгар Вајтли од Лондонската школа за економија. А црниот пазар цвета, при што лажните пропусници навидум изгледаат веродостојно, но ако соодветно се скенираат ќе се покаже дека се фалсификат. Меѓутоа, потешко е да се создаде унифициран систем за проверка на дигиталните потписи на здравствените власти. Креирањето база за сите доверливи потписи е скапа и политички тешка задача.
Најголемата пречка за функционалните вакцинациски пасоши не е технологијата, туку геополитиката. Потребно ќе биде да се формира универзално доверлива организација со софистицираност во здравството, технологијата и дипломатијата за да ги натера земјите да се договорат за глобалните стандарди. Ова може да изгледа како очигледна улога за Светската здравствена организација (СЗО), но вплеткана во ривалството меѓу Америка и Кина, таа претрпи удари од сите страни поради нејзиното справување со пандемијата. Во врска со дигиталните пропусници, СЗО се најде самата во хаос. Клучно е што СЗО одби да се вклучи во валидацијата и верификацијата.
За одржувањето регистар на доверливи потписници би бил потребен голем кадар.
Сепак, се чини дека светот тежнее кон неколку стандарди и технологии. Стандардите на Европската Унија за дигитални ковид-сертификати исто така се користат во Турција и во Швајцарија, а Индија го презеде форматот на оние од Шри Ланка и од Филипините. Следниот чекор, според СЗО, е земјите да преговараат за билатерални или регионални договори. Неодамнешните преговори меѓу Велика Британија и Индија покажуваат колку ова може да биде хаотично. Сепак, од пепелта на пандемијата, светот ќе изготви беспрекорен дигитален вакцинациски пасош што ќе го замени жолтиот картон. Но додека од ковид-19 сè уште умираат илјадници луѓе секоја недела, расправиите околу кју-ар кодовите и дигиталните потписи меѓу мултилатералните организации, технолошките групи и државите е спореден настан, ако не е и дефокусирање. Ковид-пасошите никогаш нема да го спречат вирусот, туку само вакцините. Еден ден, ковид-пасошите можеби ќе го зачуваат мирот, но сега светот мора да се фокусира на победа во војната.