Можноста на недржавните актери да дејствуваат со капацитет што порано беше резервиран за државите и да имаат политички и безбедносен импакт е сериозен предизвик за безбедноста. Овој подем, кој стана евидентен уште во екот на глобалната војна против тероризмот, денес со експлозијата на технолошкиот развој, станува уште поевидентен и посериозен. Голем број држави ги користат недржавните актери (поединци, групи, корпорации или организации) за остварување политички цели и со тоа создаваат сериозен предизвик. Предизвикот е дотолку голем што со тоа тие го предизвикуваат концептот или конструкцијата во која конфликтот и дејствувањето во него се уредени преку договори на кои самите држави се обврзале. Преку франшизата на конфликтот, некои од државите ја анулираат предноста што другите ја стекнале во рамките на концептот за кој нештата се договорени. Излегувањето надвор од оваа рамка има осуда, но и оправдување. Оние што го осудуваат, истакнуваат дека тоа е подло, незаконски и надвор од воспоставените норми.
Класификациите на ваквите конфликти се хибридни, ирегуларно војување и сл. Оние, пак, што го применуваат сметаат дека тоа е легитимно и дека во геостратегиската компетиција сѐ е дозволено ако помине. Без разлика на тоа кој е во право или не е, едно е јасно, франшизата на конфликтот во екот на дигитализацијата и современите технологии го носи целиот ужас со себе, кој барем засега сме навикнати да го читаме/гледаме во научнофантастичните приказни/филмови. Од каде почна сѐ?
Иако професорот Сиам Браун уште во 1993 година подвлече дека конфликтот и проблемот со безбедноста ќе станат предизвик, зборувајќи за реконцептуализација на војната, во периодот на доминација на либерализмот и подемот на експедициското дејствување ова предупредување речиси никој и да не го забележа. Веќе извесно време, особено по конфликтите во Сирија, Јемен, Авганистан, па и Либија, употребата на прокси-сили, или како што некои во Европа милуваат да ги нарекуваат сурогати, стана атрактивна алатка.
Иако е алатка форсирана од Западот, прокси-силите или користењето на недржавните актери за постигнување политички цели стана посакувана и исплатлива алатка. Денес во екот на тековната дигитализација и конвергенцијата помеѓу сајбер и физичкиот простор таквата пракса за „аутсорсинг“ на сила стана интересна алатка за голем број државни субјекти. Проблемот е комплициран дотолку повеќе што со овој експеримент на Западот, за да се избегнат импликациите на домашна почва, но и од лидери што во екот на цутот на либералната моќ, водени од чисто економската логика на профит, ефикасност и ефективност, според која безбедноста е трошок, за да ги намалат средствата, буквално „рентаа“ сили. Тоа стана лукративно примамливо и поради фактот што некои од западните држави на почетокот сфатија дека во експедициските операции за присуство (најмногу како дел од ангажманот во ООН), ова е супер замена за регуларните оружени сили, бидејќи далеку е поевтин, ефикасен според економската либерална логика, и најважно од сѐ во таквата матрица на владеење го трга товарот на политичка одговорност.
Накратко, или најпоедноставено кажано, државата е присутна, во даден конфликт или политички ангажман, ама не е. Недржавниот актер има договор да дејствува во име на државата, за тоа добива сума, а сопственикот на овој „аутсорсинг“, треба да има капацитет да се справи со предизвикот на кој се нафатил.
Сепак, да бидеме коректни, овој експеримент има своја позитивна логичка смисла. Ефикасноста и ефективноста во даден момент се сериозна предност. На пример, голем дел од дополнителните или несуштинските активности што се појавија за безбедносните сили, а кои порано поради целото опкружување, (монополот на моќ од страна на државата и ресурсите), можеа да го изведуваат само државни органи, со интензивирањето на глобализацијата и технолошкиот развој, тоа се смени. Дерегулацијата на моќта, и со тоа губењето на монополот над неа од страна на државите за сметка на корпорациите, стана тренд. Во исто време, во занесот на доминација и немање сериозен предизвик (како што тоа беше комунизмот за време на Студената војна), либералните елити ја загубија геостратегиската перспектива, во која чистата економска логика на пристап кон безбедноста и нема некоја смисла.
Но тоа преовлада, а со тоа и идејата за користење приватни компании под наем.
Тоа, пак, како и дерегулацијата на целиот свет што го знаеме и кој е уреден во согласност со нормите и правилата, стана предизвик поради две причини. Прво, поради тоа што недржавните актери акумулираа огромна моќ. Второ, поради тоа што правилата и принципите на меѓународното право се создадени – пресликани од идејата за општествениот договор и создавањето на државата. Накратко или наједноставно, граѓаните – народот – демосот ги ополномоштуваат оние што владеат да управуваат во нивно име и за сметка на апсолутната слобода добиваат безбедност. Демократијата (која е најлоша форма на владеење, освен сите други – според Черчил) успеала барем во даден период, да најде соодветен модус како да го балансира контролирањето на моќта што им се дава на оние што управуваат, со цел да ја задржи сувереноста на демосот. Изборите и мандатот преку што вертикално поставениот свет успева да воспостави баланс на контрола. Следен баланс и контрола на моќта на власта се воспоставени преку она што Монтескје го вели – децентрализација на моќта на власта по хоризонтала (судска, извршна и законодавна). И конечно, уште една алка во контролата е поделбата на локална и на централна власт.
На тој начин, слично преку договарање, е создаден и светскиот поредок уреден преку ООН и договорите на државите. Всушност и самата ООН е договор, а и сите меѓународни правила и принципи се резултат на некаков договор и согласност што ја дале државите како субјекти или институциите што тие ги создале. Овој систем, кој е стриктно вертикален, сепак, во екот на доминација на либерализмот по Студената војна доби хоризонтални решенија за потребата за брз одговор и бајпасирање на бирократијата. Дел од либералната елита го нарече тоа (за дел зборувавме и во минатите колумни) мека моќ или трак-ту дипломатија. И тука некаде, всушност, започнува да се јавува проблемот. Особено, поради идејата преку механизмите за мека моќ да се користи условно кажано „тврдата моќ“. Дерегулацијата на моќта и губењето на монополот на моќ од државата на тој начин е стимулирана за добри цели. Интензивирањето на глобализацијата и технолошкиот развој дополнително го забрзуваат процесот на губење на монополот на моќта на државите и нејзино акумулирање во рацете на недржавните актери.
За ова, сепак, има писание малку поодамна. Едно такво писание, кое објаснува како во економска смисла оваа дерегулација на монополот на моќ ќе се одрази, е на пример делото „Суверена индивидуа“ на лордот Вилиам Рис и Џејмс Дејл Девидсон. Создавањето на оваа индивидуа е резултат на капацитетот на индивидуалците и корпорациите да акумулираат економска моќ. И ако ова во доцните деведесетти од минатиот век ќе беше примено со резерва и подзаборавено, Закерберг, Безос и другите незнајни моќници се чини итаат кон тој свет. На тој начин, акумулирањето на моќта во поединецот е проблем бидејќи меѓународниот систем не ја препознава индивидуата или недржавниот актер како субјект.
Да, точно е дека постојат договори и обиди да се уреди дејствувањето на недржавните актери, но брзината со која се надградува системот на меѓународен план не може да го следи развојот на (условно кажано) вирусот наречен недржавни актери, особено поради моќта на дејствување. Само еден пример, кога Трамп сакаше да ѝ воведе санкции на Кина, мораше да се консултира со извршниот директор на „Епл“ за да види како ќе му се одрази тоа нему.
Трендот станува сериозен што овие актери се објекти не субјекти, на правото и со тоа се своевиден „глич“ на системот. Тие се предизвик што има капацитет да го потресе светот, но во исто време се исклучително потребни бидејќи се двигател на прогресот во најголема смисла на зборот. Најверојатно на светот ќе му требаат големи умови за да го најдат вистинскиот модел што ќе понуди решение на предизвикот што се појавува од субјект, кој е исклучително битен, а сериозно опасен, ако продолжи да дејствува во вакво опкружување. Она што, сепак, мора да се забележи е дека франшизата на конфликтот е процес што забрзано се случува, и тоа во сите сфери – економска, информациска, дипломатска, а најопасно од сѐ е во дипломатската.
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на
Државниот универзитет во Аризона, САД.