Светлосниот утопизам на Тесла (7)

„Светлината за мене е Бог“ – Тесла

Новите митови за науката, одминувајќи го Тесла, се Ајнштајн и Хокинг во астрофизиката. Да не одиме потаму. Тоа го фрла Тесла како „практичар“ на маргината на теориската наука, иако тој некаде и пред Ајнштајн ја чува статичната слика на вселената на Њутн, со тоа што му успева нејзината влечна сила гравитацијата да ја впрегне во енергетски кружен тек, како што е тоа во древните митови, особено кај Индусите. Не случајно и неговиот омилен симбол е топката со епицентар од кој се отвораат круговите на космичките сфери. Со тоа тој интуитивно се поклопил со идејата на Свети Августин дека не постои периферија, туку сè е центар, бидејќи Бог е во сè и сè е во Бог“.
Сеедно. Практичните пронајдоци на Тесла, сепак, кријат многу тајни за да се објаснат лесно и докрај со поедноставена научно-техничка терминологија. За тоа бил свесен и самиот тој кога својот најгенијален пронајдок, струјата, го дефинирал како Бог. Да, оти и пред, како студент, да ја прочита книгата на Вилијам Кукс со идејата на зрачење на материјата, Тесла неа интуитивно ја открил уште во детството, во сликата на мачорот чии влакна фрлаат искри, додека го галел во темната личка ноќ. Тогаш се јавила кај него идејата за струјата и го видел во визија Светиот Дух како шета со знамето на светлината низ вселената. Да, оти неговите изуми секогаш ѝ бегаат на сциентистичката строго рационална логика на умот, понекогаш стремејќи и кон магнетното поле на поезијата, со која, како што забележа и Хајзенберг, мислејќи конкретно на физиката, се амалгамизира модерната наука.
Доволно. Тука некаде привршуваме со нашата фасцинација од утопистичките идеи и научната и визионерска имагинација на Тесла директно на неговата струја-Бог приклучена на штекот на енергијата на Создателот. Оти тој, фигуративно речено, како да е еден од Исусовите апостоли со бескрајна вера, во случајот научна, кој успева со неа, како што велеше матефорично месијата, да ја фрли планината в море и да зачекори и по површината на водата. Тоа што не им успеа на апостолите. Со таква огнена вера и гениј, имено, тој и успеал да ја совлада влечната сила на Њутн гравитацијата и да ѝ даде вечен кружен енергетски тек, во што не веруваше неговиот париски професор Пешел. Да ја впрегне во кругот што владее со ритамот и законите на вселената, без разлика што него теоријата на Ајнштајн Е=МС2 и го искриви во елипса, феноменот што прв го забележа Кеплер. Така беше откриен енергетизмот на спиралата, интуитивно насетена уште во доцниот неолит во железната епоха, потоа вглобена во митовите, а силно реактуализирана и во современата уметност, во поезијата на Блејк и особено екстатично како филозофски концепт во сликарството на Ван Гог.

Да. Тесла не е, како што го сметаат многумина, сув сциентистички прагматичар. Тој едноставно, замислувајќи и произведувајќи разни машини, мотори и динама што ќе го движат материјалниот напредок на човекот, немал време како Ајнштајн и Хокинг да ги образложува теориски своите научни идеи, немал време ни подетално да ја развие својата слика на вселената, со која тој ја доведувал во врска човековата психа и нејзиното функционирање, за што веќе стана збор. Оти веројатно и тој, како Лаплас, мислел и замислувал дека ингениозниот ум може целокупното постоење и слика на вселената да ги собере и претстави само во една единствена математичка формула. Дека, пак, Тесла паралелно со видливиот свет на материјата и предметите се интересирал и за мистичните подрачја како што се тоа теозофијата и спиритизмот нема сомнение. И пак тука ја барал алхемиската синтеза, врската меѓу нив, па така, на пример, спиритизмот го сметал не како празно суеверие, туку изнел мислење дека тој е „природна фиданка на интелектуалниот развој на човекот“. А тоа, пак, од своја страна јасно кажува дека поимот интелект за него не е некој вид догматски востановен логос, рацио или разум, туку е многу повеќе од тоа, седиште на универзалната Тајна што му бега на рационалното расудување, на разумот што го востоличи како некој вид врховно божество или тотем западното просветителство.
Имено, тој и таквиот интелект е всушност, ако добро размислиме, и скриениот извор од кој во крајната инстанца директно, како и неговата струја, се напојува и утопизмот на Тесла, збогатен не само со рудата на умот туку и со ураниумот на душата. Оти, аскет и во својата скромност, иако колосален гениј, Тесла самиот не бил свесен дека на земјата е испратен од самиот Создател како ангел на светлината, и тоа по многу милениуми од почетокот на цивилизацијата, за да ја осветли неа со светлина и да ја изведе на површина од темната космичка ноќ во која била заглавена. Тој, гениј од Балканот кого денес Европа, која исто така штедро ги користи неговите пронајдоци, го држи во гето како сива полуцивилизирана, или за неа сосема нецивилизирана зона. Тој, Тесла кој ја осветли западната супрематистичка ариевска цивилизација и го забрза до невидени размери нејзиниот индустриски elan vital и го подигна на ента степен нејзиниот економски развој. Развојот со кој, лакома, таа не се задоволи и двојно ги интензивира своите крстоносни колонијалистички походи на послабите и сиромашните за зголемување на својот безбожен капитал.

Доволно. Тука ставаме точка на нашата колумна, фасцинација и аргонаутска пловидба низ утопистичките визии на генијот од балкански Смиљан, кои црпат енергија од универзалната тајна на постоењето. Неа христијаните ја именуваат со Светиот Дух како, јунговски речено, едно од сопствата на битието, а Индусите со поимот кундалини што ја означува космичката енергија. Толку сега за сега, драг читателу, оти и по смртта Тесла некако останува како осамен илузионист и утопист на човековата среќа. Така, оти мислеше дека неговите изуми од струјата до безжичната енергија на електронската технологија, која пак благодарение на него како бенефиција ја користиме денес, светот ќе заживее не само материјално туку и духовно и душевно посреќно. Веруваше дека ќе завладеат мир и разбирање меѓу народите. Некој рационалист би рекол дека тука се работи за „слепило“ карактеристично за луѓето илузионисти, донкихотовци што не ја сфаќаат сликата на реалната човекова егзистенција. Дека тоа се луѓе, како што би рекол Шекспир, создадени само од материјалите на сонот. Егзистенцијата што Јасперс ја дефинира со еден единствен збор сеопфатност и која е многу покомплицирана, на пример, од космолошката слика на Кант, Шопенхауер и Лајбниц во филозофијата и од сликата на Ајнштајн, Кеплер, Лаплас и Хокинг во науката. И, таква, таа слика во добра мера поставена врз колку научно рационален, исто толку и мистичен и метафизички постамент, не му беше туѓа на Тесла, но премногу зафатен како научник на реализација на конкретната среќа на човештвото како еден вид негов родител тој немаше многу време да ѝ се посвети на теоријата. Немаше време да ужива во разните теориски шпекулации, во аргонаутската игра на умот отворен кон тајната на прапочетокот и создавањето кое сè уште трае, ширејќи ја вселената и роејќи сè нови и нови галаксии и универзуми понекогаш одвај дофатливи и за нашата имагинација.

Така, иако, веќе нагласивме, изумите на Тесла, многу од нив, се и сами по себе доволни како материјал за богати теориски шпекулации. Погледнати, на пример, едно столетие пред неговото раѓање неговите пронајдоци, идеи и научни визии би биле екстраутопистички, иако се тие тоа и по неговата смрт во добра мера. Оти универзалната тајна и кога ќе се јави опредметена во некој конкретен научен изум, таа не му припаѓа само на она што Аристотел го вика tehne (вештина) туку и на естетскиот и онтолошки импулс на душата. Со други зборови, и на човековата Среќа (со голема буква), која кај Тесла имаше димензија на визија и на фасцинантен утопизам, небаре како Лајбниц и тој веруваше дека овој свет, и покрај сите темни места во него, е најсреќниот од сите светови во вселената. Утопист до бескрај, Тесла посебно веруваше дека неговиот најфасцинантен изум, безжичната технологија, со приближување на далечините ќе ги интимизира и хуманизира човекот и човештвото. Нешто што, имено, поради својата бескрајна утопистичка верба во светлата страна на човековиот ум и душа Тесла не го предвиде. А можеби и не сака да го предвиди, да поверува дека темното помрачение ќе го избрка светлиот Ангел од човекот. Да. Оти веројатно болно ги доживеа двете светски војни на западната супрематистичка цивилизација. Втората не ја истера докрај. Умре во 1943-та како пустиножител среде цивилизацијата на технолошки и индустриски подем, во една хотелска соба во Њујорк. Можеби и навреме, пред да бидат фрлени американските атомски бомби на Хирошима и Нагасаки во август 1945-та, отворајќи ја модерната епоха на дезилузионизмот. Можеби Тесла немаше да го преживее тоа, оти ја обожаваше Америка, за која мислеше дека е цело едно столетие пред Европа. И навистина, оти таа го демонстрираше тоа и со своите пеколни атомски бомби.

(крај)