Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, во својот говор на отворањето на состанокот на Генералното собрание со лидерите на 193 земји-членки предупреди дека светот „истовремено се соочува со најголем број кризи досега“. Кога станува збор за две од тие кризи, како климатските промени и пандемијата на ковид-19, лидерите на помалите и на земјите во развој, а не оние на водечките светски сили, упатија најсериозни предупредувања за актуелната состојба. Во меѓувреме, зголеменото ниво на морињата се заканува да предизвика непоправливи промени во екосистемите на островските држави во Тихи Океан и дури целосно да ги потопи.
Фактот што земјите во развој се соочуваат со вакви итни и егзистенцијални закани го нагласува моралниот императив за ефективна климатска соработка. Но развиените економии исто така треба да бидат мотивирани од личниот интерес ослободен од предрасуди. Европската централна банка проценува дека без климатска акција, БДП на Европа би се намалил за 10 отсто,што ќе доведе до 30 отсто во корпоративен дефицит. Безбедноста на глобалната храна ќе се најде под закана од зачестените и поинтензивните екстремни временски услови.
Нашите шанси за избегнување на најлошите ефекти од климатските промени брзо исчезнуваат. Според најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени, освен ако итно, брзо и масовно не ги намалиме емисиите на стакленички гасови, ограничувањето на порастот на глобалните температури на 1,5, па дури и два Целзиусова степена пред индустриските нивоа, ќе биде невозможна мисија.
Земјите во развој на Генералното собрание на ООН исто така дадоа важни перспективи во однос на корона-кризата. Намибискиот претседател апелира дека „вакцинацискиот апартхејд“ го спречува напредокот кон ставање крај на пандемијата, што е точно, бидејќи нашиот мултилатерален систем крајно потфрли во исполнувањето на своите обврски во обезбедувањето еднакви количества вакцини во државите. Светот успеа да произведува 1,5 милијарда дози месечно, но во однос на нивната дистрибуција се покажа доста неекономичен. Според „Ерфинити“, до крајот на оваа години рокот на важност ќе им истече на 100 милиони неискористени дози ако не се реагира веднаш за нивна дистрибуција. Системот „Ковакс“, чија цел беше да распредели најмалку две милијарди дози за земјите со ниски приходи до крајот на 2021 година, досега има дистрибуирано само околу 300 милиони дози.
Како и со климатската акција, еднаквата распределба на вакцините е морален и практичен императив за напредните економии. Колку повеќе му се остава простор на вирусот да се шири, толку поголеми се шансите да мутира во нови, позаразни, посмртоносни варијанти отпорни на вакцини.. Покрај тоа, меѓународната заедница мора да ја засили подготвеноста на Светската здравствена организација (СЗО) за вонредните состојби во јавното здравје. Идните кризи ќе можат рано да се откријат само ако имаме способно и добро финансирано мултилатерално тело. Но, како што стои сега, проценетите придонеси изнесуваат помалку од една четвртина од буџетот на СЗО, поради што организацијата е зависна од доброволни придонеси.
Ова се големи пречки за напредокот. Генералното собрание на ООН се одржа во време токму на ескалација на геополитичката конфронтација, која сè повеќе се одигрува во Индо-Пацификот. По повлекувањето од Авганистан, САД склучија нов безбедносен и технолошки сојуз со Австралија и Велика Британија, што ги подгреа тензиите со Кина. Катастрофални последици може да предизвика ескалацијата на тензиите во Индо-Пацификот, кој сочинува околу 65 отсто од глобалното население, 62 отсто од светскиот БДП и 46 отсто од вкупната трговија со стоки.
За ова постојат голем број причини. Тајван се покажува како особено опасна точка во американско-кинеските односи, особено со наизменичното сè почесто изведување воени вежби околу островот, што ги зголемува шансите за несреќа или погрешни процени.
Среде таквите високи тензии, климатската соработка станува значително тешка. Ова стана очигледно за време на неодамнешното патување на американскиот климатски претставник Џон Ф. Кери во Тијанџин, што нагласи колку затегнати станаа билатералните односи во мноштво области, меѓу кои трговијата, човековите права и демократијата, како и одбраната и безбедноста во Јужнокинеско Море. Зборувајќи со Кери преку видеоврска, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји предупреди дека климатската соработка нема да биде одржлива освен ако не се подобрат односите.
Американско-кинеското ривалство исто така ги спречува напорите за ставање крај на пандемијата на ковид-19, бидејќи двете држави практикуваат таканаречена „дипломатија со вакцини“, односно обезбедување вакцини за трети држави, како начин за да се воспостави долгогодишна политичка зависност и геополитичко влијание. Ваквиот пристап ја компромитира безбедната и правична дистрибуција на вакцините, особено затоа што се занемаруваат многу земји во Латинска Америка, Блискиот Исток и Африка, каде што вирусот ќе продолжи неконтролирано да се шири и мутира.
По состаноците на Генералното собрание на ООН, во јавноста се јави чувство на голема итност за решавање на најгорливите проблеми во светот, но и едно дежа ви. Покрај недостатоците, ООН одамна го формира срцето на мултилатералниот систем. Како што се наближува конференцијата за климатски промени во Глазгов, ООН мора да докаже дека апелите за помош, особено оние на лидерите на земјите во развој, може да ги претвори во вистински напредок.
Авторот е поранешен висок европски претставник за надворешни прашања и безбедносна политика, како и поранешен генерален секретар на НАТО.