„Зборот пес не лае“ (Жерар Женет)
Зборот „пес“ не лае, вели духовито Жерар Женет, алудирајќи на тоа дека зборовите не личат на она што го означуваат: тие се конвенционални. Договорено е некои нешта да се викаат така како што се викаат и само навиката управува со означувањето. Но дали е сосема така? Зар зборот „пес“ не може да касне, ако некој намерно „погрешно“ се служи со него, па го употребува за вас? Минатиот пат кажав: кога зборовите се злоупотребуваат, служат за лаги, стекнување корист, но и за – навреда. Таа навреда, кога ќе стане колективна и кога ќе се претвори во општествена НАВИКА, станува моќен инструмент за СЕГРЕГАЦИЈА, односно колективно стигматизирање и понижување на луѓето. Живееме во општество што силно се залага за укинување на секој вид сегрегација, посебно кон малцинствата. Тоа е одлично. Но сѐ повеќе сум убеден дека ние ги укинуваме ЗБОРОВИТЕ за сегрегација, а не самата сегрегација. Таков е и зборот „неподобен“. Мртов, а жив.
Зборот „подобен“ првпат го сретнав во гимназиските денови, кога ни беше нудено да станеме членови на Комунистичката партија, а потоа и при отслужувањето на воениот рок. Се користеше „во пакет“ со зборовите „морал“ и „политика“, па страшната синтагма гласеше „МОРАЛНО-ПОЛИТИЧКИ (НЕ)ПОДОБЕН“. Таа етикета те рангираше или меѓу живи, или меѓу мртви. Ако некому му се залепеше етикета „морално-политички неподобен“, тој можеше да се поздрави со животот: ниту ќе најдеше работа ниту ќе направеше кариера, а ако имаше семејство тогаш и неговите најблиски ги наследуваа (според комунистичкото „наследно право на гревови“) истиот жиг, истата стигма. Како наследен грев од Адам и Ева. Тогаш не знаев дека зборот „подобен“ значи, всушност – сличен (на Бога), и дека има црковнословенски корен. Не знаев дека комунистите, кои ја прогонуваа религијата, всушност го калкирале и приспособиле овој црковен збор кон своите потреби: да бидеш подобен на Бога, во комунизмот значеше да бидеш подобен на Тито или Кардељ.
Убеден сум дека и воените лица и политичките комесари што го употребуваа (за СЕЛЕКЦИЈА на „луѓе“ од „нелуѓе“), исто така поим немаа што значи. Тие не го сфаќаа како „сличен“, туку како „наш“: или си наш, или не си. Се сеќавам и дека Партијата (ја пишувавме со голема буква) често говореше уште и за ДИФЕРЕНЦИЈАЦИЈА, што значеше – прочистување на колективите од „неподобните“, односно „несличните“.
Подоцна, како асистент се шокирав кога истиот збор го најдов и во универзитетски службени документи! Имено, на дневниот ред на Наставно-научниот совет редовно имаше неколку точки што гласеа: „Избор на рецензентска комисија за утврдување на ПОДОБНОСТА на кандидатот за изработка на магистерски труд под наслов…“.
Очигледно беше дека овде зборот „подобност“ значи СТРУЧНА СПОСОБНОСТ („сличност“ со темата); комисијата требаше да каже дали кандидатот го бидува или не за изработка на таа и таа тема, а не дали е морално-политички подобен. Но неретко се пишуваа рецензии дека е некој стручно неподобен, а се мислеше на неговата морално-политичка неподобност. Така, не само што се мешаа политиката и моралот туку се мешаа политиката и занаетот. Сведок сум дека и денес (премолчено) е така, иако овие два збора, „подобен“ и „неподобен“, се целосно мртви и исфрлени од употреба. Зборовите ги нема, но нештата остануваат, ПРЕМОЛЧЕНО. А тоа е уште полошо: наводно, градиме демократско општество во кое сите сме рамноправни, нема сегрегација и диференцијација, а сите знаат, но и сите молчат дека кралот е гол и дека се случува токму спротивното.
Од лично искуство знам дека диференцијацијата на „подобни“ и „неподобни“ е денес особено силна во уметноста (покрај во сите државни вработувања). Некој повторно ни ја мери морално-политичката „подобност“, но сега е тоа морално-ПАРТИСКА подобност. Значењето е „стеснето“ од „политичко“ на „партиско“. Тоа значи дека порано имаше ЕДНА морално-политичка подобност, сега има најмалку ДВЕ; порано имаше една опасност да бидеш морално-политички неподобен („Не јади трици против КПМ!“), а сега две (не јади трици против СДСМ кога се на власт, и не јади трици против ВМРО кога се на власт). И, во зависност од тоа која партија е на власт, можеш наизменично да си бидеш час подобен, час неподобен. Но можеш да бидеш и постојано неподобен. Оние што ме читаат уште од „Кич митологии“ во „Утрински весник“, се сеќаваат веројатно на моите остри колумни против тогашната очигледна „бугаризација“ на Македонија од страна на тогашно ВМРО; поради тие колумни бев етикетиран како „неподобен“ (за ВМРО, која владееше), и бев „експонент на СДСМ“. Кога денес пишувам повторно против БУГАРИЗАЦИЈАТА на Македонија, пак сум неподобен, ама сега не за ВМРО, туку за оние другите.
Зборот „подобен“ во тие социјалистички времиња беше најшироко распространет, дури и кај најниските службеници. Еве една вистинска случка, комична како кај Гогољ. Само што станав асистент, бев прогласен за неподобен од тогашниот вратар на Народната и универзитетска библиотека. Зошто? Се беше случила некоја кражба во тогашната читалница и тој имаше наредба да стои на скалите и да пропушта еден по еден човек, веројатно проценувајќи кој „би личел“ на крадец. И кога дојдов на ред да ме пропушти во читалницата, ме сопре. Сфатив: јас секогаш кошулата ја носев пуштена преку фармерките. Рече да ја ставам во фармерките, и јас одбив: на тоа тој немаше право. Почна расправија, јас му реков дека секој ден читам тука, дека сум асистент, а тој извика: „Па што дека си асистент?! Погледни се на што личиш, распојасан еден! И да си асистент, ти си еден НЕПОДОБЕН асистент!“. Овој припрост човек беше најблиску до значењето на зборот од сите: јас не му ЛИЧЕВ на асистент. Веројатно, за него асистент беше некој со костум и вратоврска. Беше бар искрен.
И конечно, сите овие исполитизирани значења, зборот „подобен“ му ги должи на зборот „преподобен“, чест во црковната хагиографска книжевност. Преподобен може да се нарече само светец и маченик (мартир), зашто тој најмногу личи на образот Божји, на Бога. Тој збор не го користеа комунистите, а и денес не се користи во политичкиот дискурс. Но постои ли НЕШТОТО на што тој збор би се однесувал ВО ПОЛИТИКАТА? Кој е НАЈСЛИЧНИОТ од сите слични, оној според кој се мери подобноста (сличноста) на сите други во партијата? И ако тој, преподобниот е најсличен на Бога, кој е тој Бог и од која вера е? Добро е за размисла. И за прашање: зошто, во време кога со фанфари се прогласува признавање на РАЗЛИЧНИТЕ, ситни подобни сподоби прават свои црни листи со неслични и неподобни. Зар го прават тоа без амин на преподобниот?
Но сето тоа е привремено, драги мои. Преподобноста во политиката е само менлива функција, а не догма, како во хагиографиите. Само таму важи „Еднаш светец – секогаш светец“. За среќа. На христијанството.